Спорт
Бруно Фернандеш промаши пенал, Јунајтед поразен од Брентфорд

Манчестер Јунајтед повторно разочара, овојпат со пораз од Брентфорд (3-1) во Лондон, во меч од шестото коло на Премиер – лигата. Херој на домаќините беше Бразилецот Игор Тијаго со два погодоци уште во првите 20 минути.
Јунајтед се врати во игра преку новајлијата Бењамин Шешко, кој го постигна дебитантскиот гол и намали на 2-1, но тоа беше максимумот што „црвените ѓаволи“ го покажаа. Во второто полувреме гостите доминираа, но најголемата шанса ја прокоцка капитенот Бруно Фернандеш, откако неговиот пенал го одбрани Каомин Келехер.
И покрај офанзивните измени на Рубен Аморим, Јунајтед не најде решение во нападот, а во длабокото судиско продолжение Матијас Јенсен ја запечати победата на Брентфорд.
Ова е нов тежок удар за Манчестер Јунајтед, кој и натаму ја разочарува својата навивачка армија со нестабилни настапи и порази.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Борусија Дортмунд триумфираше на гости кај Мајнц

Борусија Дортмунд забележа победа на гостувањето кај Мајнц, совладувајќи го противникот со 0-2 во петтото коло на Бундеслигата.
„Милионерите“ ја решија судбината на натпреварот уште во првото полувреме, кога за водство погодија Даниел Свенсон и Карим Адејеми.
Во второто полувреме, Борусија Дортмунд ја контролираше играта без поголем напор, задржувајќи го водството и рутински го завери триумфот. Ова е четврта победа за тимот на сезонава, со што сега има два бода помалку од лидерот Баерн Минхен.
Баер Леверкузен славеше на гости кај Сент Паули со 1-2, со головите на Тапсоба и на Поку.
Во другите натпревари, Хајденхајм на домашен терен го совлада Аугсбург со 2-1, а Лајпциг со минимални 1-0 го победи Волфсбург.
Спорт
Тиквеш подобар од Македонија ЃП, Арсими го совлада Шкупи

Тиквеш успеа да слави со 2-1 против Македонија ЃП, додека Арсими ја совлада Шкупи со 4-2 во денешните натпревари од Првата македонска фудбалска лига.
Во Кавадарци, Тиквеш поведе рано, во деветтата минута, со голот на Берат Садик со удар со глава. Македонија ЃП израмни во 58. минута преку пеналот реализиран од Ѓорѓи Стоилов, но Иван Ивановски во 68. минута донесе победнички погодок за домаќините.
Во Гостивар, Арсими беше подобар од Шкупи и славеше со 4-2. Иако гостите успеаја да израмнат на 2-2 во 76. минута, Арсими со два голови во завршницата ја обезбеди конечната победа.
Спорт
Скршен, заборавен, но не и поразен – Деулофеу ветува спектакуларно враќање

Жерар Деулофеу (31), некогашниот голем талент на Барселона, веќе скоро две години не одиграл официјален натпревар поради сериозна повреда на коленото. Шпанецот призна дека постои можност да се повлече од активниот фудбал, иако сè уште се надева на враќање.
„Ќе биде многу тешко, но сакам да испишам историја – да бидам играчот кој најдолго бил надвор од терените, а сепак успеал да се врати“, изјави Деулофеу.
По инфекција на ’рскавицата кон крајот на 2022 година, неговата состојба дополнително се искомплицирала. „Борбата е и физичка и психолошка. Понекогаш мислам да се откажам, но моето семејство и мојот тим ме држат во игра“, додава поранешниот фудбалер на Барселона, Евертон, Милан, Вотфорд и Удинезе.
Како инспирација го наведува Санти Казорла, кој по 11 операции успеа да се врати на терен и денес на 40 години игра за Овиедо.
Деулофеу за шпанската репрезентација има четири настапи и еден постигнат гол, а најдобрата сезона ја одигра во дресот на Удинезе во 2021/22, кога даде 13 погодоци.