Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ да престане да го брани Дехари, жртвите да добијат заштита
Не е етничко, туку морално и кривично прашање , ДУИ да престане да го брани Дехари, жртвите да добијат заштита, велат од ВМРО-ДПМНЕ за скандалот со Фатмир Дехари.
Според оваа партија, ДУИ се обидува скандалот со Фатмир Дехари да го претвори во етничка приказна.
„Тоа е евтин маневар. Ова не е Албанци против Македонци. Ова е злоупотребувач против жртви. Ова е прашање на достоинство, закон и одговорност, независно од етничката и верската припадност.
Јавноста слушна содржини кои будат сериозен сомнеж за сексуално вознемирување и притисоци во Општина Кичево. Наместо закрила на жртвите и отворање пат за истрага, ДУИ зборува за „подземје“ и „фабрикувани факти“. Тоа е класичен рецепт за одвлекување внимание од суштината и за заплашување на сведоци.
Нашите ставови се јасни:
1. Итна суспензија на Фатмир Дехари од сите јавни функции до завршување на постапките.
2. Независна форензичка проверка на аудио материјалите од вештаци што немаат допир со политиката. Се што е автентично – во обвинителство.
3. Заштита на пријавувачите и потенцијалните жртви согласно законот; отворање дискретни канали за пријава.
4. Внатрешна ревизија во Општина Кичево за работната средина и можни злоупотреби на службена положба.
5. Јавна осуда на секој обид за етничка манипулација. Достоинството на жените не е партиски штит“.
Кичево, според ВМРО-ДПМНЕ, не заслужува тишина и релативизација. Граѓаните, како што велат, се зрели и точно знаат дека клевета се крие зад оние што се плашат од вистината.
„Ќе инсистираме институциите да постапат професионално и непристрасно.
Во оваа држава правдата не смее да зависи од партиска книшка, етничка припадност или функција“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Кисела Вода и од Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Бранко Заревски. (општина Кисела Вода)
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Облачно со врнежи од дожд, пообилни во јужните делови
Облачно насекаде со врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во јужните делови (локално над 40 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 10, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, облачно со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи од дожд, особено во јужните делови, кои попладне ќе престануваат. Од недела ќе настапи стабилизирање на времето со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Македонија
Николоски со Караџов и Маринеску во Брисел: Македонија се фокусира на изградба на големи инфраструктурни проекти
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамките на работната посета на Брисел оствари средба со вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, Мариан-Жан Маринеску, европскиот Координатор за коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран, како и Матеј Законшеќ, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница.
На средбата се разговараше за регионалните инфраструктурни проекти кои го потикнуваат рагионалниот развој и економија.
Николоски информираше дека законот за ратификација на Договорот потпишан на 6 ноември 2025 година наскоро ќе биде ратификуван во Собранието.
Николоски ги запозна соговорниците и дека на техничко ниво директорите на двете железнички претпријатија заеднички почнуваат со подготовка за апликација за финансирање на проектот за тунелот.
Тој потенцира дека се очекува во месец декември или јануари да биде објавен тендерот за третата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија.
Работната агенда на вицепремиерот Николоски продолжува и утре каде ќе учествува на Самитот на министри за транспорт на земјите од Западен Балкан и министри од Европската Унија.

