Спорт
Милевски: Освоивме голем бод против Белгија, но веднаш се фокусираме на Казахстан

Македонската фудбалска репрезентација приреди пријатно изненадување во Гент, извлекувајќи голем бод против силната Белгија (0:0) и задржувајќи се на врвот на групата пред последните два квалификациски меча за Светското првенство 2026.
Селекторот Благоја Милевски беше задоволен од резултатот, особено од играта во одбрана, но предупреди дека има простор за подобрување во организацијата на играта во средниот ред.
„Мораме да бидеме реални – задоволен сум од дефанзивата, но не и од начинот на кој ја организиравме играта. Извлековме максимум од натпреварот, иако знам дека можеме многу повеќе. Секако, противникот имаше големо влијание со својот квалитет, имавме и т.н. ‘фактор икс’. Сега целосно се фокусираме на следниот меч со Казахстан. Се надевам дека повредата на Висар Муслиу не е сериозна – ќе имаме појасна слика по скенирањето во наредните 24 часа“, изјави Милевски на прес – конференцијата.
Македонија ќе го пречека Казахстан во понеделник, со цел да го задржи лидерското место и да го продолжи сонот за пласман на Светското првенство во 2026 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Убедлив пораз на Тиквеш кај Бешикташ, пред елиминација е од ЕХФ Европскиот куп

Ракометарите на Тиквеш доживеаја убедлив пораз на гостувањето кај турскиот шампион Бешикташ со 31–20 во првиот натпревар од второто коло во ЕХФ Европскиот куп, со што речиси ги загубија шансите за пласман понатаму.
Кавадарчани отворија добро и поведоа со 2–1 по само три минути игра, но потоа целосно застанаа. До крајот на полувремето успеаја да постигнат само уште еден погодок. Хрватскиот голман Матеј Ашанин блескаше на голот на Бешикташ и покажа зошто своевремено Лино Червар го сметаше за еден од најперспективните млади голмани.
Ниту еден удар на Тиквеш не можеше да мине покрај Ашанин, кој имаше дури 70% успешност во првото полувреме. Во меѓувреме, домашните ракометари лесно ја полнеа мрежата на гостите и на паузата имаа водство од 16–3.
Во вториот дел Бешикташ рутински ја контролираше играта и само ја зголемуваше предноста. Тиквеш успеа малку да го поправи впечатокот, но разликата не падна под десет погодоци.
Со овој резултат, реваншот следната сабота во Кавадарци ќе биде само формалност, а македонскиот претставник ќе може да се фокусира на настапите во Супер машката лига.
Најдобри стрелци кај Бешикташ беа Ханиоглу со осум и Бабачан со пет погодоци, додека Ашанин запиша 12 одбрани. Кај Тиквеш се истакнаа Коцев со пет и Христоски со четири гола.
Спорт
Србија – Албанија: Натпревар со висок ризик и големо значење во квалификациите

Дуелот меѓу Србија и Албанија во Лесковац е најважниот натпревар во Групата К за второто место во квалификациите за Светското првенство. Србија ќе се обиде да ја потврди доминацијата и да обезбеди директен пат во баражот, додека Албанија мора да триумфира за да остане во игра.
Натпреварот е прогласен за со висок безбедносен ризик, а билетите не се во продажба. Албанските навивачи нема да можат да присуствуваат, а Србија веќе има намален капацитет на стадионот по претходни инциденти.
Судискиот тим е од Романија, со четврти судија и VAR поддршка. Натпреварот се очекува да биде напнат и тактички, со многу емоции и голема мотивација на двете страни.
Квалификации за Светското првенство – сабота:
Србија – Албанија 20:45, Латвија – Андора 15:00, Унгарија – Ерменија 18:00, Норвешка – Израел 18:00, Бугарија – Турција 20:45, Естонија – Италија 20:45, Португалија – Република Ирска 20:45, Шпанија – Грузија 20:45
Спорт
Што и треба на Македонија за пласман на Светскто фудбалско првенство

Македонската фудбалска репрезентација одигра херојски во Гент и ремизираше против Белгија (0-0), задржувајќи го првото место во квалификациската група Ј. „Црвено-жолтите“ одиграа организирано и борбено, посебно во одбраната, и го спречија фаворитот да постигне гол.
По шест кола, Македонија има 12 бодови – еден повеќе од Белгија и два пред Велс, кои имаат натпревар помалку. Клучниот дуел за расплетот ќе биде меѓусебниот меч на Велс. Победа на Велс би бил најповолен исход за Македонија, која потоа со победи против Казахстан и Велс би обезбедила директен пласман на Мундијалот.
Следен натпревар: Македонија – Казахстан во Скопје (20:45 ч.), а потоа големото гостување во Велс на 18 ноември.