Спорт
Мбапе под знак прашалник за Азербејџан и Исланд
Селекторот на француската репрезентација, Дидие Дешан, изјави дека чека нови информации од медицинскиот тим за повредата на глуждот на Килијан Мбапе пред квалификациите за Светското првенство.
Мбапе го напушти теренот на крајот од натпреварот во кој Реал Мадрид го победи Виљареал со 3:1 во саботата. Веднаш по постигнувањето на третиот гол за својот тим, францускиот напаѓач седна на тревата, се фати за десниот глужд, а потоа полека го напушти теренот.
„Во моментов немам никакви дополнителни информации. Како и секогаш, ќе биде објавено соопштение, без оглед на тоа за кој играч или клуб станува збор. Разговарав со него, има мал проблем, но да беше повредата сериозна, немаше да дојде денес. Ќе почекаме проценка на медицинскиот тим и ќе видиме како ќе се развива ситуацијата“, рече Дешан на прес-конференцијата.
Во петок, Франција го пречекува Азербејџан на „Паркот на принцовите“ во Париз, додека во понеделник гостува во Рејкјавик. „Триколорите“ се лидери во групата Д со две победи на почетокот од квалификациите.
Мбапе е втор најдобар стрелец во историјата на француската репрезентација со 52 гола и му требаат уште шест за да го престигне Оливие Жиру на врвот на листата.
Голот против Виљареал беше негов 14-ти во 10 натпревари за Реал Мадрид оваа сезона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Барселона лесно се справи со Бетис
Барселона убедливо победи во едно од дербињата на 15-то коло од Ла Лига. Во Севилја го победи Бетис со 5:3.
Се чинеше дека Барселона може да се лизне во Севилја против Бетис. Ерупција на воодушевување донесе голот на Антони во петтата минута. Барселона одоговори експресно со два гола на Феран Торес во 11-та и 13-та минута.
Барселона не застана тука. Напротив, во 31-та минута, Педри беше во улога на асистент, а Бардаги совршено ја контролираше топката, а потоа од 15 метри го погоди блискиот агол на голманот Валхес.
До крајот на првото полувреме, Барселона веќе го обезбеди триумфот, во 40-та минута имаше малку среќа, Торес шутираше, топката се одби од противничкиот играч и заврши во мрежата на домашниот тим.
Во продолжение, Барселона постигна петти гол, во 57-та минута беше досуден пенал за гостите, по прегледаното ВАР видео, а Ламине Јамал погоди за 1:5.
До крајот на натпреварот, има уште три детали што вреди да се споменат, пред сè оној од 85-та минута кога Љоренте го постигна вториот гол за Бетис, а потоа и неверојатното промашување на Рашфорд кој, минута подоцна, сам се најде пред голманот на Бетис и шутираше покрај голот од десетина метри.
Во 90-та минута, Кунде направи пенал, а Кучо Ернандез сигурен за конечни 3:5.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Ливерпул во Лидс испушти 0:2 и 2:3, Танака во 96-та погоди за 3:3
Спектакуларно второ полувреме одиграа Лидс и Ливерпул во Премиер лигата. Ливерпул не може да излезе од кризата, против Лидс не им беше доволна предноста од 0:2 и 2:3. идес освои бод во 96-та минута кога Танака го постигна голот за 3:3.
По првиот дел во кој немаше голови, навивачите на „Елан роуд“ присуствуваа на вистински спектакл. Ливерпул постигна два гола во интервал од 120 секунди. Екитике погоди во 48-та и 50-та минута.
Лидес одговори идентично, во 73-та погоди Калвер-Лувин од пенал, а изедначи Стач во 75-та минута.
Нова предност на Ливерпул му донесе Собослај во 83-та минута. Но „црвените“ не успеаја да победат. „Елан роуд“ во делириум го фрли Танака со голот за конечни 3:3 во 96-та минута.
Foto/ EPA
Спорт
Интер го декласира Комо
Фудбалерите на Интер убедливо го победија Комо со 4:0 (1:0) во натпреварот од 15-то коло на италијанската Серија А.
Момците на Кристијан Киву, слободно може да се каже, го декласираа тимот на Сеск Фабрегас, најпријатното изненадување во досегашниот тек од сезоната.
Веќе во 11-тата минута, Лаутаро Мартинез ги доведе „нероазурите“ во водство и го најави триумфот на домашниот тим.
Комо се држеше максимално во првото полувреме, имаше неколку можности за израмнување, а потоа гостите се распаднаа во продолжението.
Маркус Тирам ја удвои предноста на Интер во 59-та минута, а точно на истекот на 80-та минута, Хакан Чалханоглу, во свој стил, од работ на шеснаесетникот го зголеми резултатот на 3:0.
Конечниот резултат го постави Карлос Аугусто во 86-та минута.
Интер ја забележа 10-та последователна победа во лигата над Комо, кој не постигна гол во претходните пет меѓусебни средби.
По овој натпревар Серија А, повторно има нов лидер, барем додека Милан не го одигра својот натпревар.
Foto/ EPA

