Спорт
Чави: Два пати беа блиску да заминам од Барселона, имав сериозни понуди од Милано
Легендата на Барселона, Чави, целата кариера ја мина на „Кап Ноу“, како тренер на функцијата се задржа две ипол години. Чави повеќе од една година е без работа и покрај тоа што редовно добива понуди. Пред две недели го поврзуваа со Манчестер Јунајтед, во случај Рубен Аморим да добие отказ.
Во интервју за „Cronache di Spogliatoio“,Чави откри дека во различни фази од неговата активна фудбалска кариера, во два наврати можел да заврши во Милано. Интер покажал сериозен интерс, додека на радарот на Милан бил како тинејџер.
„Бев блиску до напуштање на Барселона двапати. Првиот пат беше Милан. Разговарав со Галијани откако го освоив Светското првенство до 20 години со Шпанија. Росонерите беа навистина заинтересирани за мене, но решив да останам во Барселона. Вториот пат, речиси една деценија подоцна, се јавил и Интер. Имавме лош период во 2008 година во Барселона и многу луѓе ме обвинуваа што не можев да го раздвижам тимот. Интер ме сакаше, Баерн Минхен исто така беше заинтересиран, но на крајот Гвардиола дојде на клупата на првиот тим и сè се промени“.
Легендарниот играч од средниот ред зборуваше и на актуелни теми. Една од нив е Ламин Јамал, кого Чави го претстави во првиот тим и му даде шанса да дебитира за Барселона.
„Тој беше „избран“, може да биде еден од фудбалските генијалци. Сè зависи од него, од неговата амбиција, од неговата страст. На 15 или 16 години, тој дриблаше како професионалец, а ние од тренерскиот штаб секој ден на тренинг се прашувавме кој е најдобар. И тоа најчесто беше тој. Тој правеше посебни работи што нормално ги гледате само кај Нејмар, Меси и играчи од тој калибар. Видов дека е подготвен и не се плашев. Ниту тој не се плашеше, немаше комплекси. Може да направи разлика, она што го прави на негова возраст е прекрасно“, заклучи Чави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голем пресврт на „Стенфорд Бриџ“ – Челзи го победи Вест Хем
Фудбалерите на Челзи, со пресврт во второто полувреме, го добија градскиот дуел со Вест Хем (3:2).
По оваа победа, Челзи го престигна Манчестер Јунајтед на табелата во Премиер лигата со 40 бода, „црвените ѓаволи“ имаат два бода помалку и натпревар помалку од тимот од Лондон.
По две победи по ред, Вест Хем го забележа својот 14-ти пораз, по што остана на 20 бода и на 18-то место во Премиер лигата.
„Чеканите“ имаа предност по првиот дел од 0:2. Стрелци на головите беа Боувен и Самервил.
Челзи одговори на вистински начин. Израмнување на „сините“ им донесоа играчите кои влегоа од клупата за резерви, Жоао Педро и Кукуреља, а победата ја обезбеди Енцо Фернандез со голот во 92-та минута.
На крајот, натпреварот го зачини тешакчата во финишот, Тодибо за врат го фати Жоао Педро, Мавропанос се обиде да му удри шамар на Палмер. Во целата таа мешаница само Тодибо доби црвен картон.
Спорт
Македонија против Украина или Словачка во баражот за СП
Ракометната репрезентација на Македонија добро помина на ждрепката, која ги одреди двојките за баражот, за пласман на Светското првенство.
Македонија ќе игра против победникот од претквалификацискиот дуел меѓу Украина и Словачка.
Македонија на 13 или 14.мај ќе гостува, а реваншот во Скопје ќе се одигра три дена подоцна.

Foto/ EPA
Спорт
Пол Џорџ падна на допинг тест
Кошаркарот на Филаделфија, Пол Џорџ, е суспендиран поради позитивен допинг тест.
Инсајдерот Шамс Чаранија, објави дека НБА го суспендираше Џорџ на 25 натпревари поради кршење на антидопинг прописите.
Пол Џорџ издаде соопштение во кое се вели:
„Во текот на изминатите неколку години, многу зборував за тоа колку е важно менталното здравје и поради тоа, направив голема грешка со тоа што самиот си земав лекови. Ја преземам одговорноста за моите постапки и им се извинувам на Севентисиксерс, соиграчите, навивачите и сите други за моите лоши одлуки за време на тој процес. Фокусиран сум на тоа да го искористам ова време за да го опоравам мојот ум и тело на најдобар можен начин и да му помогнам на тимот кога ќе се вратам“, рече Џорџ.
Не е наведено зошто Џорџ не го поминал допинг тестот.
Популарниот играч има 35 години и имаше просек од 16 поени и 5 скока во 27 натпревари оваа сезона.

