Спорт
Алкараз го освои турнирот во Токио
Првиот светски рекет, Карлос Алкараз, го победи петтиот играч во светот, Американецот Тејлор Фриц, со 6:4, 6:4 во финалето на АТП 500 турнирот во Токио и со тоа ја освои својата осма титула оваа година, а вкупно 24-та во кариерата. Ова беше нивниот петти дуел и четврта победа за Шпанецот.
За време на паузата помеѓу првиот и вториот сет, Фриц побара помош од физиотерапевт поради болка во бутниот мускул и се чинеше дека ќе претрпи поубедлив пораз кога Алкараз водеше со 5:1. Американецот се закани со пресврт со серија од три гема. Сепак, Алкараз ја искористи втората можност да го заврши мечот на својот почетен удар.
Алкараз е неоспорен лидер на листата на освојувачи на трофеи на АТП турнејата оваа година со осум титули, како и по бројот на индивидуални победи (66:6). Оваа година, 22-годишниот Шпанец загуби само две од десет финалиња, против Холгер Руне во Барселона и Јаник Синер во Вимблдон.
Покрај 500 поени за титулата во Токио, Карлос Алкараз освои и награден фонд од 416.365 американски долари (354 илјади евра). Тејлор Фриц, кој го претрпе својот прв пораз во третото финале годинава, доби 330 поени и награда од 224.035 долари (190.000 евра).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Хрватска го завери пласманот на СП
Хрватската фудбалска репрезентација ги победи Фарските Острови со 3:1 во претпоследниот натпревар од квалификациите за Светското првенство и го потврди првото место во групата Л.
Хрватите се третата европска репрезентација која обезбеди пласман на завршниот турнир во Канада, САД и Мексико, по Англија и Франција.
Натпреварот од деветтото коло од европските квалификации одигран во Риека заврши со резултат 3:1 (1:1).
Момците на Златко Далиќ имаат недостижни шест бода повеќе од второпласираните Чеси во пресрет на последното коло.
Натпреварот не започна добро за Хрватите. Фараните неочекувано поведоа во 14-та минута. Голот го постигна Геза Давид Тури.
Хрватска изедначи седум минути подоцна преку Јошко Гвардиол. Петар Муса го комплетираше пресвртот во 57-та минута, а точка на натпреварот стави Никола Влашиќ во 70-та минута.
Во последното коло, Хрватска ќе и гостува на Црна Гора.
Foto/ EPA
Спорт
Клементе за Јамал: Ако продолжи вака, неговата кариера нема да трае долго
Поранешниот селектор на Шпанија, Хавиер Клементе, го критикуваше еден од најдобрите фудбалери на Барселона, Ламин Јамал.
На искусниот стручњак не му се допаѓа однесувањето на 18-годишникот надвор од теренот и се плаши дека неговата кариера нема да трае долго поради тоа.
„Како играч, тој е многу добар, но проблемот е што не знае како да се однесува надвор од теренот. Ако продолжи вака, неговата кариера нема да трае. Тоа е јасно“, остро рече Клементе.
Од друга страна, на Клементе му е јасно дека станува збор за извонреден играч.
„Тој прави брилијантни работи, но ривалите веќе знаат како игра, знаат како да го гледаат. Тие знаат дека тој е еден од оние играчи на кои не треба да им се дозволи да играат затоа што е со висок квалитет, а може да направи толку многу на теренот“, заклучи Клементе.
Спорт
Флорентино Перез се повлекува од Реал
Легендарниот претседател на Реал Мадрид, Флорентино Перез, одлучи да се пензионира пред крајот на својот мандат.
Долгогодишниот прв човек на Реал Мадрид планира да ја напушти својата функција во 2026 година, две години пред крајот на актуелниот мандат, објавува новинарот Пепе Алварез.
Како што е наведено, 78-годишниот Перес сака уредена и планска транзиција на власта во клубот, без оглед на тоа дали членовите на клубот ќе ги поддржат неговите предлози на референдумот или не.
Перес стана претседател на Реал за прв пат во 2000 година, првата ера траеше до 2006 година, а втората, која започна во 2009 година се уште трае.
За време на неговиот мандат, фудбалскиот клуб Реал Мадрид беше прв во Европа седум пати, победник на Суперкупот исто толку пати, со пет трофеи од Ла Лига и три Купа на кралот.
Во тој период, кошаркарите освоија седум титули во АЦБ лигата, три Евролиги и седум Купа на Кралот.
Перез е синоним за модернизација на Реал – не само на теренот, туку и преку проекти како што се реновираниот „Сантијаго Бернабеу“ и глобалната експанзија на брендот.
Засега не е познато кој би можел да го наследи.

