Спорт
Шрудер му одговори на Атаман: За среќа, никогаш нема да ми бидеш тренер

Се чини дека крајот на Евробаскетот не значи и крај на расправиите – барем не меѓу селекторот на Турција, Ергин Атаман, и МВП на турнирот, германскиот плејмејкер Денис Шрудер.
Сè започна кога Атаман изјави дека е „најдобриот тренер во последните десет години“. На тоа реагираше Шрудер, а турскиот стратег возврати со коментар дека Германецот е „проблематична личност“.
„Германија победи во натпревар кој мислеше дека ќе го изгуби, па играчите добија дополнителен елан. Шрудер со ова видео покажа одреден проблем во карактерот. Не е тоа голем проблем, го припишувам на младоста. Но, тренерите во НБА треба да размислат – не е случајно што игра за различен тим секоја година“, изјави Атаман.
МВП-играчот на Евробаскетот не молчеше. Со порака на Инстаграм, Шрудер му возврати директно:
„Среќа што никогаш нема да бидеш мој тренер. Јас не ја започнав оваа расправија – ти ја започна. Ако веќе зборуваш глупости, поткрепи ги со аргументи – а тоа не го направи. Жал ми е, тренеру, звучи како да си повреден. Сепак, само љубов. Јас ќе бидам тоа што сум, а луѓето што ме познаваат – знаат.“
Не е првпат Атаман да влегува во вербални дуели со противници и кошаркари, но овојпат ја предизвика реакцијата на еден од најгласните и најхаризматични играчи во Европа. Спорот меѓу двајцата продолжува да ја бранува јавноста, а навивачите веќе коментираат дали ова ќе има епилог и на теренот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ливерпул се вклучи во трката со Манчестер Јунајтед за Англичанец вреден 65 милиони фунти

Ливерпул и Манчестер Јунајтед би можеле да влезат во ново големо ривалство – овојпат на трансфер-пазарот. Според информациите на англискиот медиум „Мирор“, актуелниот шампион на Англија се приклучил во трката за дефанзивецот на Евертон, Џерeд Братвајт.
23-годишниот стопер сезонава е еден од најстабилните играчи на „карамелите“ и веќе подолго време е на радарот на големите клубови. Претходно беше блиску до трансфер во Манчестер Јунајтед, но зделката пропадна по одлука на извршниот директор на клубот, Омар Берада.
Сега Јунајтед повторно покажува интерес, но конкуренцијата е посилна од кога било – Ливерпул е подготвен да влезе во жестока борба за потписот на Братвајт.
Евертон за својата млада ѕвезда бара обештетување од околу 65 милиони фунти, што би го направило еден од најскапите англиски дефанзивци во историјата.
Братвајт ја започна својата професионална кариера во Карлајл Јунајтед, а во 2020 година се пресели во Евертон. За сениорската репрезентација на Англија веќе има еден официјален настап, а неговиот потенцијал го прави многу привлечна опција за клубови кои бараат долгорочно решение во одбраната.
Спорт
МЗТ Скопје го крена Суперкупот, кај дамите славеше Баскет Кам

МЗТ Скопје повторно го крена пехарот во мак-баскетот, овојпат во Суперкупот на Македонија, совладувајќи го Кожув со 71-64. Иако важеше за аутсајдер, тимот од Гевгелија одигра храбро и му зададе многу проблеми на фаворитот, па исходот се решаваше во последните минути. За „штрковите“ ова е осмо трофејно одличје во натпреварувањето што ја отвора новата сезона.
Кожув одлично влезе во мечот и првата четвртина ја заврши со водство 11-18, а и на полувреме остана во плус (26-31). Но, МЗТ со серија преку Андоноски, Крстевски и Магдевски направи пресврт и замина на одмор со минимално водство (32-31).
Во продолжението, Парвис и Николоас беа движечка сила на Кожув и натпреварот остана неизвесен. Се менуваа водства (38-38, 43-44, 52-52), а пред последната четвртина МЗТ имаше тесна предност од три поени (55-52) благодарение на тројката на Војдан Стојановски.
Клучниот момент дојде во самиот финиш – при резултат 63-62, Стојановски повторно погоди од дистанца и донесе мир во редовите на аеродромци. Остатокот беше рутина – Дамјан Стојановски и Марин Петков од линијата за слободни фрлања ја потврдија победата.
Кошаркарките на Баскет Кам повторно го освоија Суперкупот на Македонија, откако во финалето беа подобри од Вардар со убедливи 63-44 и го одбранија трофејот.
Спорт
Сè погласни повици за суспензија на Израел од УЕФА и ФИФА, фудбалерите потпишуваат петиција

Сè повеќе се зборува за исклучување на Израел од сите фудбалски натпреварувања поради геноцидот што оваа држава го извршува во Газа, а УЕФА добива сè поголем притисок по тоа прашање.
Се очекуваше минатиот вторник УЕФА да донесе одлука за забрана за Израел, но тоа не се случи.
Сепак, исклучувањето на Израел е возможно во наредниот период бидејќи притисоците доаѓаат од сите страни.
Сега и фудбалерите го преземаат прашањето во свои раце.
Меѓу првите потписници на петицијата е 32-годишниот фудбалски ас Пол Погба, кој од оваа сезона го носи дресот на Монако, а на петицијата во моментов има уште 48 потписи од фудбалери.
Јасно е дека УЕФА ќе има голема работа, како и притисоци да не го исклучи Израел.
Сепак, како што стојат работите, сè повеќе се зголемува бројот на оние кои поддржуваат исклучување на Израел од фудбалските натпреварувања.
Како што пренесуваат медиуми од Англија, мнозинството претставници во УЕФА кои имаат право на глас се за тоа Израел да биде исклучен од сите натпреварувања под нивно покровителство, а истото се очекува да го направи и ФИФА.
Меѓународна група експерти од Обединетите нации пред неколку дена повикаа ФИФА и УЕФА да го суспендираат Израел од сите фудбалски натпреварувања, повикувајќи се на геноцидот во Газа.
Интересно е што УЕФА нема прецизна одлука што би се случило со бодовите за коефициенти кога станува збор ниту за клубовите ниту за репрезентацијата доколку натпреварите на Макаби Тел Авив бидат откажани во Лига Европа.
Веројатно репрезентациите би биле исклучени од тековните квалификации.