Македонија
Систем за влез/излез од ЕУ: за што сè треба да се подготват патниците
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека почнувајќи од 12 октомври 2025 година, Европската Унија ќе почне со постепено воведување на системот за влез/излез (EES), кој ќе биде целосно имплементиран до април 2026 година.
Овој нов дигитален систем претставува една од најзначајните реформи во областа на граничното управување на ЕУ заменувајќи го досегашното ставање печати во пасошите со електронска евиденција на биометриските податоци (фотографија и отпечатоци од прсти), како и точни записи за датумите на влез и излез.
За кого важи системот?
EES се однесува на сите државјани од земји што не се членки на Европската Унија или шенген-зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамките на 180 дена). Тоа ги опфаќа:
- патниците што се ослободени од виза за влез во ЕУ,
- патниците што поседуваат виза за краток престој.
Граѓаните на земјите членки на ЕУ и на шенген-зоната не подлежат на новиот систем.
Земји во кои ќе се применува EES
Системот ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Кои се целите на воведувањето?
Со EES, Европската Унија има цел:
- да ја зголеми безбедноста на граѓаните преку подобро откривање фалсификувани документи и идентитетски измами,
- да ја подобри борбата против криминалот, тероризмот и нелегалната миграција,
- да го олесни патувањето преку побрзи и поефикасни гранични проверки,
- да обезбеди прецизна дигитална евиденција за времетраењето на престојот елиминирајќи можни недоразбирања, кои порано настануваа со рачните печати.
Како ќе функционира системот?
При првото патување по воведувањето на системот, патниците ќе поминат низ целосен процес на регистрација, кој вклучува фотографирање, скенирање отпечатоци од прсти и внесување податоци од пасошот. За да се олесни процедурата, на граничните премини ќе има и пунктови за самопослужување, а можно е и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации.
При следните патувања контролата ќе биде значително побрза бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка.
Период на транзиција
Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува во фази. Тоа значи дека некои од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција. Од 10 април 2026 година печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.
Заштита на личните податоци
Сите податоци ќе се обработуваат и чуваат во согласност со строгите стандарди на Европската Унија и општата регулатива за заштита на податоците (GDPR). Со тоа се гарантира целосна заштита на приватноста и транспарентна употреба на собраните информации.
Апел до граѓаните
Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани на Република Северна Македонија, кои планираат патувања во земјите на шенген-зоната, да се информираат за новите правила и постапки, со цел нивните патувања да бидат навремени, безбедни и без непотребни доцнења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

