Македонија
„Нема независно судство со членовите под команда на СДС и ДУИ, кои Филипче го спасија од одговорност за пожарот во модуларната во Тетово“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Долгогодишните коалициски партнери СДС и ДУИ, додека заедно владееја судовите ги наполнија со свои луѓе од доверба. И овие луѓе избрани во штабовите во Струмица и Зајас во судството го спасија Венко Филипче од одговорност за пожарот во модуларната болница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче како министер за здравство ја потпишал спецификацијата за модуларната болница во Тетово и тој е директно одговорен за смртта на 14 луѓе.
Затоа што правеше анекси на договори за да ќари 20% повеќе пари, живи изгореа 14 луѓе во модуларната болница во Тетово, а за тоа не беше повикан ни на разговор во обвинителството.
Ако нашето судство и обвинителство не беше во скутот на Заев и Ахмети, Филипче до сега ќе беше зад решетки, всушност како во секоја држава со независни судско обвинителски органи.
Но, сепак, ние сме во Македонија, каде што судиите со 2% доверба од граѓаните мораа да ги оправдаат нивните назначувања и да го спасат од одговорност Филипче.
За да не лежи и кривично одговара Венко Филипче, лежат странични ликови во здравството, како тогашните директори на болницата Етеми и Бесими. Но, и тие, исто така, не смееше да бидат осудени со реални казни, за да не пропеат и го издадат нивниот шеф, па добија по само година и пол затвор.
Судиите и обвинителите заробени во канџите на Заев и Ахмети, за пожар во болница каде што живи горат 14 луѓе, доделија вкупно 3 години затвор на директорите, а за Филипче станаа неми, слепи и глуви.
Релацијата на одредени судии и обвинители кои сè уште работат по насока на СДС и ДУИ, ги оставија криминалците по улиците, а народот без правда.
Со овие судии и обвинители не може да се очекува независно судство и обвинителство. Потребни се итни реформи за конечно во државата да дојде вистинска правда и одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Католичката црква со реакција за муралот на Мајка Тереза: Ова е навредлив чин за сите верници

Католичката црква во Македонија изразува жалење за, како што велат, недостојниот и навредлив чин со кој на муралот на света Мајка Тереза, поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, е додадена марама на нејзиниот лик.
Со оваа постапка,велат од Католичката црква, се повредуваат верските чувства на верниците и почитувачите на делото на светицата.
„Потсетуваме дека Света Мајка Тереза е светица на Католичката црква, родена во Скопје, почесна граѓанка на овој град и граѓанка на светот. Со својот живот посветен на сиромашните и болните, со својата едноставност, понизност и љубов, ја направи Македонија и Скопје препознатлива во светот и пример за почит кон другиот.
После големиот настан што се случи на 28 септември 2025 година за сиот македонски народ со осветувањето на храмот Свети Константин и Елена кој се наоѓа во непосредна близина на Спомен куќата на Света Мајка Тереза, се прашуваме: Зарем нашата Светица заслужи ваков однос од дел од своите сограѓани?
Почитта кон верските чувства е основен елемент на секое демократско општество. Грижата за нив е одговорност на сите граѓани, а воедно ја отсликува и демократската зрелост кај поединци и групи, нивната подготвеност за соживот и прифаќање на различните.
Слободата на уметничкото изразување и јавната дебата се драгоцени вредности, но тие треба да се остваруваат со почит кон достоинството на другите и кон она што е свето за една заедница. Затоа недозволиво е светите ликови, како света Мајка Тереза, да бидат инструментализирани или злоупотребувани за било какви цели“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.
Во него се додава дека Католичката Црква се приклучува кон сите добронамерни граѓани кои веќе реагираа и го осудија ваквиот срамен чин и апелира до целата македонска јавност на поголема свесност за значењето на светците, светите простори и другите свети работи, како и вредностите во општеството што ги застапуваат Црквите и верските заедници.
„Во таа насока, ги повикуваме надлежните институции да преземат соодветни мерки, да ги заштитат верските чувства на граѓаните и во иднина да ги превенираат ваквите појави. Во исто време изразуваме благодарност до сите луѓе на изразената загриженост и поддршка која ја упатија до Црквата“, велат од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.
Македонија
Муцунски во Мичиген: Дијаспората претставува силен мост меѓу двете земји

Во рамки на завршните активности од посетата на САД, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, ја посетија Македонската православна црква „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Мичиген, како и Неделното црковно училиште во кое 120 деца имаат можност да се запознаат со православната вера, македонската традиција и да го изучуваат македонскиот јазик.
Делегацијата присуствуваше на утринската литургија што ја одржа отецот Синиша Ристовски и оствари средба со бројната македонска дијаспора.
Муцунски истакна дека дијаспората претставува силен мост меѓу двете земји и има значајна улога во градењето на врските меѓу македонското и американското општество, како и во промоцијата на македонската култура и традиција на американско тло.
„Изразуваме благодарност за топлиот прием. Остануваме цврсто посветени на зајакнување и продлабочување на контактите со нашата дијаспора,“ порача Муцунски.
Македонија
Костовски: Градиме модерен затворен пливачки базен во Радишани

Радишани добива нов модерен затворен базен, во вредност од 80 милиони денари, извести градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
Како што соопшти градоначалникот, предност во користење на овој базен ќе имаат учениците од ОУ „Ацо Шопов“, но генерално ќе можат да го користат сите ученици, а и граѓаните во подоцнежните часови.
Тој најави и уште еден нов затворен базен во населеното место Бутел 1, во дворот на училиштето „Св. Климент Охридски“.