Македонија
Костовски: Бутел добива нова поликлиника, Љуботен добива водовод
Дарко Костовски, кандидат за градоначалник за општина Бутел до редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес гостуваше во дебатната емисија „Локални избори 2025 – изборни соочувања“ на МРТ1, при што го изрази задоволството за реализација на 404 проекти во општина Бутел во текот на неговиот четиригодишен мандат како градоначалник, и напомена дека околу 70 од реализираните проекти не беа дел од предизборната програма, и наведе дел од реализираните проекти.
„Целосно коритото на реката Серава го изградивме во должина од 1500 метри, во потегот на Радишани, направивме трим патика, 5000м2 додадовме зеленило, целосно го осветливме тој потег и поставивме клупи. Нов мега парк во Радишани од 10.000м2, две градинките една е целосно завршена, а другата е во една сериозна фаза. Училиштето во Визбегово започна да се гради за време на мојот мандат и се заврши. Направивме револуција во спортот, изградивме 5 спортско рекреативни центри иако најавивме само два, изградивме 13 спортски терени, изградивме плоштад, изградивме 10 детски игралишта. Поликлиниката, историскиот момент за Бутел, е распишан тендерот и водоводот во Љуботен, едно историско барање на граѓаните, го започнуваме за два дена од сега ќе ги поврземе на градски водовод“, објасни Костовски.
Во однос на проектите содржани во програмата за наредниот мандатен период од четири години, Костовски посочи дека се предвидени изградба на три нови градинки, нов културен дом и плоштад во Бутел 1, два паркови на Христијан Тодоровски Карпош и во Радишани.
„Во новата програма предвидовме 3 нови градинки во населеното место Радишани, Визбегово и Бутел 1. Ќе имаме нов базен во Бутел 1, носечка работа за општина Бутел, а тоа е нов културен дом и плоштад во Бутел 1, за неколку дена ќе има и 3Д анимација. Два нови паркови најавувам едниот на Христијан Тодоровски Карпош кадешто заедно со Градот Скопје ќе мора да го направиме и еден ќе го направивме сами во Радишани“, рече Костовски.
Тој додаде дека со оглед на фактот дека во мандатот што следи најголемиот дел од капиталните проекти се завршени или во фаза на правење, ќе се работи и на атмосферската и на фекална канализација во општината.
Костовски посочи дека општина Бутел во текот на неговиот мандат не издала дозвола за ниту една изградба за зграда, иако притисоци постоеле, а сето тоа во насока на спречување на урбаниот хаос во општината и рече:
„Одолеав на секој притисок на урбаната мафија за општина Бутел да остане мирна општина и да продолжи да владее маалскиот тип на живот и цврсто стојам зад барањето на граѓаните општина Бутел да не е бетонизирана во ниедна смисла на зборот“, заклучи Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

