Македонија
Мицкоски: СДС и ДУИ бараат спас во корумпираното судство, тоа им е последно танго за избегнување одговорност
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Струга, посочи дека една од картите на кои игра опозицијата, СДС и ДУИ е барањето на спас во корумпираното судство и обвинителство.
Според Мицкоски многу е јасно зошто се кријат за правосудниот систем.
„Тоа им е последното танго за спас на нивните кариери и шанса да одбегнат одговорност. Oд месечината се гледа дека последниот бастион на криминалот во државата остана судството и обвинителството кое ги штитат и СДСМ и ДУИ како бели мечки“, кажа Мицкоски.
Мицкоски посочи дека нема ниту еден случај кој институциите им е предочен, а истиот да завршил со обвинителен акт за било кој поранешен висок функционер.
„А случаи има колку сакате, само недостасува волја. А нема волја затоа што судот и обвинителството главни се аргатите на СДС и ДУИ. И со оваа корупција имам намера посебно да се занимавам по локалните избори, затоа што мора еднаш за секогаш да се стави крај со овој перманентен бастион на криминалот“, вели Мицкоски.
Мицкоски објасни дека не може да има слободни корумпирани политичари, ако нема корумпирани обвинители и судии што ги штитат тие политичари.
„Затоа по изборите следат реформи кои ќе ја откријат и вистината и ќе ја донесат правдата во нашата држава. Таа пресметка нема да биде политичка, туку пресметка за докажување на правдата која народот на Македонија ја заслужува“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пазарниот инспекторат со засилени контроли во угостителските објекти во пресрет на празниците
Државниот пазарен инспекторат најави засилени инспекциски надзори во угостителските објекти во пресрет на претстојните празници и зголемениот број прослави. Целта, како што наведуваат, е спречување на нерегуларности во работењето и поголема заштита на гостите.
Од инспекторатот апелираат угостителите совесно да ги почитуваат законските обврски, особено одредбите за дозволениот број гости, работното време, законот за заштита од пушење и сите други регулативи што се однесуваат на нивната дејност.
Инспекторатот најавува соодветни мерки и санкции за сите кои нема да ги почитуваат законските правила.
Граѓаните се повикуваат сите неправилности да ги пријават на телефонскиот број 191 или преку веб-страницата www.dpi.gov.mk.
.
Македонија
Град Скопје го отвори процесот за буџетот 2026: Граѓаните, организациите и бизнис заедницата поканети да дадат предлози
Град Скопје годинава го започна процесот на креирање на буџетот за 2026 година со, како што наведува, целосна транспарентност, отчетност и широка вклученост на јавноста. Од градската администрација истакнуваат дека имаат јасна определба да ја вратат довербата во институциите, па буџетот ќе се изработува преку отворен и партнерски пристап во кој секој граѓанин, организација или заедница може да даде свој придонес.
„Буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија изградена врз реалните потреби и визијата за развој на градот“, наведуваат од Градот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во изјава порачува дека процесот за првпат се отвора кон граѓаните, невладиниот сектор и бизнис заедницата, со цел активно да се вклучат во планирањето.
„Транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка. Оваа година го отвораме планирањето на буџетот за 2026 заедно со вас. Вашите потреби и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека веќе биле собрани голем број конструктивни предлози од граѓаните, но процесот останува отворен и сите се повикани да учествуваат.
Во новиот буџет ќе бидат опфатени приоритетни капитални проекти во инфраструктурата, културата, спортот и животната средина, со цел да се подобри квалитетот на живеење во Скопје.
Сите идеи и предлози граѓаните можат да ги испратат на: [email protected]. Во пораката Ѓорѓиевски додава: „Скопје ќе биде повторно горд град“.
Македонија
Mузичари од БиХ настапувале во локал во Кичево без работна дозвола, поднесена прекршочна пријава
При засилена акциска контрола спроведена на 29 и 30 ноември од полицијата во Кичево и Регионалниот центар за гранични работи Запад, во координација со Пазарниот и Трудовиот инспекторат, во угостителски објекти во Кичево биле затекнати музичари од Босна и Херцеговина кои работеле без соодветна дозвола, соопшти МВР.
Во угостителски објект на магистралниот пат Кичево–Охрид биле затекнати пејачката Џ.Р. (23) и членовите на бендот К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), сите од Босна и Херцеговина. Тие настапувале без претходно обезбедена работна дозвола, соопшти МВР.
Против нив е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд Кичево.

