Македонија
Марковски: Можеме да ставиме крај на хаосот, партизацијата, безредието и апатијата во Скопје
„Диши, диши – јавно здравје во хаотичен град“ беше последното предавање во рамки на кампањата за овие локални избори на Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје, поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“.
На овој час се дискутираше за аерозагадувањето како еден од најгорливите проблеми во Скопје.
Ирина Ангеловска, специјалист пулмолог, се осврна на причините за аерозагадувањето и последиците по општото здравје. Таа ја истакна и потребата од преземање на континуирани мерки од институциите, но и од секој поединец: носење маски, намалена употреба на штетни возила, да не се гори отпад, контрола на квалитетот на воздухот, доследно спроведување на законските решенија.
Марковски ги претстави дел од мерките за справување со овој проблем. Според него, аерозагадувањето не може да се реши преку ноќ, но можеме да преземеме мерки и политики кои ќе ни помогнат во негово намалување.
– Скопје мора да стимулира алтернативен превоз, а не возење на автомобили. Планираме воведување и набавка на еко – автобуси и такси возила. Исто така, по одредени студии имаме околу 80.000 домаќинства кои се греат на горива кои загадуваат. Овие граѓани, домаќинства мора да ги поддржиме во промената на начинот на греење, но да не ги заборавиме и другите загадувачи: индустрија, возила и сл.
Вера Јовановска Типко, специјалист психијатар се осврна на менталното здравје во еден хаотичен град. Таа истакна дека сообраќајниот хаос е еден од главните стресогени фактори и затоа е потребно дестимулирање на возењето автомобили на дневно ниво.
– Хаос, катастрофа, лудило, немир, недоверба, гнев, страв, нема спас се само дел од зборовите и фразите кои ги користат граѓаните на дневно ниво за да го опишат своето живеење во Скопје, посочи Јовановска Типко.
„Во недела можеме да ставиме крај на хаосот, партизацијата, безредието и апатијата. Гласај за 128 за градоначалник на Скопје – Горан Марковски и 35 за советничката листа за Скопје предводена од Јана Белчева Андреевска“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.

