Македонија
Мицкоски: Филипче не прецизираше за кој дом се грижат, за хациендите или за јахитите на Халкидики
Нема поголемо задоволство од тоа да се биде меѓу народот, кого не си го разочарал. А јас меѓу вас одам со крената глава, затоа што, заедно со вас, ги водевме и ги водиме сите битки за подобра иднина на нашата татковина. И еве нè повторно пред уште еден предизвик, пред уште едни избори на кои се одлучува за правецот по кој ќе се движиме. И кога се наближува денот, човек има многу избори за кои може да се одлучи, но само еден е вистинскиот. Овој пат тој избор е лесно препознатлив; разликата со нашите противници е очигледна, но многу е важно тој избор да биде силен и одлучен. Затоа што јасната волја нема да значи само одлука за твоето место, за твоето маало, вашиот град; за улиците по кои чекорите, за маалата и местата каде се сите ваши важни животни случки, туку и испраќате порака за тоа во каква Македонија сакате да живеете, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг во општина Кавадарци.
Нагласи дека никој од ВМРО-ДПМНЕ нема златна или било каква виза за Дубаи, не возат мотори по јужниот сосед, ниту пак коленичат пред источниот сосед.
„За разлика од нашиот противник, ние немаме златна, ниту било каква виза за Дубаи, не возиме мотори по јужниот сосед, не клечиме пред Софија, затоа што ние резервна татковина немаме. А тие, пак, првиот ден кажаа дека немало да водат негативна кампања, а вториот ден, на телевизија, пуштија негативни спотови – сечени, извадени од контекст реченици – само за да излажат со намера да не се гледа она што од Марс е видливо – дека СДСМ не се менува и дека е во тотална безидејност. Еден мој соработник ми вели: „Претседателе, овие започнаа негативна кампања и црни спотови од првиот ден.“ Јас му велам: „А замисли тоа да не го пуштеа – што ќе кажеа? Ниту програма, ниту идеи, ниту развој ги интересира“, вели Мицкоски и додаде:
„А, од друга страна, еден аналитичар ми вели: „Да не сте им инфилтрирале некој вмровец во кампањата на Венко?“ Му велам: „Зошто така мислиш?“ „Па види, Филипче… Замислете, Филипче почна да зборува за правда во судството, да зборува за патриотизам, црвени линии и сè она што е антипод на нивниот карактер. Откако порано направи предавства на секој чекор. Нивната кампања се состои од злоупотреби на трагични судбини, од гола реторика без докази и аргументи. Дојде до тоа дереџе што главната кампања им е Кочани – и тоа од човекот кој, поради акутна неспособност, десетици илјади страдаа во ковидот; во државен објект – модуларна болница – 15 живи пациенти изгореа. Но, ова не е начинот на кој јас сакам, и јас ќе ја водам кампањата. Човекот се изгуби во поданичката улога дадена од неговиот шеф Заев. Аман, пазете го детево – забега. Тој не се ни труди да се тргне од неговата сенка, напротив – гордо си ја носи. Некогаш големата партија СДСМ ја сведоа во приватно гранче за одбрана на личните интереси. Го слушам пред некој ден Филипче како кажува дека СДСМ се борат за нивниот дом. Ако за домови мислат на хациендите, на јахтите на кои поминуваат недели, на апартманите во Дубаи каде што престојуваат и се веселат со турбо-фолк пејач(к)и, тогаш е јасен нивниот слоган. Се борат за ова – тогаш од нивната борба народот нема аир, туку зијан. Па уште Филипче вика, слоганот им го прифатило членството со екстаза, а веќе следниот ден нивниот кандидат за една од општините го менува – како да се срами од својата партија. Ете, до тоа дереџе дојде државотворната партија СДСМ – нејзините кандидати да се оградуваат, што јавно, што преку менување на изборните пораки, од ставовите на нејзиниот лидер“, рече Мицкоски.
Се обрати и до неопределените и оние кои што се двоумат дали да излезат на гласање.
„Сосема разбирам дека секој од нас има очекувања. Вашите можеби се поголеми од тоа што реално можевме да го исполниме овие година и пол централна власт. Но покажавме вредност, истрајност и посветеност да ги менуваме работите. Затекнавме распаднат систем, трули институции и напластени проблеми. Темелите ги градевме овие месеци, полни со ентузијазам и енергија. Надежта не ја загубивме – заедно ја одржавме. Покажавме и резултати. Не паднавме, иако сакаа да нè видат клекнати; работевме за секој еден од вас. И затоа, сега сте ни потребни – не само нам, туку и на државата – бидејќи вие одлучувате за вашата иднина, и овој е тој момент. Сакам да се обратам до оние кои се колебаат или не планираат да гласаат. Така им правите услуга на оние кои сакаат да живеат на грбот на татковината, кои ја сакаат Македонија поделена и разединета. Така директно се охрабруваат оние кои сакаат власт без борба на концепти и програма, кои сакаат повторно тендери и предавства. Затоа, одлучете мудро – излезете и гласајте. Излезете, затоа што ова не се само локални избори, туку тест на заедничката волја за тоа каква Македонија сакаме.
Мицкоски се обрати и до членовите на СДСМ и кажа дека тој ги почитува чесните и искрени членови, но рече дека таму мора да има реформи и собир на искусни и млади за кој рече дека постојат, но се маргинализирани од мала група кој ја приватизираат партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.

