Култура
„Дон Кихот во Скопје“ – светска премиера на концерт, изложба на слики и промоција на книга за деца
На 21 октомври (вторник), во фоајето на Националната опера и балет во 19 часот, ќе се одржи мултимедијален настан „Дон Кихот во Скопје“.
Концерт, премиера на македонско дело, изложба на уметнички слики и скулптури, како и промоција на книга, го чинат овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес.
Светска премиера ќе доживее Концертот за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар со наслов „Дон Кихот во Скопје“, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават: Дино Имери на пијано, Ади Имери на гитара и Тина Иванова, наратор и автор на текст.
Во фоајето на НОБ, ќе бидат изложени уметнички слики од познатата колекција „Дон Кихот“ на реномираниот македонски уметник Владимир Георгиевски (1942-2017), во чии дела користена е фундаменталната мисла на метафората на главниот јунак, Дон Кихот: „Да се спаси човештвото од сите зла и болештини за среќа на сите луѓе на светот“.
Исто така, ќе бидат изложени и нови скулптури на младата уметница Јана Николовска, а ќе има и промоција на илустрирана книга за деца „Дон Кихот“, на македонски јазик.
Концертот во три става „Дон Кихот во Скопје“ за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, е напишан од двајцата автори – Дијана Имери Илкоска и Дино Имери во 2025 година. Како што кажува и самиот наслов, главна инспирација авторите земаат од едно од најдобрите и централни светски и шпански книжевни дела – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја отсликува приказната за патувањето на главниот лик Дон Кихот и неговиот помошник Санчо Панса во современа Северна Македонија, кои тргнуваат во потрага по нова авантура, со цел да помогнат во борбата против ветерниците и во оваа земја. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, коишто се преплетуваат и создаваат автентична атмосфера.
Текстот што го чита нараторот, пак, којшто е соединение на концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, е своевидна поддршка на програмската музика. Ги следи тонските „потези“ и ги фиксира на звучното „платно“ токму како што мелодијата ја „озвучува“ наративноста.
Книгата за деца „Дон Кихот“, на македонски јазик е издадена во 2017 година, но сега повторно се актуелизира по повод мултимедијалниот настан и по повод Националниот ден на Шпанија. Станува збор за прекрасно илустрирана книга за деца, во тврд повез, која на 40 страници ја раскажува оригиналната приказна на Сервантес, но овој пат во скратена форма и адаптирана за младите читатели.
Настанот е организиран од Амбасадата на Шпанија во Скопје, по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври.
Влезот е бесплатен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

