Македонија
Мицкоски: Филипче е континуитет на политиките на неговиот гуру Заев, за нив покачувањето на пензиите не значи ништо затоа што нивните јахти и хациенди вредат милиони
На денешниот народен митинг во Ново Село во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што потенцираше дека е убеден дека граѓаните во голем број ќе ја дадат довербата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и ќе гласаат за бројот 9 за да продолжи Македонија да се развива и гради.
„Нашиот политички противник оваа кампања ја започна со негативна кампања. Јас не слушнав до сега од претседателот на СДСМ ниту еден проект ниту една стратешка визија ниту еден проект што ќе значи иднина. Тој самиот вели во неговите говори дека ова раководство на СДСМ е континуитет на раководството на СДСМ коешто 7 години ја пустошеше и ја распродаваше Македонија па има ли поголема потврда од ова и поголема инспирација за граѓаните во Македонија да излезат на 19 октомври и да гласаат токму против тие политики коишто минатата жестоко ги поразија на парламентарните и претседателските избори“ нагласи Мицкоски.
Понатаму, Мицкоски посочи дека Филипче е континуитет на политиките на Зоран Заев коишто го осиромашија народот а половина милион граѓани оставија со 150 денари на ден.
„Замислете човекот излегува ни срам ни перде, без никаква дилема вели јас сум континуитет на политиките на мојот гуру Зоран Заев. Ајде да се присетиме што се случуваше тие 7 години. Еве дали да почнеме од тоа што половина милион наши граѓани живееја со 150 денари на ден. Дали да зборуваме за пензиите на пензионерите коишто годишно се покачуваа од 130- 150 до 500 денари максимум. Тоа беа покачувањата на пензиите за нашите пензионери во тие 7 години. Па сега ќе кажат покачувањето што го направи оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ не било доволно па се потсмеваат со тоа, се исмеваат со тоа а забораваат дека повеќе од 350 илјади пензионери досега добија линеарно покачување од 6000 денари а за година и половина заклучно со покачувањето што ќе биде во април месец, односно за месец март, вкупното линеарно покачување ќе биде за секој пензионер за сите овие повеќе од 350 илјади пензионери 7 000 денари. Замислете повеќе од 150 илјади пензионери имаа пензија којашто во тоа време беше под 15 илјади денари 2 пензионери во семејството добиваа вкупна пензија од 30 илјади денари. Сега 2 пензионери во семејството ќе добиваат вкупна пензија од 44 илјади денари. Ако 14 илјади денари во семејство за двајца пензионери на значи ништо за Венко Филипче и за неговиот гуру Зоран Заев, тогаш за нашите пензионери тоа значи многу и го олеснува животот“ истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека зголемувањето на пензиите за Филипче не значи ништо затоа што нивните јахти и хациенди вредат милиони.
„За нив 14 илјади денари можеби не значат ништо затоа што нивните јахти, нивните хациенди на Халкидики и во Дубаи вредат милиони, 10тици милиони евра па на тој начин тие се потсмеваат со маката на македонскиот народ којшто го осиромашуваа и кој го пустошеа 7 години. Овој човек вели дека е континуитет на владата на СДС и ДУИ кои 7 го доведе македонскиот народ и граѓаните на питачки стап“ истакна Мицкоски.
Мицкоски ги потенцира предавствата на СДС и шарените лаги за резолуцијата со црвени линии на Венко и СДС.
„Да се потсетиме и на националните предавства и распродажбата на Македонија. На капитулантскиот договор со нашиот источен сосед, да се потсетиме за она што тие го нарекуваат француски предлог а ние бугарски диктат. 15 пресуди од судот во Стразбур стојат во некоја фиока фаќаат прашина и немаат абер ниту една од нив да имплементираат а овие наши мислејќи дека на тој начин ќе останат уште долго на власт влегоа во тој аранжман не водејќи сметка за македонците од другата страна на границата. Денес ќе го слушнете Венко како се препелка на отворена сцена и ќе ви зборува за резолуција со црвени линии. Па ќе зборува за себе дека бил некаков патриот. Зарем некој овде верува дека во СДСМ има нешто патриотско. Зарем некој верува во овие шарени лаги. Затоа е важно на 19 октомври да заокружиме 9 за да победи Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Габриел: Стратешко партнерство за европски инвестиции во животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со Бјорн Габриел, раководител на Канцеларијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Северна Македонија.
На средбаta, Хоџа и Бјорн разговараа за продолжување на досегашната соработка меѓу Министерството и ЕИБ, со посебен фокус на имплементацијата на стратешките проекти во областа на животната средина и водната инфраструктура.
Хоџа ја истакна важноста на континуираната поддршка од ЕИБ во реализацијата на проекти кои имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните и заштитата на животната средина.
Бјорн нагласи дека Европската инвестициска банка, како банка во сопственост на земјите членки на Европската Унија и како најголема мултилатерална финансиска институција, поддржува одржливи проекти кои придонесуваат кон остварување на стратешките цели на ЕУ, со посебен фокус на Европа.
Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Република Северна Македонија имаат потпишано два кредитни договори со ЕИБ, и тоа 68 милиони евра за проектот „Изградба на станица за третман на отпадни води за градот Скопје“ и 50 милиони евра за проектот „Подобрување на водната инфраструктура во општините“, кој опфаќа 80 општини во државата.
Покрај кредитите, ЕИБ обезбедува и грантови за техничка помош, а во рамки на проектот за станицата за третман на отпадни води во Скопје се обезбедени 69 милиони евра грантови од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF), кои се администрираат преку ЕИБ како водечка банка на проектот.
Бјорн повторно ја потврди посветеноста на ЕИБ за целосна поддршка во реализацијата на проектите, потенцирајќи ја тесната соработка со проектните тимови, редовното учество на координациски состаноци и улогата на ЕИБ како мост помеѓу институциите на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија.
Двете страни се согласија да продолжат со интензивна соработка со цел успешна имплементација на приоритетните проекти во областа на животната средина.
Македонија
Хоџа–Солстром: Шведска, клучен партнер во еколошките реформи
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, на која беше разговарано за унапредување на билатералната соработка во областа на животната средина и поддршката за европската интеграција на државата.
Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Шведска ја обезбедува преку бројни проекти од областа на животната средина, кои придонесуваат за усогласување со европските стандарди и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Притоа беше нагласено дека Шведска е трет најголем донатор на Министерството, по Европската унија и Швајцарија.
На средбата беа презентирани тековните и планираните заеднички проекти, со посебен акцент на управувањето со отпад, зајакнувањето на институционалните капацитети за Поглавје 27 и активностите за подобрување на квалитетот на воздухот.
Посебно внимание беше посветено на регионалните и националните иницијативи за справување со загадувањето на воздухот, вклучително и проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој се реализира со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) и УНДП.
Хоџа ја потврди заложбата на Министерството за продолжување и продлабочување на соработката со Кралството Шведска, во насока на заштита на животната средина и забрзување на европската интеграција на Северна Македонија.
Македонија
Државните патишта проодни, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
AМСМ информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот период, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година, потсетуваат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

