Спорт
Вест Хем го отпушти менаџерот Грем Потер

Вест Хем го отпушти тренерот Грем Потер по само осум месеци на клупата, откако тимот под негово водство забележа само шест победи во 25 натпревари.
Одлуката следеше по поразот од Кристал Палас (1-2) на домашен терен, со што лондонскиот клуб падна на 19. место во Премиер-лигата со само три бода од пет кола. Оваа сезона Вест Хем прими 13 голови, а постигна само пет.
Англискиот стручњак во јануари потпиша двегодишен договор и го наследи Хулен Лопетеги. Во тој период тимот беше 14. на табелата и ја заврши сезоната на истата позиција, со пет победи во 18 натпревари под водство на Потер.
Навивачите во изминативе недели јавно го искажаа незадоволството од резултатите и од раководството, а за време на мечот против Палас се слушаа и повици од трибините: „ќе бидеш отпуштен утре“.
Според британските медиуми, раководството на Вест Хем веќе водело разговори со Нуно Еспирито Санто, поранешен менаџер на Нотингем Форест, како и со Славен Билиќ, кој претходно го предводеше клубот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Нуно Еспирито Санто ќе биде нов менаџер на Вест Хем

Вест Хем реши да се раздели со менаџерот Грем Потер, но брзо ја затвори оваа страница и веднаш најде ново решение.
Само неколку часа по разделбата, од Лондон стигна вест дека Нуњо Еспирито Санто е назначен за нов тренер на „чеканите“. Со тоа Вест Хем добива искусен стратег кој добро го познава англискиот фудбал.
Португалецот веќе има богато искуство во Премиер лигата. Ги предводеше Вулверхемптон, Тотенхем и Нотингем Форест, а сега ќе се обиде да ја стабилизира ситуацијата во составот на Вест Хем.
Спорт
Атлетико ќе се обиде да го сопре залетаниот Реал во градското дерби

Мадридското дерби меѓу Атлетико Мадрид и Реал Мадрид ќе ја раздвижи шпанската престолнина денеска, кога двата гиганти ќе се сретнат на стадионот „Ер Метрополитано“. Натпреварот од седмото коло на Ла Лига започнува во 16:15 часот и се очекува да биде еден од најинтересните судири на почетокот од сезоната.
Тимот на Диего Симеоне ќе се обиде да го сопре залетаниот противник, кој досега покажува импресивна форма во првенството. Реал Мадрид доминира од самиот старт, заземајќи го првото место со максимални 18 бода од шест натпревари и импресивна гол-разлика од 14-3.
Од друга страна, Атлетико Мадрид се наоѓа на осмото место со девет бода, со две победи, три реми и еден пораз во првите шест кола.
Атлетико Мадрид демонстрира нестабилност, што веќе го оддели тимот од Реал Мадрид и Барселона. Избраниците на Диего Симеоне направија чекор во вистинска насока пред неколку дена со важна победа над Рајо Ваљекано (3-2), во меч во кој Хулиан Алварез блескаше со хет-трик. Претходно, тие ремизираа со Мајорка (1-1), а во Лигата на шампионите претрпеа драматичен пораз во финишот од Ливерпул со 2-3.
Реал Мадрид е во одлична форма со пет последовни победи во сите натпреварувања. „Кралевите“ го разбија Леванте како гости (1-4), претходно победија Еспањол (2-0), а во Лигата на шампионите го совладаа Марсеј (2-1).
Во Ла Лига, „кралскиот клуб“ забележа уште две победи, над Реал Сосиедад (2-1) и над Мајорка (2-1).
Спорт
Христов: Сакаме да продолжи позитивната серија на Македонија ЃП

Екипата на Македонија ЃП на последните четири меча во домашниот шампионат има три победи и еден пораз. Во текот на оваа серија совладани се Пелистер, Брера и Шкупи додека единствениот неуспех беше на гостувањето против Вардар.
Благодарение на победничката низа „лавовите“ полека но сигурно се искачуваат на табелата со девет освоени бода и во моментов се на шестата позиција.
Денеска Македонија ЃП ја очекува нов предизвик. Во Кавадарци од 15:00 часот се среќава со екипата на Тиквеш. Нема лесни противници, нема лесно освоени бодови на ниту еден терен. Македонија ЃП тоа почувствува на минатонеделното гостување кај Шкупи. На тој меч рано постигнатиот гол за водство ја олесни задачата.
„Планот е сличен и за денешниот дуел. Максимална концентрација, ангажираност од првата секунда. На време постигнат гол, контролирање на ситуацијата. Подготвени сме. Имаме добра атмосфера во тимот, победите си го прават своето. Максимален респект за противникот, Тиквеш е квалитетен тим. Неговата позиција на табелата не е реален показател на силата на овој тим. Како што на пример не беше ни нашата на стартот на шампионатот. Добрата работа, тренинзите, вложувањето на терен секогаш го даваат резултатот. Ако правиме се како што треба, бодовите нема да изостанат“ – вели искусниот Симеон Христов.