Спорт
(Видео) Младите Мароканци ја освоија светската титула

Фудбалската репрезентација на Мароко ја победи Аргентина со 2:0 во финалето на светското првенство за репрезентации до 20 години, кое се играше во Чиле.
Најголемиот успех на оваа африканска селекција во историјата, по четвртото место на сениорките во Катар, го донесе двојниот стрелец, фудбалерот од португалски Фамаликао Јасин Забири со голови во првото полувреме, во 12-та и 17-та минута.
Прво, тој ја погоди мрежата на Аргентина на одличен начин од слободен удар од самиот раб на шеснаесетникот, а пет минути подоцна, по топка уфрлена од десната страна, ја чекаше можноста на втората статива и го дуплираше водството.
Аргентинците не се опоравија целосно од овој удар на африканската репрезентација.
Мароко е исто така првата африканска репрезентација по Гана во 2009 година што го достигна врвот на светот во оваа возрасна категорија.
Аргентинците, шесткратните светски шампиони, го загубија второто финале во својата историја, по поразот во 1983 година од Бразил.
Мароканците ги елиминираа Јужна Кореја, Соединетите Американски Држави и Франција на патот до финалето, во нокаут фазата.
Во борбата за третото место, Колумбија ја победи Франција со 1:0.
Foto/ EPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Клоп: Вирц ќе покаже дека е неверојатен талент

Ливерпул не игра добро оваа сезона без оглед на инвестицијата од 500 милиони евра во засилувања. „Црвените“ се во серија од четири порази, што им се случува прв пат по ноември 2014 година.
По поразот од Манчестер Јунајтед (1:2) на „Енфилд“, менаџерот Арне Слот ја презеде вината врз себе, но Флоријан Вирц трпи најмногу критики од медиумите.
Германскиот ас платен за 125 милиони евра, засега не успеа да покажа ништо. Нема голови, забележа една асистенција (Комјунити Шилдс) на 11 натпревари. Билансот на Александар Исак е нешто подобар, кој постигна гол и една асистенција на шест натпревари, а беше платен за рекордни 145 милиони евра.
„Ќе ги изедете сопствените критички зборови ако продолжите да зборувате против Вирц. Тој е неверојатен талент и ќе го докаже тоа“, изјави поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп.
Спорт
Најдобриот во светот се врати во тимот на ПСЖ

Усман Дембеле од Пари Сен Жермен се врати во тимот по неколку недели отсуство поради повреда на бутниот мускул и ќе биде достапен за натпреварот против Баер Леверкузен во Лигата на шампионите.
Дембеле се повреди во септември, кога беше со француската репрезентација, а за време на паузата престојуваше во специјализирана клиника во Доха (Катар), каде што беше подложен на терапија.
Последниот натпревар за клубот го одигра на 30 август против Тулуз, кога постигна два гола и една асистенција (6:3).
Оваа сезона, тој играше и против Анже и Нант, односно Тотенхем во Суперкупот на Европа.
Францускиот фудбалер се врати на тренинзите со тимот минатата недела, но не беше во составот за првенствениот натпревар против Стразбур (3:3).
За потсетување, тој во меѓувреме ја освои и „Златната топка“.
Foto/ EPA
Спорт
Карагер: Време е Салах да седне на клупата за резерви

Алармот е силно вклучен во црвениот дел на Ливерпул. Актуелниот шампион минува низ криза, во каква што не бил од ноември 2013 година. Ливерпул се наоѓа во серија од четири порази, три од нив се во Премиер лигата (Кристал Палас, Челзи, Манчестер јунајтед).
Ливерпул, вчера доживеа пораз на домашен терен од Манчестер јунајтед (1:2). Тимот кој минатата сезона супериорно ја освои титулата, на почетокот на новата не личи на себе и покрај тоа што челниците вложија 500 милиони евра во нови играчи.
Проблемите се евидентни, особено во одбраната, но се чини дека најгорливиот проблем е првиот стрелец, Мохамед Салах. Египѓанецот е во ужасна форма, не успева да направи разлика на теренот. Токму тој е означен како еден од виновниците за лошите реузлтати.
„Ливерпул има два гостувања, Лигата на шампионите против Франкфурт, а потоа оди кај Брентфорд. Мислам дека Салах не треба да ги започне двата натпревари“, изјави аналитичарот, инаку поранешен капитен на Ливерпул, Џејми Карагер за „Скај Спортс“.
„Тој секогаш треба да биде стартер на „Енфилд“, бидејќи Ливерпул ќе биде на врвот, на работ од шеснаесетникот, а денес постигнува голови почесто во такви ситуации. Но, мислам дека во гостувањата Салах не треба да биде стартер на секој натпревар, со оглед на формата во која се наоѓа. Мора да играат Исак и Вирц бидејќи потрошија многу пари на нив“, рече Карагер.
Ливерпул е четврти во лигата со 15 бода од осум натпревари, четири зад лидерот Арсенал.
Foto/ EPA