Свет
(Видео) Откриено потеклото на џиновските радиокругови во вселената?
Невообичаени остри кругови од радиобранови што се појавуваат во длабоката вселена ги збунуваат астрономите уште од нивното откривање во 2019 година. Сега, тим научници детаљно го разгледа еден од овие феномени со надеж дека, конечно, ќе ги отклучи неговите тајни, пишува ScienceAlert.
Лансирањето нови напредни опсерватории честопати носи можност за откривање сосема нови феномени во вселената, што постојната технологија не можеше да ги сними досега. Токму тоа се случи во 2019 година кога пилот-истражување на радиотелескопот ASKAP во Австралија забележа неколку необични радиокругови. Во класичен астрономски стил тие, едноставно, се нарекуваат – „необични радиокругови“ или ORC.

Овие огромни кружни структури се јасно видливи на радиобранови должини, но целосно невидливи во оптичкиот, инфрацрвениот или рендгенскиот спектар. До денес познати се само десетина такви објекти, а нивното потекло останува необјаснето.
Во нова студија, тим предводен од научници од Универзитетот „Рур“ во Бохум во Германија, детаљно испитал еден таков прстен, означен како ORC J0356-4216. Користејќи ги радиотелескопите ASKAP и MeerKAT, кои првично го открија ORC во октомври 2023 година, тимот ги проучувал брановите должини и поларизацијата на неговите радиобранови. Тие откриле дека ORC се состои од два симетрични прстена, со комбиниран дијаметар од неверојатни 2,18 милиона светлосни години. Тие исто така откриле дека магнетното поле го следи кружниот облик на прстените.
Како и многу други ORC, J0356-4216 има галаксија во својот центар, што би можело да биде клучот за разбирање на нивното формирање. Истражувачите веруваат оти најверојатното објаснување е дека станува збор за ударен бран предизвикан од некоја древна активност во централната галаксија. Ова би можело да вклучува моќни експлозии на формирање ѕвезди, судир на две галаксии или фаза во која централната супермасивна црна дупка еруптирала со зголемена активност, позната како активно галактичко јадро (AGN).
„Во случајот на ORC J0356–4216, набљудуваната двострука морфологија и карактеристиките на поларизација полесно се објаснуваат со реликтна емисија од мината AGN-активност или одливи управувани од млазни гасови“, заклучуваат истражувачите во својот труд. Истражувањето сè уште не е рецензирано од колеги, но е достапно за прегледување на репозиториумот arXiv.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

