Македонија
Заробени во минатото, политичките противници мислат дека со црна кампања ќе не оттгрнат од планот и амбицијата, порача Мицкоски
На денешниот народен митинг во Зелениково во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што кажа дека политичките противници СДС ДУИ и Левица не извлекоа поука од поразот на минатите избори, се нереформирани и заробени во минатото и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата којашто е за развој и напредок на државата.
„Политичките противници не извлекоа резултати од претходните избори и продолжија по она старото како до сега. Така и се однесуваат во оваа кампања за мене можеби малку чудно, несвојствено од првиот ден на почетокот на оваа кампања почнаа со црна кампања со напади врз мене, врз луѓето кои се дел од раководството на партијата врз кандидатите и идни градоначалници со ниски страсти еден од перјаниците на таа кампања на СДС денеска ќе напише дека голем штос во оваа кампања би било да го најдат исецкано моето тело во оние куфери кои што се обидоа неколкумина да ги постават во близина на штабот на ВМРО-ДПМНЕ а потоа да пријават дека има подметнато бомба во текот на вчерашниот ден и на тој начин тие мислат дека ќе не оттргнат од реалните проблеми дека ќе не оттргнат од планот и амбицијата кој што ја имаме да испорачаме за граѓаните бидејќи нашето место е овде пред граѓаните и за граѓаните. Има политичари кои живеат од Македонија и од граѓаните и има политичари коишто живеат за Македонија и граѓаните“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека на овие локални избори има две понуди едната опција СДС-ДУИ и Левица а другата опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, трета опција нема.
„На овие избори имаме такви две понуди секој кој мисли дека има трета опција се лаже. Од една страна имаме полуформална коалиција СДС-ДУИ и Левица а од друга страна е коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ односно коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот. Првата опција на СДС ДУИ и Левица е понуда која што се обединила исклучиво поради еден интерес а тоа е повторно со трик, лага конструкција да се обидат да дојдат на власт и потоа да уживаат од она коешто граѓаните го создаваат во државата. На грбот на граѓаните и Македонија. Втората причина е патолошкиот гнев кој го имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Првата опција е нереформирана, втората опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која изминатите 15 месеци покажа и докажа дека со напорна работа и чесна работа дека голем дел од децениските проблеми успева да ги реши“ кажа Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните на 19 октомври да гласаат за број 9 за јасен план и јасна визија за напредок на Македонија.
„Изминатите 15 месеци понудивме план и визија како да ја развиваме Македонија. Или ќе избереме опција во која што се враќаме назад опција која Венко Димче и Ахмети ќе не врати назад во минатото или ВМРО-ДПМНЕ која има јасна визија план како да се бори за секое едно семејство, за секој млад човек. На 19 октомври да гласаме за бројот 9“ заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

