Македонија
ЗНАМ: На Центар му треба прв човек што ќе воведе ред, ќе создаде урбан развој наместо урбан хаос, ќе го исчисти, ќе го направи безбеден
„На Центар му треба предводник кој ќе биде вистински претставник на граѓаните. Доволно млад и во истовреме доволно енергичен, доволно стручен, а во истовреме доволно посветен татко на општината. На Центар му треба прв човек што ќе воведе ред, ќе создаде урбан развој наместо урбан хаос, ќе го исчисти, ќе го направи безбеден, ќе се бори за секоја негова педа. На Центар му треба вистински центарец. На Центар му треба Мирослав Лабудовиќ“, е пораката што се слушна вечерва во Музејот на современа уметност, на промотивната Конвенција на кандидатот заа градоначалник на општина Центар и советничката листа од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Кандидатот за градоначалник, Мирослав Лабудовиќ, претставувајќи ја својата визија и приоритетите за идниот четиригодишен период, пред присутните се обврза дека нема да биде градоначалник што ќе работи само пред избори, туку посветено и одговорно во текот на целиот мандат.
„Во текот на четиригодишниот мандат се обврзувам дека ќе работам посветено, секогаш имајќи ја пред себе главната цел – моите сограѓани, кои мора да имаат приоритет. Тоа значи дека ние ќе бидеме постојано нивен сервис и секојдневно ќе работиме да го подобриме и да го направиме пофункционален нивниот живот. Имаме програма за која сум убеден дека е најквалитетна од сите понудени и со која навистина ќе ги промениме нештата во општината“, порача Лабудовиќ.
Тој најави ревизија на сите спорни урбанистички планови, нови катни и монтажи гаражи во Буњаковец, Капиштец и кај новата Железничка станица, чиста, безбедна и еколошки средена општина, со енергетско-ефикасни фасади. Новитети во образованието и изградба на Центар Хаб – мултифункционален, младински и културно – технолошки центар, поддршка на локалниот бизнис и спортот, и повеќе солидарност и инклузивност. Како еден од приоритетите ја потенцираше целосната транспарентност во работењето.
Пред присутните се обрати и носителот на советничката листа, Мишко Барзов кој изрази уверување дека со системски решенија, јасна визија, посветеност и чесна намера, советниците од ЗНАМ ќе создадат поинаква слика – поуредена, почиста и побезбедна општина.
„Верувам дека советничката листа на ЗНАМ ќе биде вистинскиот замаец на промените. Најискрено верувам дека Мирослав Лабудовиќ, нашиот Миро, е единствената личност која во овој момент, заедно со нас, може да направи вистински промени, системски решенија и нова визија за нашата општина. Наша цел е Центар да биде општина каде што повторно ќе владее ред, каде што маалата ќе ја вратат својата душа и каде што секој граѓанин ќе се чувствува горд што живее токму овде“, нагласи Барзов.
Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски истакна дека Лабудовиќ добил едногласна поддршка од партиското членство. Тој рече дека со години доаѓа во Скопје и никогаш главниот град и централната скопска општина не биле повалкани и во поголем хаос отколку што се сега.
„Не смееме да дозволиме да се скрши срцето на Скопје, не смееме да дозволиме Центар да остане во погрешни раце и да продолжи да се распаѓа како скапано јаболко. Време е за голема промена, време е за голема победа, време е за вистински човек кој и знае и сака и може да го воскресне Центар од правта и валканиците. Тој човек е нашиот Миро. Затоа што центарци знаат дека Миро е најдоброто решение за нивната општина. Јас гледам вистинска жар во неговите очи кога говори за Центар, кога дискутираме за проектите и визијата за наредните четири години. Немам ни трошка сомнеж дека тој искрено сака да го направи неговиот и ваш Центар најдобро место за живеење“, потенцираше Димитриевски.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на овие избори настапува самостојно со советнички листи во 53 општини и во градот Скопје. Кандидати на ЗНАМ за градоначалници во општините Куманово и Центар се Максим Димитиревски и Мирослав Лабудовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
101 санкција за непрописно вградени фолии во автомобили во јануари
Во периодот од 01.01.2026 до 31.01.2026 Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата, извести МВР.
При контролата санкционирани се 101 учесник во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци, велат од Министерството и додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен!
„Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен!“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Јавно побарав од сите советници да гласаат против одлуката од минатото за вработување на 21 лице, одлука што директно би го чинела градот 1,4 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните, средства со кои можеме да изградиме кружни текови, да обезбедиме нови автобуси и да реализираме проекти што носат реална корист за Скопје. На градскиот буџет гледам како на сопствениот.
Кога го презедовме градот во финансиски колапс, со одговорно и домаќинско работење успеавме повторно да го исправиме на нозе. И затоа, партиските апетити немаат место во Град Скопје. Се бориме за Скопје какво што го сакаме – функционално, чесно и во служба на граѓаните“, кажа Ѓорѓиевски.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

