Македонија
Движење ЗНАМ – За Наша Македонија: Дивоградби пред општина Центар – градоначалникот Герасимовски молчи
На денешната прес конференција Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија посочи дека буквално пред кабинетот на градоначалникот, на само 30 метри од општината, се случува урбанистички криминал кој го гледаат сите жители на Центар, но за кој актуелниот Градоначалник и градежната инспекција молчат.
Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов рече дека пред очите на јавноста се уништуваат дрвја, се узурпираат тротоари и јавни површини, а приватниот интерес повторно е ставен над интересот на граѓаните.
„Сведоци сме на узурпација на јавен простор, уништување на зеленило и изградба на дивоградби, токму пред очите на општината, без никаква транспарентност. Затоа јавно го повикуваме актуелниот градоначалник Горан Герасимовски:
• Да ја објави целокупната документација поврзана со Хотел „Маџо“ – од барањето за градба и доградба на т.н. летна тераса, која всушност е ресторан, преку сите акти за пренамена во хотелско сместување, до неговите лични потписи на одобренијата за доградба.
• Да излезе пред ЦЕНТАРЦИ и да покаже документи и аргументи за тоа како е дозволено да се догради аголот од објектот во парцела 22.1 и да се изврши целосна реконструкција на соседниот објект (парцела 22.10), додека јавни површини се користат за градежни активности и зеленилото се уништува“, рече портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.
Тој додаде дека фактите зборуваат и ситуацијата на терен е кристално јасна.
„Според ДУП „Дебар Маало 2“ – градежна парцела 22.1 предвидува дворно место, а денес таму гледаме узурпација за угостителски намени со цврста градба. На парцелата 22.10 се изведуваат работи како целосна реконструкција – фасада, кров, внатрешност.Поставени се и надворешни скали, и тоа на тротоар, кој е јавна површина. За време на овие интервенции исечени се две дрва и оштетен е косник од бандерата“,
потенцира Мемов и запраша:
„Дали општинската градежна инспекција воопшто постапила по овој случај? Дали е извршен инспекциски надзор, и ако е – кои се заклучоците? Дали е издаден налог за стопирање на градежните работи и за санкции, или пак, градежната инспекција при општина Центар свесно молчи и дозволува објектот да расте пред очите на јавноста? Господине градоначалник, како е можно вакви интервенции да се одвиваат пред вашиот
кабинет, а општината да молчи“.
Портпаролот на Движењето ЗНАМ рече дека сето ова е доказ за соучесништво и за штитење на приватни интереси на сметка на јавниот
простор. Мемоав наглси дека Центарци имаат право да ја знаат вистината и дека мора да се престане со молкот и со селективната правда.
„Доста е со политичка глума и манипулации. Горан Герасимовски, излези конечно пред граѓаните. Дали ова е твоето ветување – јавен простор за приватни бизниси? Дали ова е твојата визија – Центар без зеленило, без воздух, без иднина? Ова е понижување за сите жители на Центар кои ти дадоа доверба, а години наназад добиваат бетон наместо парк, дивоградби наместо ред, корупција наместо правда“, рече Мемов и додаде дека граѓаните не се слепи.
„Граѓаните ЗНААТ и Центар ЗНАЕ. На 19 октомври граѓаните ќе изберат човек кој навистина ќе работи во интерес на Центар, за граѓаните, за нивните соседи, семејства и за зачувување на јавните простори и зеленило“, потенцира портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија,
Никола Мемов на денешната прес конфернција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Габриел: Стратешко партнерство за европски инвестиции во животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со Бјорн Габриел, раководител на Канцеларијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Северна Македонија.
На средбаta, Хоџа и Бјорн разговараа за продолжување на досегашната соработка меѓу Министерството и ЕИБ, со посебен фокус на имплементацијата на стратешките проекти во областа на животната средина и водната инфраструктура.
Хоџа ја истакна важноста на континуираната поддршка од ЕИБ во реализацијата на проекти кои имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните и заштитата на животната средина.
Бјорн нагласи дека Европската инвестициска банка, како банка во сопственост на земјите членки на Европската Унија и како најголема мултилатерална финансиска институција, поддржува одржливи проекти кои придонесуваат кон остварување на стратешките цели на ЕУ, со посебен фокус на Европа.
Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Република Северна Македонија имаат потпишано два кредитни договори со ЕИБ, и тоа 68 милиони евра за проектот „Изградба на станица за третман на отпадни води за градот Скопје“ и 50 милиони евра за проектот „Подобрување на водната инфраструктура во општините“, кој опфаќа 80 општини во државата.
Покрај кредитите, ЕИБ обезбедува и грантови за техничка помош, а во рамки на проектот за станицата за третман на отпадни води во Скопје се обезбедени 69 милиони евра грантови од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF), кои се администрираат преку ЕИБ како водечка банка на проектот.
Бјорн повторно ја потврди посветеноста на ЕИБ за целосна поддршка во реализацијата на проектите, потенцирајќи ја тесната соработка со проектните тимови, редовното учество на координациски состаноци и улогата на ЕИБ како мост помеѓу институциите на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија.
Двете страни се согласија да продолжат со интензивна соработка со цел успешна имплементација на приоритетните проекти во областа на животната средина.
Македонија
Хоџа–Солстром: Шведска, клучен партнер во еколошките реформи
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, на која беше разговарано за унапредување на билатералната соработка во областа на животната средина и поддршката за европската интеграција на државата.
Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Шведска ја обезбедува преку бројни проекти од областа на животната средина, кои придонесуваат за усогласување со европските стандарди и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Притоа беше нагласено дека Шведска е трет најголем донатор на Министерството, по Европската унија и Швајцарија.
На средбата беа презентирани тековните и планираните заеднички проекти, со посебен акцент на управувањето со отпад, зајакнувањето на институционалните капацитети за Поглавје 27 и активностите за подобрување на квалитетот на воздухот.
Посебно внимание беше посветено на регионалните и националните иницијативи за справување со загадувањето на воздухот, вклучително и проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој се реализира со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) и УНДП.
Хоџа ја потврди заложбата на Министерството за продолжување и продлабочување на соработката со Кралството Шведска, во насока на заштита на животната средина и забрзување на европската интеграција на Северна Македонија.
Македонија
Државните патишта проодни, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
AМСМ информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот период, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година, потсетуваат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

