Свет
Нема моќно оружје за Украина: Трамп ја менува приказната по разговорите со Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп денес ќе го угости украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, но има сè повеќе знаци дека тој сè уште не е подготвен да се согласи за продажба на ракетниот систем со долг дострел „Томахавк“, кој Украина очајно го бара, објавува „Вашингтон пост“.
Зеленски се среќава со Трамп еден ден откога американскиот претседател имаше двочасовен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина.
Во последните денови Трамп изрази подготвеност да ѝ продаде на Украина крстосувачки ракети со долг дострел „томахавк“, иако Путин предупреди дека таков потег дополнително ќе ги влоши односите меѓу Вашингтон и Москва.
Но, по вчерашниот разговор со Путин, Трамп ја намали можноста Украина набргу да го добие оружјето, кое има дострел од приближно 1.600 километри. „И на Соединетите Американски Држави им се потребни ракетите ‘томахавк’“, рече Трамп. „Имаме многу од нив, но и нам ни се потребни. Не можеме да ја исцрпиме сопствената земја“.
Trump said he told Putin: “You wouldn’t mind if I gave a couple thousand Tomahawk missiles to your opposition?” — adding that the Russian leader didn’t like the idea. pic.twitter.com/hYainBXRW9
— KyivPost (@KyivPost) October 16, 2025
Тој исто така рече дека му ја споменал на Путин можноста Украина да ги добие овие ракети. „Го прашав: Дали би ви пречело ако им дадам неколку илјади ‘томахавки’ на вашите противници?“, им раскажа Трамп на новинарите. Тој додаде дека Путин „не бил задоволен што ја слушнал оваа идеја“.
Зеленски со месеци бара оружје што ќе им овозможи на украинските сили да напаѓаат длабоко на руска територија и да погодат клучни воени, енергетски и инфраструктурни цели. Украинскиот претседател вели дека ваквите напади ќе го принудат Путин посериозно да ги сфати повиците на Трамп за директни разговори за завршување на војната.
Но, Путин, според неговиот советник за надворешна политика, Јуриј Ушаков, го предупредил Трамп за време на разговорот дека снабдувањето на Киев со овие ракети „не само што нема да ја промени ситуацијата на бојното поле туку ќе предизвика и сериозна штета на односите меѓу нашите земји“.
Денешната средба ќе биде четврта меѓу Трамп и Зеленски откога републиканскиот претседател се врати во Белата куќа во јануари, а втора за помалку од еден месец.
Трамп, по разговорите со Путин, објави дека набргу ќе се сретне со рускиот претседател во Будимпешта за да разговараат за начините за завршување на војната. Двајцата лидери исто така се согласија да одржат состанок следната недела со нивните врвни советници, вклучувајќи го и американскиот државен секретар, Марко Рубио.
По посредувањето за прекин на огнот и размена на заложници меѓу Израел и Хамас минатата недела, Трамп рече дека наоѓањето решение за војната во Украина сега е негов врвен приоритет во надворешната политика и изрази нова доверба дека е можен договор.
Пред разговорите со Путин, Трамп беше сè повеќе фрустриран од рускиот лидер. Минатиот месец тој рече дека верува оти Украина може да ја врати целата територија изгубена во војната – значително отстапување од неговите претходни повици до Киев да направи отстапки за да го заврши конфликтот. Но, по разговорите со Путин, Киев сигурно ќе биде оладен од сознанието дека Трамп не е подготвен да го испрати моќното оружје.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД може да се повлечат од решавањето на војната во Украина, вели синот на Трамп
Американскиот претседател, Доналд Трамп, би можел да се повлече од решавањето на војната во Украина, изјави неговиот најстар син Доналд Трамп помладиот на конференција на Блискиот Исток.
Во долгиот говор против продолжувањето на борбите во Украина, Доналд Трамп помладиот, исто така, рече дека „корумпираните богати луѓе од Украина избегале од земјата, оставајќи го она што го сметале за селска класа да се бори во војната“.
Доналд Трамп помладиот нема официјална улога во администрацијата на Доналд Трамп, но е клучна фигура во движењето MAGA. Неговиот настап ја одразува антипатијата на некои членови на тимот на Трамп кон украинската влада и доаѓа во време кога преговарачкиот тим на Трамп врши притисок врз Киев да отстапи територија.
Доналд Трамп помладиот изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ја продолжува војната бидејќи знае дека никогаш нема да победи на изборите ако војната заврши.
Тој, исто така, ја критикуваше шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, велејќи дека европските санкции не функционираат бидејќи само ја зголемиле цената на нафтата, од која Русија може да ја финансира војната. Тој го опиша европскиот план како „чекање Русија да банкротира“.
Трамп помладиот без докази тврдеше дека за време на еден ден во Монако ова лето, видел дека 50 проценти од автомобилите како Бугати и Ферари имале украински регистарски таблички.
– Дали мислите дека е заработено во Украина? – праша Доналд Трамп помладиот.
– Слушнавме гласини за тоа што се случува кога ќе видиме дека сите регистарски таблички во Монако се украински. Богатите избегаа и го напуштија она што го сметаа за селска класа за да се борат во овие војни. Немаше поттик да се запре војната бидејќи сè додека парите доаѓаа и крадеа, никој ништо не проверуваше, па затоа немаше причина за мир.
Кога го прашале дали е можно неговиот татко – кој водеше кампања дека може да донесе мир во Украина – едноставно да се откаже, Доналд Трамп помладиот рекол можеби, објаснувајќи дека неговиот татко е еден од најнепредвидливите луѓе во политиката.
Свет
(Видео) Див дабар виден во Велика Британија за првпат по 400 години
Во природниот резерват Пенсторп, Норфолк, за првпат по повеќе од 400 години е забележан див дабар. Животното е снимено на камера додека собира дрвја за своето живеалиште покрај речен брег, оставајќи ги експертите збунети за неговото потекло.
Менаџерот на резерватот, Ричард Споуџ, рече дека дабарот престојува во изолиран дел од резерватот околу еден месец и можеби патува кон соседните мочуришта во потрага по храна. Првите знаци за присуство биле карактеристични траги на дрвја, по што биле поставени камери.
Реинтродукцијата на дабарите во Англија започна во 2015 година, а диви популации се забележани и во Дорсет, Кент, Хемпшир, Сомерсет и Шкотска.
Потеклото на дабарот од Пенсторп останува мистерија.
„Од наша гледна точка, тоа е диво животно и има право да биде тука“, заклучи Споуџ.
Свет
Келог: Мировниот договор за Украина е „многу близу“, клучни остануваат Донбас и Запорожје
Специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, изјави дека договорот за прекин на војната во Украина е „навистина блиску“ и дека сега зависи од решавањето на две големи отворени прашања – иднината на украинскиот регион Донбас и нуклеарната централа Запорожје.
Келог, кој треба да се повлече од функцијата во јануари, кажа дека напорите за решавање на конфликтот влегле во „последните 10 метри“, што, како што забележа тој, е секогаш најтешкиот дел.
Двете главни нерешени прашања, рече Келог, се однесуваат на територијата – првенствено на иднината на Донбас – и иднината на украинската нуклеарна централа Запорожје, најголемата во Европа, која е под руска контрола.
„Ако ги решиме овие две прашања, мислам дека и останатите работи ќе бидат решени доста добро“, рече Келог.
Според првичните американски предлози, нуклеарната централа Запорожје би била рестартирана под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), а произведената електрична енергија би била подеднакво поделена меѓу Русија и Украина.

