Свет
Американски министер: Тајван би требало да произведува само половина од нашите чипови

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Тајпеј да ги префрли инвестициите и производството на чипови во Соединетите Американски Држави. Целта е половина од потребите на Америка за чипови да се задоволат на домашен терен, потег што би можел да има значителни импликации за националната одбрана на Тајван, објави Си-ен-би-си.
План 50-50
Вашингтон веќе разговараше со Тајпеј за поделба на производството на полуспроводници во однос 50-50, потврди американскиот министер за трговија Хауард Лутник во неодамнешно интервју. Таквиот договор значително би ја намалил зависноста на Америка од Тајван, кој моментно произведува повеќе од 90 % од најнапредните полуспроводници во светот. Според Лутник, таквата концентрација на производство е причина за загриженост со оглед на географската оддалеченост на островот од САД и неговата близина до Кина.
„Мојата цел, и целта на оваа администрација, е значително да го префрли производството на чипови на домашно ниво – ние мора да ги произведуваме нашите сопствени чипови“, рече Лутник. „Идејата што му ја поставив на Тајван беше – ајде да одиме 50-50. Ние правиме половина, вие правите половина“.
Лутник додаде дека целта е да се достигне речиси 40 % домашно производство до крајот на мандатот на Трамп, што би барало повеќе од 500 милијарди долари локални инвестиции.
Доминацијата на Тајван во производството на чипови се базира на успехот на компанијата Taiwan Semiconductor Manufacturing Co. (TSMC), најголемиот светски производител на чипови по договор, кој снабдува технолошки гиганти, како Nvidia и Apple. Се верува дека токму оваа клучна улога во глобалниот синџир на снабдување го заштитила островот од директна воена акција од страна на Кина, позната како теорија за „Силициумскиот штит“.
Сепак, Лутник ја минимизира теоријата во едно интервју тврдејќи дека Тајван би бил побезбеден со поурамнотежено производство.
Според планот 50-50, САД сè уште би биле фундаментално зависни од Тајван, но би имале капацитет да го правиме она што треба да го направиме, ако треба да го направиме тоа, објасни тој.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
„Шпионирала за Киев, планирала да труе војници“: Русите уапсија готвачка на Крим

Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија објави дека уапсила 45-годишна Русинка, главен готвач во ресторан во Севастопол, на Крим, под сомнение за шпионажа за Украина и план за труење руски војници, објави „Киев пост“.
Неименуваната жена, која е во притвор, е обвинета дека работела за Главната дирекција за разузнавање на Украина (ХУР) во последните две години. ФСБ тврди дека таа ги понудила своите услуги на украинската разузнавачка служба уште во септември 2023 година.
Таа наводно користела „Воцап“ за да споделува информации со своите врски за локациите и за рутите на рускиот воен персонал и опрема во Севастопол, поранешното главно пристаниште на руската Црноморска флота. ФСБ конкретно тврди дека таа фотографирала бродови на Црноморската флота стационирани во Севастополскиот Залив, кои подоцна биле користени од украинските вооружени сили за планирање ракетни напади.
Таа е обвинета и за план за труење припадници на руските специјални сили, кои го посетувале ресторанот во кој работела.
Кримскиот одред на ФСБ соопшти дека жената е обвинета за велепредавство според член 275 од Рускиот кривичен законик додавајќи дека истрагата за нејзините криминални активности е во тек. Во соопштението за медиумите на ФСБ се наведува дека ова е уште еден пример за тоа како „украинските специјални служби ја дестабилизираат општествено-политичката ситуација и предизвикуваат економска штета на државата со активно регрутирање сторители на саботажи и терористички напади“.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Општа тепачка на свадба во Србија: гостинка ја удри невестата, возврати младоженецот

Свадбена прослава во Горњи Милановац се претвори во вистинска драма кога избувна масовна тепачка меѓу гостите.
Според порталот „192.рс“, инцидентот почнал кога гостинка на свадбата, од причини што засега се непознати, физички ја нападнала невестата и ја удрила.
Потоа реагирал младоженецот обидувајќи се да ја заштити својата сопруга, а конфликтот набргу се проширил и на другите гости.
View this post on Instagram
Според снимката, во салата владеел целосен хаос, а некои од присутните се обидувале да ја смират ситуацијата.
фото: принтскрин
Регион
Дојава за бомба на имотот на Милорад Додик

Утрово, во Бања Лука е примена пријава за поставена бомба на имотот на Милорад Додик, поранешниот претседател на Република Српска.
Според Радио Сараево, полицијата веднаш излегла на местото на настанот и спроведува контрадиверзиска инспекција на имотот.
Претходно наутро, примена е и пријава за бомба во хотелот „Палас“ во Бања Лука. Министерството за внатрешни работи на РС извршило увид и утврдило дека станува збор за лажна пријава.
фото: принтскрин