Спорт
Дембеле ја освоил „Златната топка“ со 319 гласа предност пред Ламин Јамал

Француската ѕвезда Осман Дембеле, новиот добитник на престижната награда „Златна топка“ во изборот на „Франс Фудбал“, убедливо го победил Ламин Јамал, кој заврши на втората позиција.
Иако дел од јавноста очекуваше израмнета трка меѓу двајцата, официјалните резултати покажаа значителна разлика.
Дембеле освои вкупно 1380 гласови, додека Јамал собра 1059. Предноста од 319 гласа му обезбеди сигурна победа на Французинот.
На третото место се најде соиграчот на Дембеле од ПСЖ, Витиња, кој доби 703 гласа, речиси двојно помалку од победникот Дембеле.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Вест Хем го отпушти менаџерот Грем Потер

Вест Хем го отпушти тренерот Грем Потер по само осум месеци на клупата, откако тимот под негово водство забележа само шест победи во 25 натпревари.
Одлуката следеше по поразот од Кристал Палас (1-2) на домашен терен, со што лондонскиот клуб падна на 19. место во Премиер-лигата со само три бода од пет кола. Оваа сезона Вест Хем прими 13 голови, а постигна само пет.
Англискиот стручњак во јануари потпиша двегодишен договор и го наследи Хулен Лопетеги. Во тој период тимот беше 14. на табелата и ја заврши сезоната на истата позиција, со пет победи во 18 натпревари под водство на Потер.
Навивачите во изминативе недели јавно го искажаа незадоволството од резултатите и од раководството, а за време на мечот против Палас се слушаа и повици од трибините: „ќе бидеш отпуштен утре“.
Според британските медиуми, раководството на Вест Хем веќе водело разговори со Нуно Еспирито Санто, поранешен менаџер на Нотингем Форест, како и со Славен Билиќ, кој претходно го предводеше клубот.
Спорт
Вареловски: Со победа денеска нештата да тргнат на подобро за Тиквеш

Тиквеш се соочува со проблеми уште од почетокот на сезоната, но се чини дека полека работите доаѓаат на своето место и се верува дека токму по денешниот натпревар следуваат подобри резултати во Првата фудбалска лига.
Кавадарчани во моментов се на десеттото место на табелата со пет освоени бода и со евентуален триумф денеска на свој терен од 15:00 часот против Македонија ЃП, нештата може само да се подобрат што е и примарна цел за сите во клубот.
„Мора да се признае дека ова е турбулентен период за Тиквеш. Доколку победиме денеска ќе се вратиме во нормален тек. На гостувањето против Шкендија одигравме добро и штета што не успеавме да освоиме бод. Очекувам дека во иднина ќе постигнуваме подобри резултати. Ако ја погледнете табелата самите ќе се уверите дека екипите се израмнети. Ние имавме лош старт на сезоната, но конкуренцијата е израмнета и поради тоа ние немаме поголемо заостанување зад останатите екипи. Играме добро, создаваме шанси, но за жал постигнавме само три гола што значи дека мораме да ја подобриме реализацијата. Се надевам дека бргу ќе излеземе од кризата “, изјави искусниот Александар Вареловски.
Спорт
ФИФА суспендираше седум репрезентативци на Малезија поради фалсификување на документи

Дисциплинскиот комитет на ФИФА донесе строги мерки против Фудбалската асоцијација на Малезија (ФАМ) и седум интернационални фудбалери – Габриел Палмеро, Факундо Гарсес, Родриго Холгадо, Иманол Мачука, Жоао Фигеиредо, Џон Иразабал и Хектор Хевел – поради злоупотреба на документи и прекршување на Дисциплинскиот кодекс. Играчите имаат аргентинско, шпанско, бразилско и холандско потекло, а Гарсес настапува за шпанскиот тим Алавес од Ла Лига.
Според објавеното, ФАМ поднела лажни документи до ФИФА за овие играчи да можат да играат за Малезија против Виетнам во третото квалификациско коло за Азискиот куп на 10 јуни.
Како резултат на тоа, Малезија ќе треба да плати казна од 350.000 швајцарски франци, додека секој од фудбалерите ќе мора да уплати по 2.000 франци.
Покрај финансиската санкција, сите седум играчи се суспендирани од фудбалски активности на период од 12 месеци од денот на објавувањето на одлуката. Оваа одлука може да се обжали пред Апелацискиот комитет на ФИФА.