Црна хроника
Поднесено обвинение за убиството на турски државјанин во Штип
По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Штип поднесе Обвинителен акт за петмина турски државјани инволвирани во убиството на Енес Оздемир од Турција во мај годинава.
Еден од обвинетите се товари за директно извршување на кривичното дело – Убиство од член 123 став 1, како и за неовластено држење на оружјето со кое било извршено убиството согласно член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Тројца од обвинетите му помогнале да го изврши кривичното дело и ќе одговараат за убиство во врска со членот 24, додека една обвинета се товари за помагање на сторителот по извршување на тешкото кривично дело според член 365 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Првообвинетиот 21- годишник без регулиран престој во државава, на почетокот на мај од непознато лице во Скопје, неовластено купил полуавтоматско огнено оружје –пиштол марка “FEG” , калибар 9 мм, со избришани податоци за модел и сериски број. Преку мобилни апликации се договорил со оштетениот на 8 мај да се сретнат во кафе бар во центарот на Штип, седнале на една од масите во аголот од летната тераса на кафе барот и разговарале околу 15 минути. Во еден момент обвинетиот отишол до тоалетот и веднаш се вратил, го извадил пиштолот и започнал да пука кон оштетениот, нанесувајќи му шест огнострелни повреди од кои починал.
Тројца обвинети, иако знаеле и биле свесни за неговите намери да го лиши од живот оштетениот, му обезбедиле логистичка поддршка за извршување на делото. Кога првообвинетиот пристигнал во Скопје, на 30.04 му обезбедиле сместување во станот кој и тие го користеле подолг временски период претходно, а му помогнале и преку засега непознати лица да го набави пиштолот. На денот на убиството, со возило на еден од обвинетите, заедно го превезле до Штип.
По извршување на убиството, со цел да не бидат откриени, ја повикале и петтата обвинета да ги превезе со друг автомобил во нејзина сопственост, па сите заедно се упатиле кон Скопје. Кога пристигнале пред наплатната рампа за патарина “Миладиновци“ и кога забележале дека на патарината е поставено полициско возило кое врши контрола, обвинетата иако знаела дека првообвинетиот е извршител на убиство и по него се трага, се обидела да му помогне да не биде откриен и фатен. Таа го запрела возилото на околу 300 триста метри пред патарината, овозможувајќи му на директниот извршител да излезе и да почне да бега надвор од коловозот, покрај автопатот, каде подоцна бил пронајден и уапсен.
Останатите продолжиле да се движат со возилото кон патарината и биле запрени од полициските службеници, кои започнале да ги легитимираат и да вршат преглед над возилото. Иако се обиделе да се дадат во бегство, сепак за кратко време биле фатени и лишени од слобода.
За четворица обвинети јавниот обвинител побара да биде продолжена мерката притвор, додека за петтата обвинета на сила се претходно определени мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец повикан на службен разговор по пријава дека ја нападнал партнерката
Полициски службеници од Кисела Вода утрово извршиле службен разговор со М.Х. (22) од Скопје. Разговорот следел по пријава поднесена од неговата 22-годишна партнерка.
Според пријавата, на 17 ноември 2025 година околу 18:30 часот, во домот каде што престојувала на подрачјето на Бит Пазар, таа била физички нападната од пријавениот.
Полицијата информира дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Осуденик нападнат во Идризово oд тројца затвореници
Осуденик во Идризово бил физички нападнат од тројца други затвореници, а во нападот бил употребен и тврд предмет.
Случајот го пријавиле од затворот.
Според пријавата, инцидентот се случил вчера, а нападнат бил И.И. (61) од селото Челопек, тетовско.
Полицијата известува дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Велосипедист тешко повреден во сообраќајна несреќа на патот Струга – Враништа
Во полицијата во Струга било пријавено дека на регионалниот пат од Струга кон селото Враништа се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „фолксваген голф“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Т.А. (57) од Горно Татеши, и велосипед управуван од Р.Ш. (65) од Враништа.
Во несреќата тешки телесни повреди добил велосипедистот, а повредите му биле констатирани во Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид.
Увид на местото извршила екипа од ОВР Струга.

