Македонија
Мисајловски: Инвестираме во одбраната и во армиските капацитети за безбедна држава и сигурни граѓани
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска се обрати на состанокот на Работниот комитет за спроведување на Националната развојна стратегија 2024-2044 година, при што истакна дека изградбата на „сигурно, безбедно и отпорно општество во време на глобални предизвици е од приоритетно значење.
Мисајловски се осврна на развојот на одбранбениот систем и инвестирањето во одбраната кое овозможува интензивно опремување и модернизација на македонската Армија.
„На последниот самит на НАТО, ние – сите 32 земји членки едногласно ја донесовме одлуката која ќе значи посилна одбраната. Во следниве 10 години, односно до 2035 година инвестициите во одбраната да го достигнат нивото од 3,5% од БДП, и дополнително инвестирање од 1,5% од БДП во активности и проекти поврзани со одбраната како што се инфраструктура, кризен менаџмент, сајбер-безбедност“, рече министерот.
Мисајловски додаде дека веќе „интензивно се работи на проекции на зголемување на буџетот на одбраната“, што значи и поголеми инвестиции во одбранбениот сектор.
Во однос на стратешките документи, министерот информираше дека во процес на донесување е Националната стратегија за безбедност, што, рече, е основа за ажурирање на останатите стратешки документи и тоа Стратегијата за одбрана и плановите за одбранбени способности.
Одбраната не е изолиран сектор, туку е еден поширок систем на општествена отпорност, подвлече министерот, и додаде дека „од особена важност е вклучувањето на сите релевантни фактори во справувањето со денешните закани, како од институциите, така и од академската заедница, приватниот сектор, невладините организации, медиумите, како и континуирано продлабочување на регионалната соработка и соработката во НАТО и ЕУ контекст.“
На работниот состанок присуствуваше и заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, како и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, претставници на UNDP, професори од државниот универзитет во Аризона, претставници на институции, локалните самоуправи, граѓанскиот и бизнис сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче треба да знае дека проблемот не се медиумите, ниту ВМРО-ДПМНЕ, туку неговиот и криминалот на Заев, велат од партијата на власт
Очигледно портпаролката Боданка Кузеска кога е на зимување, ја заменува Венко Филипче.
Од пресот на Филипче може да се заклучи дека СДС е партија на многу интриги и проблеми.
На Филипче, крив му е народот и секој што мисли дека е криминалец, само не се тој и Заев, кои што правеле криминал заради што секој мисли дека се криминалци, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче, додаваат од владејачката партија, треба да знае дека проблемот не е во медиумите, новинарите, бизнис заедницата, синдикатите кои ги злоупотребува, ниту во ВМРО-ДПМНЕ, туку проблемот на СДС е криминалот, корупцијата и нечесните политики на Венко Филипче и менторот Заев, кои ја доведоа СДС на вака ниски гранки.
„Жална е епизодата кога лидер на некогаш големата СДС, ќе го гледате како се жали како тетка на чешма, за тешката судбина во која тој и менторот од Дубаи, Зоран Заев, сами се доведоа. Кога одговорите на дилемите ќе ги побара во своите редови, тогаш ќе ја сфати и сериозноста на проблемите.
Досега го јадеа шлагот на тендерите, бизнисите на Вицето, зделките и куферчињата на Заев, зделките и профитите од модуларната болница, хациендите кои си ги градеа, проблемот е што стигнаа сега до фекалиите кои се излеаа врз СДС и народот сето тоа го гледа.
Од тој аспект Венко Филипче е штетен за државата и граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ секогаш се водела од државните и национални интереси“.
Наместо факти, Филипче, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, глуми жртва и плаче за „медиумски октоподи“. Тие „октоподи“ додаваат од партијата на Мицкоски, седум години му служеа на СДС како портпароли, додека се пљачкаше државата.
„Денес, кога никој не му ги прикрива лагите, одеднаш сите му се виновни: медиуми, новинари, институции, па дури и реалноста.
Филипче колку повеќе зборува, толку појасно е дека нема ниту факти, ниту политика. Има само паника и обид со врева да се покрие празнината“.
Македонија
Хоџа-Зомер: Швајцарија силен и долгорочен партнер во заштитата на животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Конфедерацијата Швајцарија во Република Северна Македонија, Кристоф Зомер, на која беа разменети мислења за тековната и идната билатерална соработка во областа на животната средина.
На средбата, Хоџа изрази благодарност за континуираната и значајна поддршка што Швајцарија ѝ ја дава на државата повеќе од три децении, нагласувајќи дека таа е еден од најголемите билатерални донатори и клучен партнер во реформските процеси, особено во секторите води, управување со отпад, природа и климатска отпорност.
Беа разгледани тековните проекти поддржани од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), меѓу кои проектите за интегрирано управување со цврст отпад, управување со подземни води, заштита на биодиверзитетот и екосистемите, како и зајакнување на отпорноста и ефикасноста на комуналните претпријатија.
Хоџа ја потврди заложбата на Министерството за понатамошно продлабочување на соработката со Швајцарија, во насока на усогласување со европските стандарди, одржливо управување со природните ресурси и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Алиу: Забрана за рекламирање и промоција на тутунски производи, јавното здравје пред комерцијалниот интерес
Новиот предлог-закон за заштита од пушење предвидува целосна забрана за рекламирање, промоции и спонзорства од тутунската индустрија. Овие законски одредби се однесуваат на објави во медиуми, на интернет и социјални мрежи, како и на настани, наградни игри, попусти, подароци.
Лесната достапност и видливоста на производите го зголемуваат бројот на нови корисници, особено меѓу децата и младите, а намалувањето на видливоста е една од најефикасните мерки за превенција. Заштитата на децата е апсолутен приоритет, оценува министерот за здравство, Азир Алиу.
Дополнително, според него, покрај забраната за продажба на малолетни лица не само на класични цигари, туку и на сите останати никотински производи, со воведува и забрана за јавно изложување тутунски и никотински производи на продажни места, како и за продажба на тутунски и никотински производи во угостителски објекти, спортски и културни објекти и јавни настани.
Рекламирањето директно влијае врз започнување на пушење, особено кај младите. Со овие законски одредби се превенираат прикриените форми на промоција на овие производи. Јавното здравје има предност пред комерцијалниот интерес, појаснува министерот Алиу.

