Свет
Кина со обвинувања за Трамп дека поттикнува трговска војна

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази шокираност од она што го нарекува „изненадувачки“ потег на Кина да воведе широка контрола врз извозот на ретки метали, обвинувајќи го Пекинг дека „станува многу непријателски настроен“.
Сепак, според кинеските претставници, токму проширувањето на американските ограничувања врз кинеските компании ги влоши тензиите и ги поттикна да ја заострат контролата врз клучните минерали неопходни за електрониката, автомобилите и полупроводниците, објавува CNN.
Во брзата ескалација на конфликтот за време на викендот, Трамп објави дека новите контроли на Пекинг ќе ги вратат тарифите на троцифрено ниво, поттикнувајќи ја кинеската влада да вети „соодветни мерки“.
Потезите меѓу двете најголеми економии во светот ги потресоа пазарите, ги вознемирија глобалните индустрии за можни производствени шокови и ги разгореа стравувањата од повторување на тарифниот конфликт од пролетта, кога даноците достигнаа нивоа еднакви на трговско ембарго.
Обновените тензии, исто така, го загрозуваат напредокот постигнат за време на повеќемесечните трговски преговори и го покренаа прашањето дали планираната средба меѓу кинескиот лидер Шји Џјинпинг и Трамп во Јужна Кореја на крајот од месецот воопшто ќе се одржи.
Откако Трамп сугерираше дека можеби ќе го откаже состанокот, министерот за финансии Скот Бесент вчера за Фокс њуз изјави дека сè уште очекува тој да се одржи. Кинеското министерство за трговија во вторник изјави дека останува отворено за разговори, но повтори дека САД не можат да бараат дијалог додека се закануваат со нови мерки.
Пекинг: САД први почнаа
Според кинеските експерти и аналитичари, голем дел од сегашната ескалација можеше да се избегне доколку администрацијата на Трамп не воведе дополнителни ограничувања кон крајот на септември, масовно зголемувајќи го бројот на кинески субјекти на својата листа за контрола на извозот.
Џин Канронг, професор по меѓународни односи на Универзитетот Ренмин во Пекинг и владин советник, рече дека Пекинг само реагира на серија „ситни маневри“ од Вашингтон.
„Откако ја гризеа Кина, САД сега се преправаат дека се невини, па дури и се обидуваат да играат жртва“, напиша тој на кинеската платформа за социјални медиуми Веибо во саботата.
Од олеснување до ескалација
Во текот на летото, односите меѓу САД и Кина покажаа знаци на олеснување, но Вашингтон значително ги прошири своите ограничувања за извоз само 10 дена по телефонскиот повик меѓу Шји и Трамп. Бројот на кинески компании кои се соочуваат со ограничувања се зголеми од околу 3.000 на уште неколку илјади, според написите.
„Од кинеска перспектива, ова е исклучително злонамерно“, рече Ву Синбо, декан на Институтот за меѓународни студии на Универзитетот Фудан.
Ако, по повеќе од половина година справување со Кина, САД сè уште не сфатиле дека преземањето такви мерки против Кина ќе има сериозни последици, тогаш би рекол дека луѓето во тимот на Трамп се целосно некомпетентни“, додаде тој.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Работата во Газа не е завршена, втората фаза од мировниот договор започнува веднаш

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека работата во Газа не е завршена, бидејќи телата на починатите заложници не се вратени како што беше ветено, објави вечерва „Тајмс оф Израел“.
„Сите 20 преживеани заложници се вратија и се чувствуваат добро, како што може да биде. Тешкиот товар е отстранет, но работата не е завршена. Телата не се вратени, како што беше ветено“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“.
Договорот потпишан од Израел и Хамас минатата недела значеше дека Хамас ќе ги ослободи сите 48 заложници во рок од 72 часа од стапувањето во сила на прекинот на огнот.
Рокot истече во понеделникot напладне и Хамас ослободи 20 заложници живи, но ги врати само телата на само четворица од 28-те што загинаа во Газа, додека вечерва најави предавање на уште четворица.
Дадениот рок во договорот важи и за телата, пишува „Тајмс оф Израел“, но се чини дека на Хамас му треба повеќе време за да ги лоцира, па затоа е формирана заедничка работна група за да помогне во пронаоѓањето на телата што не се вратени во рок од 72 часа.
„Втората фаза започнува веднаш“, додаде Трамп, алудирајќи на делови од неговиот план од 20 точки за повоено управување и реконструкција на Газа, кој ќе го води преодна влада на палестински технократи и ќе го надгледува мировен комитет со кој претседава американскиот претседател и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Првата фаза, според Трамп, вклучува ослободување на заложниците, повлекување на Израел од Газа и обезбедување хуманитарна помош, додека Хамас сè уште не се согласил со втората фаза, која вклучува нивно разоружување.
Фото: принтскрин
Свет
Сикорски: Европа мора да се подготви за „длабок“ руски напад

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денес предупреди дека Европа мора да биде подготвена за руски напад длабоко на нејзина територија. Тој оцени дека е „неодговорно“ што не гради одбранбени системи како што е „ѕид од беспилотни летала“ на неговото источно крило.
Во Лондон, каде што го претстави иранскиот дрон „Шахед-136“ соборен во Украина, Сикорски ги повика европските земји да „останат доследни“ во својата поддршка за Украина, наведувајќи дека се надева дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги стави на располагање ракетите Томахавк со долг дострел на таа земја, пренесува Ројтерс.
Тој процени дека снабдувањето на Украина со дополнителна муниција за противвоздушна одбрана, како и оружје со краток и среден дострел, е неопходно за да се помогне во заштитата на Европа, наведувајќи ги како примери упадите на руски беспилотни летала над Полска и борбените авиони над Естонија.
Тој рече дека сè уште не е познато дали беспилотните летала забележани над Копенхаген биле руски.
Запрашан за можноста за проширување на иницијативата „ѕид од беспилотни летала“ за да се спротивстави на идните упади, Сикорски за Ројтерс изјави дека руските напади „за жал би можеле да стигнат длабоко во Европа“.
„Треба да бидеме подготвени да се спротивставиме на тоа и затоа мислам дека би било неодговорно ако не изградиме капацитети против беспилотни летала денес“, рече Сикорски, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
Силен земјотрес во Турција

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтеровата скала вечерва ја погоди западна Турција, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Во соопштението се наведува дека епицентарот на земјотресот бил на длабочина од девет километри.
Засега нема информации за евентуални повредени или штети.