Свет
Научниците создадоа универзален бубрег: секој пациент ќе може да го прифати
Тим истражувачи од Канада и Кина успеаја да создадат универзален бубрег, кој теоретски може да го прифати секој пациент.
Овој тест-бубрег преживеал и функционирал неколку дена во телото на примател што бил во состојба на мозочна смрт, чие семејство дало согласност за истражувањето, според истражувањето објавено во списанието Nature Biomedical Engineering, како што објави Science alert.
„Ова е првпат да видиме нешто вакво кај човечки модел и ни дава непроценлив увид во тоа како да ги подобриме долгорочните резултати“, нагласуваат експертите.
Како што стојат работите денес, луѓето со крвна група О на кои им е потребен бубрег обично мора да чекаат додека не стане достапен донорски бубрег со крвна група О. Ова сочинува повеќе од половина од луѓето на листите на чекање, но бидејќи бубрезите со група О може да функционираат кај луѓе со други крвни групи, тие се во недостиг. Иако во моментот е можно да се трансплантираат бубрези од разни крвни групи со тоа што ќе се научи организмот на примателот да не го отфрла органот, постојната постапка е далеку од совршена и не е особено практична, објаснуваат експертите.
Овој процес е долг, скап и ризичен, а исто така бара живи донори бидејќи на примателот му е потребно време за подготовка. Во овој случај истражувачите ефикасно го конвертирале бубрегот од крвна група А во бубрег од крвна група О користејќи специјални, претходно идентификувани ензими, кои ги отстрануваат молекулите на шеќер (антигени), кои дејствуваат како маркери на крвната група А.
„Тоа е како кога црвената боја се отстранува од автомобил и се открива неутрален основен слој. Кога ова ќе се направи, имунолошкиот систем повеќе не го препознава органот како туѓо тело“, објаснуваат тие.
Сепак, остануваат многу предизвици пред оваа постапка да може да се тестира на живи луѓе. На третиот ден бубрегот повторно почна да покажува знаци на крвната група А, што предизвика имунолошка реакција, но беше поблага отколку што би се очекувало и имаше знаци дека телото се обидува да го прифати бубрегот.
Многу луѓе умираат чекајќи трансплантација на бубрег, а повеќето од нив чекаат бубрег со крвна група О. Научниците го решаваат овој проблем од неколку агли – вклучувајќи користење свински бубрези и развој на нови антитела. Проширувањето на бројот на компатибилни бубрези што овие пациенти може да ги добијат би можело да направи значителна разлика.
„Вака изгледа кога години основни научни истражувањ, конечно, ќе бидат поврзани со грижата за пациентите. Гледањето како нашите откритија се приближуваат до вистинско влијание во пракса – тоа е она што нè охрабрува да продолжиме“, велат научниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

