Македонија
Кузеска: Три месеци по ред се намалува просечната плата – стандардот на граѓаните опаѓа

Со Мицкоски како премиер, трошоците за живот растат, реалната плата се намалува a животниот стандард на граѓаните опаѓа, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, три месеци по ред се намалува реалната нето-плата, а два месеци по ред се намалува номиналната нето-плата.
„Во мај 2025 просечната плата била 45 796 денари, а во јули 45 276 денари. Тоа значи 520 денари пониска плата, во услови на повисоки цени на основните трошоци. Намалувањето на реална плата значи дека стандардот на граѓаните опаѓа а расте сиромаштијата. Синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство веќе надмина 65.000 денари месечно. Граѓаните со својата плата купуваат сѐ помалку, бидејќи цените растат, а примањата опаѓаат. Едно просечно домаќинство не може да ги покрие основните трошоци за храна, сметки, превоз и лекови. Ваквиот пад на стандардот е директна последица на неспособната на владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и промашените економски политики. Ова е влада која воопшто не се грижи за граѓаните и мисли само на својот луксуз“, рече Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу најави надградба на хибридната сала на Клиниката за државна кардиохирургија: „Единствена од ваков тип во државата и регионот“

Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денеска ја посетија Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, по повод промоција на надградена хибридна сала во оваа установа, која, според надлежните, е единствена во регионот од ваков вид.
-Продолжуваме со инвестиции од инфраструктурна и техничка гледна точка. Денеска сме тука по повод надградба на хибридната сала, што е единствена хибридна операциона сала во нашата држава и пошироко во регионот. Станува збор за современа апаратура што овозможува детекција, анамнеза и интервенција, а потоа и следење на здравствената состојба на пациентот при кардиохируршките интервенции, посочи Алиу.
Со новиот компјутерски томограф, за кој се обезбедени средства од Министерството за здравство во вредност од 2 милиона евра, со најсовремени софтвери, овозможени се услови со кои нашата држава се вбројува меѓу водечките центри во оваа област. Софтверите на ангиографот и томографот се целосно комплементарни и овозможуваат највисок стандард во ендоваскуларниот третман, истакнуваат од Министертвото за здравство.
Македонија
Следната недела почнува исплатата на пензиите покачени за 1.000 денари, напролет ќе се зголемат за уште 1.000

Септемвриската пензија пензионерите ќе ја добијат со покачен износ за 1.000 денари. Исплатата ќе почне следната недела.
„Од 1 октомври е првичната корекција на пензиите, она линеарно зголемување, а потоа ќе има и напролет, со што ќе се заокружи оној инвестициски циклус и зголемување на пензиите за пензионерите линеарно со вкупен износ за пензионер од 7.000 денари. Тоа практично ги надминува оние 5.000 денари што ги зборувавме за време на кампањата“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Ова е трето покачување на пензиите во последната година. Во септември лани тие беа зголемени за 2.500 денари, а за ист износ пензиите се зголемија и во март годинава.
Македонија
Мицкоски од кардиохирургија: Вложуваме во здравствениот сектор

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека за него претставува голема чест и задоволство што може да биде заедно со медицинскиот персонал, професорите, академиците и сите оние кои, како што рече, имаат огромна заслуга за постигнувањата што денеска беа презентирани на Универзитетската клиника за кардиологија и кардиохирургија.
„Тоа што денеска го видовме е нешто што можеме ние да го видиме овде во Скопје, во Клиничкиот центар, во зградата на Кардиологија и Кардиохирургија, но тоа не можат да го видат клиниките во Белград, во Загреб или во Љубљана на пример. Треба да сме среќни и треба да поздравуваме ваков тип на проекти, затоа што пациентите тоа што можат да го добијат во Македонија не можат да го добијат да речеме пациентите во Белград, Загреб и Љубљана.
Она кое што исто така ни го демонстрираа луѓето е фактот дека сега додека се вршат кардиолошките процедури можат истовремено да се вршат и кардиохируршките процедури.
Зашто го кажувам ова? Не го кажувам наивно, го кажувам затоа што како Влада планираме процесот на интегрирање на клинички центар да го започнеме со интегрирање на кардиологија и кардиохирургија во национален васкуларен центар“.
Тој процес како што кажа Мицкоски е веќе започнат и е во фаза на подготовка, но веднаш по изборите најави поробусно и поинтензивно продолжување на истиот.
Најави дека како Влада ќе ги подржуваат сите такви напори на клиниките, на болниците во Македонија, а поддршката ја добиваат и од министерот и од директорот на фондот.
„Очекувам со вакви убави вести да се јавиме и од проектите кои што се во тек, да ја информираме македонската јавност, а веднаш после завршувањето на изборите ќе имаме малку поробусна акција и поголем фокус на здравството кој што ќе биде прв приоритет“.