Соопштенија
Проданоски: Реконструкција на речното корито во Прилеп со пешачки и велосипедски патеки, урбана опрема и современо осветлување

Време е градската река да стане нашата гордост. Од заборавена и запуштена, таа ќе се претвори во жив простор за сите генерации на Прилеп, вели кандидатот за градоначалник на Прилеп, Дејан Проданоски.
„Ова е уште еден од нашите приоритетни проекти, реконструкција на речното корито во населбата Сточен пазар до градскиот базен, Маркови кули и новиот мост на улица Победа или вкупно четири и пол километри должина.
На површина од повеќе од 14 хектари ќе изградиме пешачки и велосипедски патеки, кејски ѕидови, урбана опрема, клупи и современо осветлување.
Со новите пешачки мостови и реконструкцијата на коритото, ќе ги поврземе двата брега во градот, отворајќи нови комуникациски правци и олеснувајќи го пристапот на нашите сограѓани кои живеат во населбите покрај реката“.
Нашата цел е јасна, додава тој. Уреден кеј за рекреација, дружење и семејни активности, чист и безбеден за сите граѓани.
„Со овој проект ќе создадеме модерен и функционален простор кој ќе го трансформира централниот дел на Прилеп во симбол на чистота, убавина и напредок. Простор кој што ги поврзува луѓето, ги охрабрува да рекреираат, да се дружат и да уживаат во природата.
Оваа трансформација со сигурност значи подобрување на квалитетот на животот во општина Прилеп.
Со реконструкцијата ќе ги поврземе населбите околу реката и ќе го олесниме пристапот за сите граѓани, без разлика дали живеат блиску или подалеку од центарот на градот.
Пешачките и велосипедските патеки ќе го направат движењето низ градот побезбедно, полесно и поудобно“.
Како што вели, градската река ќе стане симбол на новиот Прилеп, место каде природата и урбаната убавина се спојуваат и каде што децата ќе растат во чист и безбеден град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Трајановски: Две нови градинки и проширување на капацитетите на постоечките во општина Аеродром

Две нови градинки и проширување на капацитетите на постоечките во општина Аеродром, ветува во својата изборна програма Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ.
„Еден од најголемите проблеми во нашата општина е недостатокот на слободни места во детските градинки. Родителите со години се соочуваат со листи на чекање за упис во градинка и преголеми групи на деца во градинките. Секое дете во Аеродром мора да има свое место во градинка. Тоа е еден од главните приоритети на кои ќе се посветам како иден градоначалник. Не нудиме неостварливи ветувања. Две нови современи детски градинки предвидовме за следните 4 години – една во Мичурин со капацитет од 300 деца и една во Ново Лисиче со капацитет од 150 до 250 деца. Овие градинки ќе бидат изградени по највисоки стандарди, со енергетски ефикасни објекти, целосна пристапност за лица со попреченост и со современи услови за престој, воспитание и игра. Со тоа отвораме повеќе од 450 нови места за децата во Аеродром, а дополнително проширување на постоечките градинки конечно ќе го решиме долгогодишниот проблем со недостигот на капацитети во градинките. Нашата цел е ниедно дете во Аеродром да не остане без место во градинка“, рече тој.
Соопштенија
Грозданов: Современа противпожарна опрема и функционална хидрантска мрежа во Кочани

Современа противпожарна опрема за сите пожарникари и функционална хидрантска мрежа во Кочани ветува Владко Грозданов, кандидат за градоначалник на општина Кочани поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во наредниот четиригодишен мандат, јас како кандидат за градоначалник, заедно со носителот на листата на советници, најавуваме зајакнување на капацитетите за заштита и превенција од пожари. Тоа значи грижа за граѓаните, шумите, инфраструктурата, односно безбедноста на целиот град. Набавка на современа противпожарна опрема за сите пожарникари, набавка на навално возило и противпожарни цистерни. Ревизија и оспособување на градската хидрантска мрежа, ревизија и оспособување на станбената хидрантска мрежа. Усогласување на бројот на вработени според законската регулатива“, рече тој.
Соопштенија
Каранфилова –Пановска од Неготино: Програмата на Мантев со низа мерки за лицата со попреченост

Заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфиловска Пановска, заедно со кандидатот за градоначалник на општина Неготино Петар Мантев, денеска оствари средба со претставници на НВО „Порака – Неготино“, здружение на родители на деца со ментален хендикеп, како и со Центарот за лица со попреченост.
-Во програмата посебно место е посветено на подобрување на условите за лицата со посебни потреби и нивните семејства. Секаде, во сите образовни установи, мораме да обезбедиме непречен пристап и образовна асистенција за учениците со посебни потреби, кои ќе работат професионално, истакна Каранфилова Пановска.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалицијата, Петар Мантев додаде дека во прорамата се предвидува и бесплатен јавен општински превоз за целни групи, како дополнителна мерка за подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.
„Нашата заедничка борба, борбата за нашиот дом е инклузивна и ги вклучува сите, порача заменик претседателката на СДСМ“, Фани Каранфиловска Пановска.