Спорт
Брера верува во добра игра и освојување на бодови на Арената

Фудбалерите на АП Брера забележаа две победи на последните три натпревари и забележаа скок на табелата, но сега сакаат да продолжат во ист стил и на гостувањето во Скопје, на дуелот со Работнички. Се чини дека гостувањата засега се „слабата точка“ на струмичани и сакаат тоа да се подобри уште на овој меч со „романтичарите“.
Младиот стратег Мартин Алаѓозовски вели дека тимот е подготвен за надигрување.
„Го респектираме Работнички, мислам дека имаат многу квалитетен состав. Но, и ние сме мотивирани да одиграме добро на Арената во Скопје и да освоиме бодови. Доаѓаме да се надигруваме, имаме тим кој има што да каже на секој натпревар во елитата. Ќе сториме сѐ да освоиме бодови и да продолжиме со позитивен тренд во шампионатот“, вели шефот на стручниот штаб на АП Брера.
Натпреварот меѓу Работнички и АП Брера се игра од 15:00 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Стартува новата кошаркарска сезона со Суперкупот „Драган Василов – Цевка“

Новата македонска кошаркарска сезона официјално почнува денеска со возбудливите дуели за трофејот во Суперкупот „Драган Василов – Цевка“, и тоа во машка и женска конкуренција.
Првата пресметка ќе биде во женска конкуренција, каде што од 17 часот на паркетот на СРЦ „Кале“ ќе излезат екипите на Баскет Кам од Македонска Каменица и Вардар од Скопје. Победникот ќе го освои првиот трофеј во новата сезона.
Кулминацијата следува вечерта во 19:30 часот со машкиот натпревар, кој носи вистинско дерби: актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром против финалистот на Купот на Македонија, Кожув од Гевгелија.
Ова ќе биде реприза на минатогодишното финале и уште една можност за двата тима да ја измерaт силата на самиот старт од сезоната.
Спорт
Анчелоти: Абрамович ми даде отказ зошто го сменив неговиот омилен играч

Карло Анчелоти откри како Роман Абрамович му го отежнал животот во Челси и зошто на крајот го остави без тренерската позиција.
Карло Анчелоти е еден од најуспешните фудбалски менаџери во историјата, но признава дека неговото време во Челси било поинакво од сите други ангажмани.
Славниот италијански тренер открива во својата нова автобиографија дека животот под рускиот олигарх Роман Абрамович бил постојана борба, која имала малку врска со фудбалската слобода.
„Абрамович беше како упорна сенка која секој ден стоеше над мене“, напиша Анчелоти.
Анчелоти пристигна на „Стемфорд Бриџ“ во 2009 година и на клубот му донесе титула во Премиер лигата и ФА куп уште во првата сезона. Се очекуваше тоа да биде долгогодишен проект, но реалноста беше поинаква.
„Имав фантастични моменти во Челси, но чувствував дека секој триумф е само почеток. Со Абрамович не можеше да се дише“, се сеќава Италијанецот.
И покрај историската двојна круна, следеше сурова реалност. Челси не успеа да ја одбрани титулата и испадна од Лигата на шампионите во четвртфиналето против Манчестер Јунајтед. Анчелоти веднаш беше разрешен, точно во ходникот на стадионот на Евертон.
Според Анчелоти, она што Абрамович го разликувало од другите сопственици бил неговиот пристап.
„По поразот од Виган во септември, тој веќе следниот ден беше лично на тренинг. Бараше објаснувања како да е дел од тренерскиот тим. Ниту еден друг сопственик, било тоа Берлускони, Ал-Келаифи или Перез, не беше толку вклучен во секојдневната работа.“
Абрамович бил опседнат со еден трофеј, Лигата на шампионите.
„Јасно даде до знаење дека неговата цел е Европа. Премиер лигата или домашните натпреварувања не му беа доволни“, додава Италијанецот.
Тешката ситуација ја дополнуваше и фактот што клубот пред Анчелоти го водеше Жозе Мурињо, со кого Абрамович прекина соработката во 2007 година. Меѓутоа, Португалецот веднаш се потсети – токму неговиот Интер го елиминираше Челси од натпреварувањето во 2010 година.
„Триумфот на Мурињо беше проблем за мене. Требаше да бидам спротивност на Мурињо, да докажам дека неговата ера завршила. Но, натпреварите со Интер покажаа спротивно и тоа ја ослабна мојата позиција“, призна Анчелоти.
Клучниот момент се случи една година подоцна. Челси се соочи со Манчестер Јунајтед во четвртфиналето на Лигата на шампионите, а Анчелоти одлучи да го замени Фернандо Торес на полувреме. Шпанецот, кој беше потпишан за рекордни 50 милиони фунти, не беше во форма.
„Торес се бореше сам со себе, му беа тешки и главата и нозете“, се сеќава Анчелоти.
„Знаевме дека му треба време, но мене ми требаше резултат.“
Абрамович го доживеал овој потег како лична навреда.
„Замената на Торес беше директен сигнал до сопственикот. Во тоа време заборавив дека сопственикот никогаш не можеш да го победиш“, пишува тренерот.
Спорт
Киву: Калјари нѐ изненади со промена на тактиката, но најважно е дека победивме

Кристијан Киву призна дека Франческо Пио Еспозито го изненадил со својот прв гол во Серија А за Интер, но изрази загриженост за силата на Калјари при статичните ситуации. „Нероаѕурите“ најдоа баланс помеѓу ротација во составот и концентрација за да го совладаат домашниот тим со 0-2 во натпреварот од петтото коло на шампионатот на Италија.
„Калјари нѐ изненадија малку со промена на тактиката, но нашите принципи останаа исти и резултатот го отворивме рано“, изјави Киву.
Тренерот беше забележан како бурно слави крај линијата по вториот гол, особено затоа што тоа беше прв гол во Серија А за Пио Еспозито.
„Не треба да забораваме дека тој има само 20 години, целата иднина е пред него. Треба само да продолжи да работи на ист начин. Има одлични квалитети, но и голем потенцијал за напредок, па треба да остане со цврсти нозе на земјата. Признавам, ме изненадува колку добро се справува, игра за тимот и знае како да направи одредени работи, не се плаши од ништо, останува смирен пред голот и среќен сум што успеа да го постигне првиот гол. Можеби тоа ќе му помогне да се опушти уште повеќе“, додаде Киву.
Сега Интер треба да се подготви за Лигата на шампиони, откако во вторник ќе ја пречека Славија Прага на „Џузепе Меаца“, по победата над Ајакс со 0-2 како гостин.