Македонија
Членка на Судскиот совет користела патни трошоци иако немала право: МВР поднесе кривична пријава
На 15.09.2025 Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција до ОЈО Скопје поднесоа кривична пријава против Л.Г. (57) од Струмица, за сторено кривично дело „измама во службата “ член 355 став 1 во врска со став 2 од КЗ.
Пријавената Л.Г., како службено лице – член на Судски совет на Република Северна Македонија, во временски период од 26.08.2022 до 15.01.2024 со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со неприкажување на фактот дека има промени во имотната состојба на членовите на нејзиното потесно семејство, не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет дека нема да користи патни трошоци за патување на релација од Струмица, како место на живеење, до Скопје, како место на извршување на работата и обратно, со што го довела во заблуда Судскиот совет да и исплаќа надоместок на трошоци за превоз согласно точка 4 од Одлуката за начинот на остварување на правата на судиите утврдени во Законот за платите на судиите бр.02-1425/12 од 13.10.2010, а донесена од страна на Судски буџетски совет, согласно одредбите од член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет.
Имено, пријавената Л.Г. во својство на судија од Основен суд Струмица во 2018 година била избрана за член на Судски совет, од редот на судии од апелационо подрачје Штип, при што, согласно член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет, членот на советот има право на надомест на трошоци за превоз во висина од вистинските трошоци за јавен сообраќај. Согласно тоа, пријавената Л.Г. поднела барање, кон кое доставила копија од лична карта, одлука за избор за судија и изјава заверена на нотар дека таа или член од нејзиното потесно семејство немаат стан или куќа во нивна сопственост во местото каде ја извршува функцијата.
Пријавената Л.Г. во 2022 година имала промена на имотна состојба, односно нејзината ќерка се стекнала со недвижен имот-стан во Скопје, но Л.Г. не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет, за што од страна на Судски совет на пријавената за период од септември 2022 година (како месец по стекнувањето на имотот) до декември 2023 година (кога и престанало правото на надомест на трошоци за превоз по нејзино доставено известување на ден 15.01.2024) во вкупно 15 наврати и биле исплатени пари како надомест за патни трошоци во вкупен износ од 291.040 денари, за кој износ Л.Г. се стекнала со противправна имотна корист, а на штета на буџетот на Судски совет на РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Цветаноски: Доволно е власта да се откаже од криминални тендери и ете пари за минимална плата од 600 евра
Имајќи ја предвид тешката економска положба на работниците, намалениот животен стандард и барањата на синдикатите, СДСМ поднесе закон за зголемување на минималната плата на 600 евра.
И наместо да ги покачи платите на работниците и да обезбеди пари, ВМРО тргна во медиумски напади врз СДСМ, а потоа и врз синдикатите, истакна на прес-конференција Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Владата вели за работниците „нема пари“. Но има пари за криминални тендери, има пари да се планира купување нов владин авион и туристички патувања, како оние во Давос, со државни пари.
Затоа веднаш се стави во погон партиската говорница на ВМРО и медиумските кујни под контрола на Орбан.Секојдневно се напаѓа СДСМ. Вистината е тешка за власта. СДСМ беше конструктивна, СДСМ поднесе закон неколкупати за покачување на платите, за стандардот на граѓаните, за минималната плата. Власта одби. ВМРО и Мицкоски си поигруваат со достоинството на работниците. ВМРО тера црна кампања, Мицкоски јавно се шегува, им поставува услови, им дели задачи, им порачува кого „ќе чекал во четврток“, додава таа.
Ова, како што вели, е ароганција кон оние што едвај врзуваат крај со крај.
Според неа, наместо да ги напаѓа работниците и СДСМ, Владата треба да обезбеди пари за поголеми плати.
„Доволно е да се откаже од криминалните тендери и ете ги парите. 600 евра минимална плата не е луксуз – тоа е минимум за достоинствен живот“.
Македонија
Гаши во Вашингтон: нагласена важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, престојува во работна посета на Вашингтон, САД, каде што оствари низа средби со високи претставници на американските институции и меѓународни организации, во рамки на зајакнувањето на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.
Гаши оствари средба со членката на Конгресот на Соединетите Американски Држави, Клаудија Тени, копретседателка на Парламентарната група за Северна Македонија во Конгресот. За време на средбата, соговорниците разговараа за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Држави, засновано на заеднички демократски вредности, како и за значењето на улогата на американскиот Конгрес во развојот и стабилноста на регионот.
Гаши ја истакна посветеноста на Северна Македонија како членка на НАТО, при што ја нагласи и важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност, особено на Западен Балкан.
Во продолжение на посетата, претседателот на Собранието оствари средби и со директори на меѓународни организации кои со години ги поддржуваат демократските процеси и институционалниот развој на Собранието на Република Северна Македонија, односно со претставници на IRI и NDI.
На средбата со Даниел Твајнинг, претседател на Меѓународниот републикански институт (IRI), и Стивен Никс, директор за Европа и Евроазија, се разговараше за досегашната соработка и за стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.
Исто така, на средбата со Тамара Витес, претседателка на Националниот демократски институт (NDI), и Скот Бејтс, регионален директор за Европа и Азија, се разговараше за вредноста на долгорочната соработка меѓу Собранието и NDI. Гаши изрази благодарност за проектите насочени кон зајакнување на независноста и парламентарниот капацитет , дигитализацијата, транспарентноста и приближувањето на Собранието до граѓаните, вклучително и Програмата за парламентарна поддршка, која со години дава видливи резултати.
На сите средби, претседателот Гаши високо ја оцени континуираната поддршка од американските партнери за унапредување на демократските стандарди, потврдувајќи ја повторно подготвеноста на Собранието на Република Северна Македонија за продолжување и продлабочување на соработката во функција на зајакнување на демократијата, стабилноста и подоброто претставување на граѓаните.
Во овој дел од агендата, Гаши беше придружуван од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, како и од владината делегација на Република Северна Македонија, во чиј состав беа министрите Стефан Андоновски и Златко Перински, како и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
Инаку, за време на посетата, Гаши ќе учествува на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), а покрај бројните средби со значајни институционални претставници, се очекува да се обрати на Форумот за безбедност во Американскиот конгрес, како и да учествува на панел-дискусијата на конференцијата „Balkans Forward Summit“, организирана од Атлантскиот совет.
Македонија
Поради јавен собир во прекин сообраќајот кај Плетвар
Од 11:30 часот започнат е најавен јавен собир на околу 150 лица од ромска националност поради измените на ЗБСП, на крстосница за с. Ореовец на планински превој Плетвар на магистралниот пат А1 Прилеп- Градско, патниот сообраќај е во прекин во двата правци. На блокадата има поставено возила, гуми и други предмети, соопшти АМСМ.
Кај Касарната во Кичево блокирана е една сообраќајна лента во правец од Скопје према Охрид, возилата се пренасочуваат преку регионален пат за Осломеј, додека другата сообраќајна лента правец Охрид према Скопје е слободна за движење.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 30 – 40м. има на патниот правец Попова Шапка – с.Лисец.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

