Македонија
Куманово со најмногу гласачи 94.041, Лозово со најмалку 1.905
Право на глас на осмите Локални избори 2025 в недела имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 во земјата и 112 илјади запишани во посебниот избирачки список со лица во странство, 2.162 затвореници или во притвор и 450 гласачи во старските домови. Гласање во дијаспората нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас.
Во Градот Скопје вкупната бројка на гласачи е 474.304 илјади. Од општините најмногу граѓани со право на глас има во Куманово – 94.041, во Гостивар 82.893, Тетово 87.878, Битола 77.253, скопски Аеродром 68.772, Струга 62.711 и Прилеп со 62.053 гласачи. Најмалку, пак, има во Лозово 1.905, во Вевчани 2.092, Новаци 2.429, во Конче 2.716 и во Ранковце 2.921 гласач.
Според Изборниот законик се гласа на 3.480 избирачки места, но годинава имаме шест избирачки места каде што нема население, па така ќе се гласа на 3.474 избирачки места. Според информации од ДИК, 125 избирачки места се со помалку од 10 гласачи кои ќе го остварат своето право на глас во најблиското гласачко место. Осум избирачки места имаат по десет гласачи, шест со по 11, 18 со 12 гласачи, а три со по 13 гласачи…
Најбројно избирачко место во земјата е во Бутел. Станува збор за избирачкото место 2915 со 1432 гласачи. Во 70 избирачки места има над илјада гласачи, и секаде каде што имало можност поради функционалност на гласањето, избирачите се распоредени во соседни избирачки места.
Најстариот гласач во земјава запишан во Избирачкиот список е роден 15 мај 1918 година, додека најмладиот кој ќе има можност да гласа ќе стане полнолетен на самиот ден на гласање на 19 октомври.
Вкупен број на гласачи со 18 години запишани во Избирачкиот списокот е 25.603.
Локалните избори 2025 се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

