Свет
Стармер: Нема златен билет за трајно населување во Велика Британија, тоа мора да се заслужи
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека нема да има златен билет за трајно населување во Велика Британија најавувајќи планови според кои бегалците ќе мора да го заработат правото да останат во земјата долгорочно.
Владата планира да го укине автоматското право на семејно обединување за оние на кои им е доделен азил во Велика Британија и да ги промени условите за долгорочно населување. Новите апликации за постојната програма за семејно обединување бегалци беа суспендирани во септември.
Премиерот ќе ги разгледа плановите, како и соработката меѓу европските земји во справувањето со нелегалната миграција, на состанокот на Европската политичка заедница (ЕПЦ) денес. „Населувањето мора да се заработи со придонес кон нашата земја, а не со плаќање шверцер на луѓе да ве превезува преку Ла Манш“, рече Стармер.
Набргу се очекуваат целосни реформи
Тој додаде дека Велика Британија ќе продолжи да прифаќа „вистински бегалци што бегаат од прогон“, но дека мора да се справи и со факторите на привлекување, кои ги поттикнуваат нелегалните преминувања во мали чамци. „Нема да има златен билет за населување во Велика Британија, луѓето ќе мора да го заработат“, рече тој.
На состанокот на ЕПС, Стармер ќе објави и ново партнерство насочено кон справување со причините за миграцијата во Западен Балкан, во соработка со данската премиерка Мете Фредериксен. Планот, за кој ќе бидат обезбедени до три милиони фунти, ќе вклучува охрабрување на луѓето да останат во регионот и да најдат работа таму.
Министерката за внатрешни работи на Велика Британија, Шабана Махмуд, ќе објави целосни реформи подоцна оваа есен, според кои бегалците ќе имаат подолг и потежок пат до постојан престој заменувајќи ги сегашните пет години.
Мигрантите ќе мора да бидат вработени, а не да примаат социјална помош, да имаат високо ниво на познавање на англискиот јазик и да имаат чисто криминално досие. Тие исто така ќе мора да плаќаат во националното осигурување до одреден степен и да придонесуваат за општеството, на пример, со работа во локалната заедница.
Советот за бегалци предупреди дека забраната за семејно обединување може да охрабри повеќе луѓе да се обидат да стигнат до Велика Британија преку шверцерски патишта забележувајќи дека визите за семејното обединување се користат во голема мера од жени и деца.
„Претходната влада безуспешно се обидуваше да ги обесхрабри луѓето да патуваат на опасни патувања со намалување на правата на бегалците откога ќе пристигнат во земјата, ограничување на семејното обединување и можноста за населување“, рече Џон Фитонби, главен аналитичар во Советот за бегалци. Бројот на мигранти што пристигнале во мали чамци во 2025 година надмина 34.000, што е рекорд за ова време од годината. Податоците за преминувањето на Ла Манш се евидентираат од 2018 година.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италија планира ја одложи одлуката за продолжување на воената помош за Украина
Италијанската влада има намера да го одложи одобрувањето на декретот што ќе му дозволи на Рим да ја продолжи воената помош за Киев за следната година, соопштија денес извори блиски до ова прашање.
Застојот доаѓа во услови на тензии во десничарската коалициска влада околу поддршката за Украина. Премиерката Џорџа Мелони вети продолжување на помошта, но нејзиниот заменик Матео Салвини ја доведе во прашање оправданоста на таа одлука.
Во својата критика за помошта за Украина, Салвини се осврна на корупцискиот скандал во енергетскиот сектор што ја тресе администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, италијанската влада испрати 12 пакети воена помош за Украина, вклучувајќи го и системот за воздушна одбрана SAMP/T.
Прописите ѝ дозволуваат на владата да дејствува без да бара одобрение од парламентот за секоја нова рунда воени испораки. Важечкиот пропис истекува на крајот од годината.
Откако ќе биде одобрен од владата, новиот пропис ќе стапи на сила веднаш, но парламентот ќе мора да го ратификува во рок од 60 дена.
Свет
Путин три часа преговара со пратениците на Трамп за Украина
Разговорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, трае веќе три часа и засега нема најава за негово завршување. На состанокот учествуваат и Јуриј Ушаков и Кирил Дмитријев од руската страна, како и Џаред Кушнер од американската делегација.
Состанокот е дел од интензивна дипломатска активност последниве две недели. Според изворите на Аксиос, Виткоф и Кушнер утре треба да го информираат украинскиот претседател Володимир Зеленски за разговорите во Москва.
Американскиот план за примирје, првично со 28 точки, сега е фокусиран на утврдување де факто граница како дел од можен договор. Путин изјави дека предложениот план може да биде основа за разговори, но Русија не отстапува од клучните барања, вклучувајќи ја и контролата врз целиот Донбас. САД наводно ја повикале Украина да направи територијален отстапок, што е политички тежок потег за Киев.
Зеленски од Даблин порача дека најтешки делови од планот се територијата, користењето замрзнати руски средства и безбедносните гаранции. Тој смета дека постои „најголема шанса досега“ да се стави крај на војната. Потврди дека со САД е усогласен нов мировен договор со 20 точки.
Украина е подготвена за нова средба со Виткоф и Кушнер по нивниот состанок во Москва, а опција е таа да се одржи во Брисел, каде утре заседава НАТО. На состанокот нема да присуствува американскиот државен секретар Марко Рубио.
Регион
Лукас: Половина Србија се дружи со Ориќ, нема да остапам ни милиметар пред Додик
Српскиот пејач, Аца Лукас изјави дека доживеал неравда по објавената фотографија со Насер Ориќ и дека „нема да отстапи ниту милиметар“ пред Милорад Додик, кој му го забранил концертот на Јахорина.
За „Аваз.тв“ кажа дека фотографијата погрешно се толкува и дека прв пат го видел Ориќ. Лукас истакна дека не знае дали концертот во Сараево му бил забранет поради неговата претходна поддршка на Додик, додавајќи дека „половина Србија и Република Српска се дружат со Ориќ“.
Откако Олимпискиот центар Јахорина официјално го откажа неговиот настап, Додик изјави дека Лукас „го изгубил кредибилитетот за секое идно гостување во РС“. Лукас му возврати дека тој не барал поддршка од Додик, туку обратно, и дека повторно ќе настапува на Јахорина.
Пејачот нагласи дека нема намера да се извинува за нешто што, според него, е преголема реакција и пример за двојни аршини.
Тој додаде дека не бил свесен кој седел до него кога е направена фотографијата и дека не сака да прави поделби по национална основа, туку „луѓето ги дели на добри и лоши“.
Лукас оцени дека целата ситуација е политички мотивирана, дека никого не навредил и најави правни чекори поради забраната за настапот.

