Македонија
Шукова: Отпадот е ресурс, време е Скопје да добие чист и одржлив систем за управување со отпад
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во гостување на телевизијата Алсат М, зборуваше за проблемите со отпадот, нечистотијата и дивите депонии во градот, нагласувајќи дека потребни се два паралелни процеси итно чистење на градот и долгорочна поставеност на систем по европски стандарди.
„Мора веднаш да се почне со расчистување на отпадот пред секоја куќа, пред секоја зграда, по целиот град, како и со дивите депонии, каде што ќе воспоставиме контрола за да не настануваат повторно”, истакна Шукова.
Според неа, проблемот со Вардариште е еден од најакутните во Скопје.
„Таму мора да имаме 24-часовна заштита, да го преземеме просторот и да започнеме со постепено расчистување. Вардариште, според сите стратешки документи, треба да биде претоварна станица – затоа што мора да имаме претовар на отпадот пред неговото носење во Дрисла“, објасни Шукова.
Таа подвлече дека градот мора итно да воспостави одржлив систем за управување со отпад, кој ќе ја намали количината што завршува на депонии и ќе ја зголеми повторната употреба и рециклирањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Колку криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски, Обвинителството да отвори постапка
„Заев му помогнал со отпишување на жито за 800.000 евра, Љупчо Николовски возвратил со грант за „Мамас“ од 1,4 милиони евра. По камуфлирањето на кусокот на 2.000 тони жито вреден 800.000 евра на владина седница од страна на Заев и Филипче, Љупчо Николовски веќе следната година му возвраќа за услугата на кланот Заеви со грант од 1,4 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2022 година Компанијата „Тргопродукт“, која е во сопственост на кланот Заеви, добила грант вреден 1,4 милиони евра. Тоа е истата фирма на кланот Зaеви препознатлива под брендот „Мамас“.
Вредноста на грантот е близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра, и овој грант во тој момент бил втор најголем грант во историјата откако се работи со ИПАРД програмата.
Колку вакви криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски за своето владеење и колку народни пари се злоупотребени?
Дали Љупчо Николовски како тогашен министер интервенирал и им ја возвратил услугата на кланот Заеви за да добијат неповратен грант од ИПАРД програмата вреден 1,4 милиони евра?
Дали ова е меѓусебен дил на Заев и Николовски и колку вакви злоупотреби со тендери и грантови во нивната коруптивна шема постојат?
ЈО да отвори постапка и да ги истражи случаите.
Николовски како и Филипче се дел од корумпирана структура и дел од криминалните шеми на Заев и се додека СДС не се ослободи од овие компромитирани кадри не може да биде конструктивна опозиција која ќе биде додадена вредност во демократските процеси во државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Министерскиот состанок претставува уште една можност министрите да разменат ставови во однос на донесените одлуки од Самитот на НАТО во Хаг, кои се важни за иднината на Алијансата, како и да разменат мислења за напредокот во зајакнувањето на индивидуалните способности и капацитети за овозможување ефективна колективна одбрана и безбедност.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, дел од улица Коце Металец и Филип Филиповиќ (од улица Рударска до Трафиките за храна пред паркингот), без струја ќе останат и зградите на два Баќа градители и зградата на Ул.Коце Металец Бр2 (општина Гази Баба)
– во период од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците на ул.Струшка (општина Карпош).

