Македонија
Лабудовиќ: Центар добива нов лик, вистински почеток на ред, безбедност и паметна мобилност

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, најави серија конкретни проекти со кои ќе се стави крај на долгогодишниот сообраќаен хаос и ќе започне ново поглавје во урбаното уредување на општината.
„Секојдневниот метеж, хаосот на улиците и борбата за паркинг станаа симбол на Центар. Пешаците немаат каде да поминат, велосипедистите се борат за простор, а возачите се движат низ преполни улици без ред. Време е да се стави крај на тоа. Време е Центар повторно да дише,“ изјави Лабудовиќ.
Во фокусот на проектите се реконструкцијата и целосното преуредување на клучните улици во населбата Буњаковец – Христо Смирненски, 9 Мај и 20 Октомври. Со нов асфалт, модерни тротоари, повеќе зеленило и урбана опрема, овие улици, според најавеното, ќе го добијат изгледот што го заслужуваат, а граѓаните – безбедно и удобно место за живеење.
Паралелно, се воведува резидентен и комерцијален паркинг систем што ќе им даде приоритет на жителите, но и ќе донесе ред во паркирањето на центарските улици. Преку нови правила, ред и дигитални решенија, ќе се елиминираат хаотичните сцени со возила на тротоари, тревници и премини.
Како дел од концептот за паметна мобилност, ќе биде воведен смарт-паркинг систем со дигитална контрола, апликација и фер наплата, што ќе им овозможи на граѓаните во секој момент да видат каде има слободни паркинг-места и да го планираат движењето без непотребно губење време и нерви.
Посебен акцент е ставен на изградбата на катна гаража во Буњаковец, како и на други локации во Центар, што ќе овозможи растоварување на улиците и конечно ќе се воспостави ред во паркирањето.
„Ова не се празни ветувања, туку реален и издржан план што ќе го промени секојдневието на граѓаните. Центар мора да стане општина на функционални улици, безбедни пешаци и достапен јавен простор. Време е да ја вратиме современата слика на Центар – општина што дише, се движи и живее по нови правила,“ порача Лабудовиќ.
Со овие проекти, Центар конечно се движи кон модел на европска општина – уредена, безбедна и хумана, во која граѓаните се во центарот на вниманието, а секој чекор, секој метар улица и секое паркинг-место ќе значи повеќе ред, мир и квалитетен живот, додава тој,
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.