Спорт
Јувентус најде замена за Тудор?

Позицијата на Игор Тудор на клупата е сериозно загрозена по лошиот почеток на сезоната и вчерашниот пораз од Комо. Како што пишува „Калчомеркато“, клубот веќе размислува за можен наследник доколку има промена на клупата. Изненадувачки, најверојатен кандидат е Рафаеле Паладино, поранешен играч на Јувентус кој добро ги познава приликите во клубот. Наводно, синоќа во Милано се одржала вечера помеѓу тренерот од Неапол и спортскиот директор на Јувентус, Франсоа Модесто.
Модесто и Паладино ги поврзува долгогодишно пријателство кое датира од нивните заеднички денови во Монца. Смената на тренерот во Јувентус стана реалност, со оглед на петте нерешени резултати и еден пораз во последните шест натпревари.
Рафаеле Паладино е роден на 17 април 1984 година во Неапол, а својата фудбалска кариера ја започнал во младинскиот клуб на Беневенто. Во кариерата играл за Јувентус,
Ливорно, Џенова и Парма.
По завршувањето на неговата професионална фудбалска кариера, Паладино влезе во тренерските води, во Монца. Го презеде клубот во време кога беше во проблеми, но со својата тактичка флексибилност и смирен пристап, успеа да го стабилизира тимот.
Под негово водство, Монца играше модерен, офанзивен фудбал, а Паладино стекна репутација на млад тренер кој знае како да го извлече максимумот од играчите. Неговата работа го привлече вниманието на поголемите клубови, вклучувајќи го и Јувентус, чии бои ги носеше како играч.
Неговото познавање на клупската култура и блиските односи со поединци во спортскиот сектор го прават логичен кандидат доколку клубот од Торино одлучи да го смени актуелниот тренер.
Паладино се смета за еден од најперспективните италијански тренери од новата генерација, а негов последен клуб беше Фиорентина, со која оствари 26 победи, 12 нерешени резултати и 15 порази во 53 натпревари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Клоп: Вирц ќе покаже дека е неверојатен талент

Ливерпул не игра добро оваа сезона без оглед на инвестицијата од 500 милиони евра во засилувања. „Црвените“ се во серија од четири порази, што им се случува прв пат по ноември 2014 година.
По поразот од Манчестер Јунајтед (1:2) на „Енфилд“, менаџерот Арне Слот ја презеде вината врз себе, но Флоријан Вирц трпи најмногу критики од медиумите.
Германскиот ас платен за 125 милиони евра, засега не успеа да покажа ништо. Нема голови, забележа една асистенција (Комјунити Шилдс) на 11 натпревари. Билансот на Александар Исак е нешто подобар, кој постигна гол и една асистенција на шест натпревари, а беше платен за рекордни 145 милиони евра.
„Ќе ги изедете сопствените критички зборови ако продолжите да зборувате против Вирц. Тој е неверојатен талент и ќе го докаже тоа“, изјави поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп.
Спорт
Најдобриот во светот се врати во тимот на ПСЖ

Усман Дембеле од Пари Сен Жермен се врати во тимот по неколку недели отсуство поради повреда на бутниот мускул и ќе биде достапен за натпреварот против Баер Леверкузен во Лигата на шампионите.
Дембеле се повреди во септември, кога беше со француската репрезентација, а за време на паузата престојуваше во специјализирана клиника во Доха (Катар), каде што беше подложен на терапија.
Последниот натпревар за клубот го одигра на 30 август против Тулуз, кога постигна два гола и една асистенција (6:3).
Оваа сезона, тој играше и против Анже и Нант, односно Тотенхем во Суперкупот на Европа.
Францускиот фудбалер се врати на тренинзите со тимот минатата недела, но не беше во составот за првенствениот натпревар против Стразбур (3:3).
За потсетување, тој во меѓувреме ја освои и „Златната топка“.
Foto/ EPA
Спорт
Карагер: Време е Салах да седне на клупата за резерви

Алармот е силно вклучен во црвениот дел на Ливерпул. Актуелниот шампион минува низ криза, во каква што не бил од ноември 2013 година. Ливерпул се наоѓа во серија од четири порази, три од нив се во Премиер лигата (Кристал Палас, Челзи, Манчестер јунајтед).
Ливерпул, вчера доживеа пораз на домашен терен од Манчестер јунајтед (1:2). Тимот кој минатата сезона супериорно ја освои титулата, на почетокот на новата не личи на себе и покрај тоа што челниците вложија 500 милиони евра во нови играчи.
Проблемите се евидентни, особено во одбраната, но се чини дека најгорливиот проблем е првиот стрелец, Мохамед Салах. Египѓанецот е во ужасна форма, не успева да направи разлика на теренот. Токму тој е означен како еден од виновниците за лошите реузлтати.
„Ливерпул има два гостувања, Лигата на шампионите против Франкфурт, а потоа оди кај Брентфорд. Мислам дека Салах не треба да ги започне двата натпревари“, изјави аналитичарот, инаку поранешен капитен на Ливерпул, Џејми Карагер за „Скај Спортс“.
„Тој секогаш треба да биде стартер на „Енфилд“, бидејќи Ливерпул ќе биде на врвот, на работ од шеснаесетникот, а денес постигнува голови почесто во такви ситуации. Но, мислам дека во гостувањата Салах не треба да биде стартер на секој натпревар, со оглед на формата во која се наоѓа. Мора да играат Исак и Вирц бидејќи потрошија многу пари на нив“, рече Карагер.
Ливерпул е четврти во лигата со 15 бода од осум натпревари, четири зад лидерот Арсенал.
Foto/ EPA