Македонија
Трајановски: ГТЦ ќе биде дом на градот, младите и културата – повторно симбол на Скопје

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски од коалицијата „Искуство за успех“, најави визионерски план за пренамена на Градскиот трговски центар во ново седиште на градската администрација и современ хаб за младите и културата.
„ГТЦ е симбол на Скопје, за да го зачуваме и заштитиме, мора да добие своја пренамена. Ќе добие нова улога – ќе биде функционален дом на институциите на Градот, достапен и ефикасен за граѓаните, но и ново срце на младите, иновацијата и културата.“ изјави Трајановски.
Во оваа визија и решение се предвидува, покрај градските институции, ГТЦ да стане и модерен простор наменет за младите, иновативноста, претприемништвото, зачувувањето на занаетите и нова поголема еколошка зона.
Во ГТЦ ќе биде воспоставен Скопски Хаб на Иновативност и Скопје Стартап Хаб, каде младите ќе развиваат свои идеи, ќе добиваат менторство и обуки, и ќе започнуваат нови бизниси. Ова ќе биде место каде Скопје ќе произведува решенија за сопствените предизвици и ќе креира иднина за младите генерации.
Освен административниот и стартап дел, во ГТЦ ќе има и простор за култура и традиција:
• галерии за музичка и ликовна уметност,
• изложбени простори за млади автори,
• ателјеа за занаети во изумирање, кои ќе добијат нов живот во модерна форма.
Наместо сегашната мала градина, целиот покрив на ГТЦ ќе биде претворен во голема зелена градина, нова градска оаза во срцето на Скопје.
Тоа ќе биде место за одмор, културни настани и урбано зеленило, со засадени дрвја, предвидени модерни седечки позиции и простор за младите и семејствата. Новата покривна градина ќе обезбеди дополнителна енергетска ефикасност, подобрување на квалитетот на воздухот и современ изглед на објектот, кој повторно ќе стане симбол на модерно и зелено Скопје.
Со овој проект, ГТЦ ќе го претвориме во уникатен градски центар кој ги спојува администрацијата, иновацијата, културата, традицијата и екологијата. Ова ќе биде Скопје кое инспирира, мотивира и им припаѓа на своите граѓани“ порача Трајановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити и Вардар го претставија Мастер планот за Чаир, сеопфатна визија за модерна, функционална и урбано силно идентификувана општина

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити во соработка со
светски познатиот архитект, Бајрам Вардар, денес го претставија Мастер
планот за Чаир, стратешки документ кој има за цел трансформација на
општината во модел на одржлив развој, со модерна инфраструктура, урбано
зеленило, културни простори и нови образовни и младински центри.
Мастер планот е резултат на работењето на широк тим експерти од Турција
и Северна Македонија, под водство на архитектот Бајрам Вардар, урбанист
со потекло од Скопје, кој изгради успешна кариера во Турција и беше дел
од тесниот тим на претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на неговиот
мандат како градоначалник на Истанбул. Во тимот учествуваа и познатите
експерти Надир Доган и д-р Мустафа Тутар, заедно со локални специјалисти
кои обезбедија прилагодување на планот кон реалните потреби на Чаир.
Мастер планот се темели на седум клучни столбови на развој:
Транспорт и сообраќај
Заштита на културното наследство
Туризам и економија
Образование
Култура и уметност
Рекреација и спорт
Урбана трансформација
Фокусот на планот се конкретни решенија за олеснување на сообраќајот и
модернизација на инфраструктурата. Визијата предвидува изградба на
булеварот “Хрватска” и “Црна Гора”, што ќе овозможи движење од
Автокоманда кон Сарај без да се минува низ Чаир. Исто така, предвидено е
проширување на булеварите “Митат Фрашери”, “Џон Кенеди” и “Цветан
Димов”, како и оптимизација на клучните сообраќајни точки за зголемување
на протокот. Еден од најзначајните проекти е изградбата на кружниот тек
околу парк-шума Гази Баба.
Друг клучен елемент е ревитализацијата на Стариот Чаир, со конкретни
мерки за зголемување на бројот на туристи, развој на економијата и
културниот живот, со трансформација на традиционалните ханови во
функционални центри и епицентри на урбани активности.
Проектот предвидува и создавање на 5000 нови паркинг места, вклучувајќи
механички паркинзи, како и изградба на нови младински центри, реновирање
на постоечките училишта и креирање на модерен кампус за Универзитетот
“Мајка Тереза”.
Посебно внимание во Мастер планот е посветено на проектот „Модерна
Топхана“, кој има за цел трансформација на населбата Топхана во иконичен
и атрактивен простор за Скопје, со спојување на траги од верски,
културни и историски вредности со современ архитектонски јазик, во
согласност со стандардите на Европската Унија.
На настанот за презентација на Мастер планот присуствуваа граѓани,
архитекти, урбанисти, претставници на медиуми и јавни личности, кои ја
поздравија оваа иницијатива како голем чекор кон трансформација на Чаир
во европска општина со силен урбан и културен идентитет.
Македонија
Трипуновски: Откупот на пиперка се одвива непречено, земјоделството останува врвен приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ

„Вчера во Струмица остварив средба со откупувачи и преработувачи на пиперка. На средбата договоривме откупот на пиперката да се одвива со одбитоци не поголеми од 3%, а откупната цена да не биде пониска од 25 денари за килограм пиперка откупена на рефус. Исто така, договорена е и динамиката на откупот, при што целата пиперка ќе биде откупена“, информира министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
„Денеска, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, ги посетивме откупните центри во Кривогаштани и Могила, каде што извршивме увид во откупниот процес на пиперката. Ова е резултат на нашата постојана грижа за заштита на интересите на земјоделците и обезбедување на фер услови при откупот на земјоделските производи. На секој откупен пункт ќе има инспектор кој ќе го следи откупот и нема да дозволи манипулации во самиот процес. Земјоделството е приоритет и ние сме тука да ги штитиме правата на секој земјоделец“, пишува во објавата на ФБ.
Македонија
(Фото) И пратеници трчаа на скопскиот маратон

Денеска во Скопје се одржа 21. Визер Скопски маратон. Првпат институцијата Собрание настапи како организиран тим, со силна порака за блискост со граѓаните и тимски дух, под мотото „Собрание за граѓаните – трчаме заедно“, информираат од прес службата на Собранието на Македонија.
64 пратеници и службеници од Собранието трчаа во неколку дисциплини, и тоа: полумаратон, штафета и трка на 5 километри, за промоција на здрави навики, солидарност и институционална отвореност кон граѓаните.
Учеството на Маратонот е дел од Планот за подобрување и ЦАФ мерки кои успешно се имплементираат во Собранието од септември 2025 година, согласно Програмата за собраниска поддршка (ПСП).
На штафетата, Собранието беше претставено од 2 екипи, додека на полумаратонот трчаа 6 претставници. Во трката на 5 километри учествуваа 50 претставници на Собранието.
„Пратениците и службениците со гордост ја пренесоа пораката дека Собранието е институција блиска до граѓаните, која трча заедно со нив – во спортот и во развојот на општеството. Во суштина, ова учество не е само спортски настан — тоа е симболична порака за транспарентност, соработка и човечки пристап во работата на Собранието“, стои во соопштението.