Македонија
Докторот снимен додека „меша бело“ доби поддршка од колегите не Клиниката за неврологија
Колегите од Клиниката за неврологија преку писмо изразуваат поддршка на проф. д-р Игор Кузмановски како одговор на неодамна објавениот компромитирачки материал со кој, како што велат се дискредитира неговата личност и апелираат како што посочуваат, за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина. Кузмановски беше снимен како меша бела прашката материја, за која вели дека е „бело“ што асоцира на дрога.
Писмото ви го пренесуваме во целост:
-Ние, неговите колеги, ја изразуваме нашата професионална и човечка поддршка за Проф. д-р Кузмановски, кој во текот на своето долгогодишно раководење со клиниката, од 2012 -2017, комплетно ја реновираше клиниката, воведе поеќе дијагностички методи и иновативни тераписки процедури. Во секојдневната работа со пациентите и во комуникацијата со колегите, секогаш се однесувал со највисока стручност, одговорност и етичка посветеност. Ниту во еден момент не е забележано однесување кое би било недолично, несовесно или спротивно на професионалните стандарди.
Дури и во ситуации кога се појавуваат сомнежи или јавни дискусии за постапки кои би можеле да се толкуваат како спротивни на моралните и етички принципи на докторската професија, неговото професионално функционирање останува непоколебливо, водено од интегритет и грижа за пациентите.
Во духот на медицинската етика и човековото достоинство, сметаме дека секој поединец, особено во моменти на јавна изложеност и лична ранливост, заслужува поддршка, разбирање и соодветна психосоцијална помош. Наместо осуда, неопходно е да се поттикне сочувство – не само кон професионалецот, туку и кон неговото семејство, кое невино се соочува со последиците од јавната реакција.
Со ова писмо апелираме за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина, стои во писмото со поддршка за проф. д-р Кузмановски од колегите од Клиника за неврологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.
Македонија
Општина Битола објави Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести
Општина Битола објавува Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести за патни трошоци до болница надвор од Битола и нивни потреби, односно финансиска поддршка на лица со ретки болести кои што се наоѓаат во незавидна положба за надминување на истата, соопштија од Општината.
Критериумите и условите како и потребните документи кои едно лице треба да ги исполнува и достави за искористување на средства од Програма за социјална заштита на Општина Битола во делот на финансиска поддршка на лица со ретки болести се на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/lica-so-retki-bolesti/
Периодот на пријавување е отворен во текот на цела година до целосно искористување на средствата при што исплата ќе се врши два пати годишно, јули и декември, а едно лице има право на искористување на средства еднаш во текот на годината, до максимален износ од 30.000,00 денари бруто износ од лице во зависност од потребите за лекување надвор од Битола.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.

