Македонија
Прекршочни постапки за ТВ 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк

Врз основа на извештаи од извршен мониторинг над изборното медиумско претставување, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за поведување прекршочни постапки на денешната 14 седница одлучи да поведе прекршочни постапки против ТВ Компани 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк во првиот круг од Локалните избори 2025.
„Спротивно на Изборниот законик, ТВ Компани 21-М на 18 октомври, првиот ден од изборниот молк, емитуваше реприза на посебната информативна програма Клик плус – Изборни дебати, премиерно емитувана на 17.10.2025, реализирана како дебата во која учествуваат тројца кандидати за градоначалник на Општина Центар, односно емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите.
ТВ Шутел на 18 и 19 октомври за време на двата дена од изборниот молк, емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите, односно емитуваше музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари“, соопштија од Агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
11 лица приведени, за Тошковски денешните избори се најмирните и најбезбедните во поновата историја на државата

Македонија уште еднаш покажа демократска зрелост и политичка култура. Денешните избори поминаа како едни од најмирните и најбезбедните во поновата историја на државата, истакна на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски
Им се заблагодари на сите полициски службеници, кои според него својата работа ја завршиле одговорно, професионално и без ниту еден пропуст.
„Денес покажавме дека кога институциите функционираат демократијата е сигурна“.
Гласањето како што рече, започнало навреме на сите гласачки места освен на едно гласачко место 82, каде имало технички проблеми и задоцнување од два часа.
„Регистрирани се 29 прекини на гласањето во траење од 15 до 30 минути најчесто поради технички проблеми со уредите за идентификација кои беа навремено решени“.
Најмногу од нив биле на подрачјето на Тетово и Охрид.
„Пријавени се вкупно 91 настан на територијата на државата од кои најголемиот дел се однесуваат на агитирање и можен поткуп а дел се однесуваат на фотографирање на гласачкото ливче , лепење плакати и упатени закани. По превземени мерки за 42 од пријавените случаи, постапките се завршени, а во најголем број истите наоди не се потврдени“.
Во текот на денот лишени од слобода биле 11 лица во повеќето случаи поради поткуп, фотографирање или уништување на гласачкото ливче.
„Четири се веќе ослободени а седум се задржани на натамошна постапка. Пријавени се и седум настани со наводна инволвираност на полициски службеници од кои за шест е утврдено дека не постојат неправилности, а за еден случај се преземаат мерки за расчистување“.
Регистрирани биле 19 објави на социјалните мрежи поврзани со изборите.
„Денешниот изборен процес помина во демократска и мирна атмосфера како резултат на навремено планирање и координација на МВР“, рече Тошковски.
Македонија
Се испитува поткуп на гласачи во Крива Паланка, Велес Крушево, Охрид и фотографирани гласачки ливчиња во Гази Баба и Тетово

Како мирен го оцени изборниот ден Џелал Бајрами, претседател на привремената комисија на Јавното обвинителство за следење на постапувањето по евентуални кривични дела поврзани со изборите. Бајрами рече дека Јавните обвинителства во текот на целиот ден интензивно го следеле изборниот процес и известувањата со евентуални индиции за сторено кривично дело поврзано со изборите.
„Генерално, бројот на такви информации кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела е мал во целата држава, а обвинителствата веќе преземаат дејствија за нивно целосно испитување“, рече Бајрами.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес презема дејствија за испитување на наводи за поткуп при избори и гласање, против две лица во селото Согле, Општина Чашка.
Основното јавно обвинителство Крива Паланка, исто така испитува наводи за поткуп на гласачи.
ОЈО Куманово постапува за проверка на два издвоени случаи за телефонски влијанија врз гласачи во Куманово и Кратово.
ОЈО Скопје е известено од МВР за две задржани лица на гласачко место во Општина Чаир кои одбивале да се легитимираат, како и за 2 фотографирања на гласачко ливче во Гази Баба што во суштина е прекршок.
На подрачјето на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Битола, по наводи за поткуп при избори постапува ОЈО Прилеп за настан во Крушево и ОЈО Охрид за настан во Охрид, каде три лица во возило, по оперативни сознанија на МВР биле запрени и во возилото биле пронајдени банкноти од по 2.000 денари и наводни списоци на гласачи. По наредба на јавен обвинител се испитуваат сите околности на случаите.
На подрачјето на ВЈО Штип, не се примени писмени известувања за кривични дела поврзани со изборите. По усно известување за наводен поткуп на гласачи постапува ОЈО Свети Николе, додека ОЈО Штип и ОЈО Кочани постапувале по индиции за поткуп и притисок врз гласачи но наводите се веќе проверени и не се потврдиле.
На подрачјето на ВЈО Гостивар, ОЈО Тетово и ОЈО Кичево, по објавени информации на медиуми оформени се предмети по допрен глас и се испитуваат евентуални прекршувања на изборниот молк во Кичево и во Желино. ОЈО Кичево постапува и по информација за нерегуларности при гласањето на едно болно и изнемоштено лице во Македонски Брод. Во ОЈО Тетово е заведен предмет и против непознат сторител на кривично дело повреда на тајноста на гласањето, бидејќи фотографија на гласачко ливче се појавила на социјални мрежи.
Бајрами вели дека станува збор за изолирани настани, а обвинителствата даваат приоритет на нивно итно расчистување.
Македонија
ДУИ прогласи победа во Липково и Пласница

Демократската унија за интеграција прогласи победа во Липково и Пласница.
Како што беше истакнато на прес-конференција од партиското седиште во Мала Речица, соодносот во Липково е 3 спрема 1, а во Пласница 2 спрема 1.