Македонија
Мицкоски до Филипче: На митинзи ниту пратениците не ти доаѓаат, сам си со Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Центар, во рамки на кампањата за локалните избори на 19 октомври, која е под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина! се осврна на политичките противници и истакна дека народот ќе ги порази на овие избори а на митинзите на СДС дури и нивните пратеници не им доаѓаат, Венко Филипче и Заев се сами.
„Вчера нашите противници беа тука, освен тоа што кажаа дека ќе не направеле салата, на изборите, друго не понудија. Заев нудеше живот и ајро, а Венко среќа и салата. А вистината е дека ниту среќа ќе донесат, ниту салата ќе не направат. И знам дека зад тоа простодушно храбрење на сопствените митинзи, се крие огромен страв од поразот кој го чека, но еве да му соопштам на Венко дека народот салата нив ќе ги направи на овие локални избори. И разбирате дека СДС е партија на проблеми, го оставиле Венко сам да ја трга маката која сам си ја прифати и создаде, и товарот кој сам си го впрегна на грбот. Впрочем, тој, а да не кажам и Заев и неговиот струмички гуру, ја управуваат СДСМ, но е јасно дека Венко покрај помошта на неговиот гуру, ако воопшто може да се нарече некаква помош, од друго нема. На неговите митинзи со лупа не можете да најдете некој пратеник од неговата пратеничка група во Собранието, не можете да најдете ниту некој друг висок функционер, затоа што бродот кој тоне сите го напуштаат, а СДСМ со овие луѓе на чело одамна е во стечај. А таму се затоа што не извлекоа поука од ниту една работа што ѝ ја направија на Македонија. Нереформирани и во целосна безидејност. Никаква промена не направија“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски истакна дека СДС се нереформирани и се истите тие луѓе кои виткаа кичма и потпишаа капитулација со Бугарија.
„Тие се истите луѓе кои виткаа кичма на секое прашање важно за државата, истите луѓе што потпишаа капитулација каде и да стигнат за пуста власт. И не за џабе токму Венко и неговиот гуру се македонските политичари со највисок рејтинг во Бугарија, затоа што реченицата што еден бугарски политичар ми ја кажа во четири очи, „ас сам платил“, е реченицата што ја објаснува секоја попустливост на Венко и СДСМ во однос на ова прашање. И затоа денеска матат некакви црвени линии кои се убаво запакуван поклон за Бугарија, и затоа не одговараат на просто и едноставно прашање, ако капитулацијата пред нашиот источен сосед бил најдобриот предлог што го штити идентитетот, како што тие тврдеа, тогаш зошто се црвени линии?
Јасно е дека црвените линии им требаат за нови отстапки и ново предавство, тие и сите треба да знаат, нема никогаш да дозволам да се случи била каква отстапка додека јас ја имам одговорноста да ја водам Владата а притоа македонскиот народ и Македонија да не добијат реципроцитет“ заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Општина Центар испрати протестна нота до австриската амбасада поради паркирано возило во пешачка зона

Општина Центар – Скопје испрати протестна нота до Амбасадата на Република Австрија поради непрописно паркирање и загрозување на безбедноста на пешаците.
Во целост ја пренесуваме протестната нота, потпишана од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Општина Центар – Скопје упатува најостар протест поради непрописното паркирање на дипломатско возило на австриската амбасада со регистарски таблици 22-CMD-01, кое на 8 октомври 2025 година (среда) било паркирано во пешачка зона во паркот во населбата Капиштец, во близина на улицата „Народен фронт“, наспроти угостителскиот објект „Интермецо“.
Оваа постапка претставува директно прекршување на сообраќајните правила и нарушување на јавната безбедност.
Овој простор е наменет за рекреација на граѓаните, со спортски и детски игралишта каде секојдневно престојуваат деца, млади и семејства. Со ваквото однесување се загрозува јавниот ред и безбедноста во урбаната средина.
Општина Центар потсетува дека, и покрај дипломатскиот статус на возилата, почитувањето на локалните прописи и правилата за јавен ред и безбедност е основен принцип што важи за сите, вклучително и за дипломатските претставништва во Република Северна Македонија.
Во таа насока, Општина Центар бара од Министерството за надворешни работи да ја извести Амбасадата на Република Австрија и да преземе соодветни дипломатски мерки за спречување на вакви случаи во иднина.
Општината ја користи оваа прилика да го изрази своето уверување во взаемното почитување и соработка со дипломатската заедница, во духот на добрите односи и меѓусебното разбирање“.
Македонија
Партија на Турците: Полициски службеници нѐ држеа еден час, МВР итно да преземе мерки

Изборниот караван, предводен од претседателот на Партијата за движење на Турците – ТХП, Енес Ибрахим, вчера, од страна на полициски службеници бил спречен да ги реализира своите изборни активности во село Корешница, општина Демир Капија,
„Нашиот караван беше пресретнат од полициско возило без функционална сигнализација и соодветна ноќна безбедносна опрема. Полициските службеници постапија на крајно непрофесионален, недоличен и агресивен начин, задржувајќи нè цел час во центарот на селото, при што предизвикаа вознемиреност и кај локалното население“, велат од партијата.
Според партијата, ваквиот пристап е неприфатлив за едно демократско општество, особено што станува збор за инцидент кој се случува во екот на изборната кампања. Наместо да внесе чувство на сигурност и доверба кај граѓаните, велат од ТХП, полицијата демонстрира однесување кое создава страв и притисок.
Од Партијата на Турците велат дека за овој немил настан се информирани сите релевантни меѓународни организации кои го следат изборниот процес, а ќе бидат поднесени и соодветни пријави до Министерството за внатрешни работи.
„Апелираме до МВР итно да преземе мерки за целосно расчистување на случајот и да стави крај на полициската агресија врз граѓаните. Партијата за движење на Турците – ТХП и турската заедница нема да подлегнат на вакви провокации и притисоци. Напротив, продолжуваме со уште поголема решителност и мотивација да ги реализираме нашите изборни активности, со единствена цел – демократски, транспарентни и фер избори“, велат од партијата.
Македонија
Филипче вика судството било професионално, а Марковски за криминал од 100 милиони добива само куќен притвор, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Криминалот на СДС и договорените тендери со компанијата Марковски излегоа дека се вистинити. Фирмата Марковски која во период од 2 години, заработила преку државата околу 200 милиони евра, сега е осомничена дека тендерите кои ги добивала биле местени, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Финансиската полиција го уапси сопственикот Борче Марковски, затоа што се товари дека го има оштетено Буџетот на државата за 100 милиони денари. Тендери за кои предупредувавме дека се местени за омилената компанија на СДС да си ќари уште некој денар плус, излегоа вистинити. А денес сме повторно сведоци како СДС излегува во пресрет и преку нивното купено и уценето судство, на сопственикот на компанијата Марковски, да му се досуди куќен притвор. 100 милиони денари е еднакво на куќен притвор. Тоа е нашето судство како пупка отворено од Заев, Филипче и СДС“, велат од партијата.
Наместо да ги казнува криминалците,смета ВМРО-ДПМНЕ, судството им дава кураж на криминалците да продолжат со криминалот и да не одговараат.