Македонија
Мемов: Стабилна поддршка и раст на Движењето ЗНАМ на локалните избори

Портпаролот на Движењето ЗНАМ, Никола Мемов задоволен од резултатите на локалните избори.
„Дозволете ми да изразам големо задоволство од резултатите на локалните избори, кои ги освои Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, со освоени речиси 40.000 гласови. Воедно сакаме да се заблагодариме на сите граѓани, членови, симпатизери и подржувачи на ЗНАМ, кои го искористија своето право на глас и ја потврдија довербата во нашето делување. Вашиот глас е нашата најголема поддршка и мотив да продолжиме понатаму“.
Овие избори, оценува тој, ја потврдиле стабилизацијата на нивното гласачко тело во однос на минатите парламентарни избори и покажале дека владините политики кои ги водат се во вистинска насока.
„Јасно е дека граѓаните го препознаваат нашето чесно и одговорно делување. Нашиот концепт на чесна, директна и народна политика наидува на сè поголема поддршка низ целата држава – и тоа е клучната порака од овие локални избори.
Истакнуваме дека за прв пат освоивме советнички места во повеќе од 50 општини низ Македонија, како и во Градот Скопје. Тоа е доказ дека ЗНАМ станува релевантна политичка сила која носи
вистински промени и влијание на локално ниво.
Во Куманово имаме убедливото водство во првиот круг, каде што нашиот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски оствари предност од над 11.000 гласа. Кандидатот на СДСМ не успеа ниту да се пласира во вториот круг, што јасно ја покажува реалната поддршка на граѓаните за ЗНАМ и разликата меѓу политиките и празните ветувања на СДСМ“.
Според него агонијата на СДСМ се гледа и на државно ниво, со освоени само околу 120.000 гласови и тоа како што вели е јасен сигнал дека граѓаните ја изгубиле довербата во нивните политики.
„Во општина Центар влегуваме во вториот круг, ја продолжуваме борбата за промена и крај на владеењето на старите политички структури. Убедени сме дека Мирослав Лабудовиќ ќе победи во Центар, носејќи обнова, транспарентност и правда.
Овие избори покажаа дека значителен број гласови добија и независните кандидати, што е позитивен сигнал за демократијата и поголемо учество на граѓанските иницијативи во локалните самоуправи.
ЗНАМ продолжува понатаму – обединети, со нова енергија, јасна визија и конкретни решенија за промени“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски во дводневна посета на Лондон на Самитот за Западен Балкан

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со владина делегација ќе присуствува на Самитот за Западен Балкан, кој оваа година се одржува во Лондон, Велика Британија.
Од Владата соопштија дека Мицкоски, заедно со вицепремиерот Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, како и министерот за евроинтеграција Орхан Муртезани ќе учествуваат на голем број состаноци во состав на Берлинскиот процес.
„На маргините на самитот, а и во рамки на посетата на Обединетото Кралство, предвидени се голем број на билатерални средби, за што навремено ќе ја информираме јавноста. При посетата на Обединетото Кралство, владината делегација ќе оствари повеќе економски работни средби кои ќе преставуваат економски исчекор за меѓусебната соработка“, велат од Владата.
Македонија
Мојсоска: 3.000 гласа вредни како 30.000, нашата борба можеби е тешка, но е праведна

Скоро 3.000 гласа вредни како 30.000, со овие зборови Јована Мојсоска, актуелен пратеник и кандидатка за градоначалник на Струга, им се заблагодари на своите сограѓани за поддршката на локалните избори. Во објава на социјалните мрежи, Мојсоска порача дека секој глас добиен за Левица е „чист како солза“, без поткуп, уцени или закани, туку даден од искрена желба за подобро утре.
„Мои стружани и стружанки, фала ви од срце за секој глас и поддршка, секој наш глас е чист како солза, без поткуп, уцени и закани – туку од искрена желба за промена и подобро утре. Тие чесни луѓе кои го ставаат јавниот пред личниот интерес се хероите на нашето време! Позитивниот прием кој го осетив изминатиов месец е само показател дека стружани имаат желба за промена и дека нашата борба допрва претстои“, истакнува Мојсоска.
Таа најави дека заедно со советникот Климе Карамитре ќе се борат за интересите на сите граѓани, со цел да се спречат, како што вели „лукративните пазари на бизнис партиите“.
Особено ја радуваат, додава, резултатите во градот, каде што на шест избирачки места, во училиштата „Ибрахим Темо“ и „Јосип Броз Тито“, Левица освоила прво место по број на гласови.
„Ме радуват и драстично зголемениот раст на поддршката во Подгорци, Октиси и Лабуништа – што покажвит дека времето на Левица во Струга допрва доаѓа“, додава таа.
Мојсоска завршува со порака: „Фала ви од срце убај луѓе – нашата борба можеби е тешка, но е праведна!“.
Македонија
Најголема победа во првиот круг има Јане Мицевски во Сопиште со освоени 80,2% од гласовите, вети нов резервоар за вода

Кандидатот за градоначалник на Сопиште од ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, извојува најголема победа во првиот круг на овие локални избори со освоени 80,2% од гласовите на жителите со право на глас. Од запишаните 5.483 гласачи во оваа општина, на гласање излегоа 2.937 жители, а за него гласаа 2.524.
Тој на жителите на Сопиште им вети нов резервоар за вода, како еден од посериозните проекти на кои ќе работи во претстојниот мандат покрај многуте проекти за подобрување на инфраструктурата, спортот, образованието, безбедноста, транспортот и културата на кои рече дека активно ќе работи.
Мицевски на овие избори доби втор мандат од жителите на Сопиште. Тој и досега беше градоначалник на Сопиште. И во 2021 година во првиот круг беше избран за градоначалник со освоени 67,96% од гласовите кога за него гласаа 2.161 жител на општината.
Зад Мицевски со освоени 79,73% од гласовите е победата на Александар Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ во Илинден, кој исто така на овие избори доби втор мандат од граѓаните. Од вкупно запишани 14.908 гласачи, на гласање излегоа 7.746, а за него гласаа 6.386 граѓани.
И на претходните избори во 2021 година кога го доби првиот градоначалнички мандат, Георгиевски беше избран во првиот круг со освоени 54,75% од гласовите кога за него гласаа 4..861 жител на Илинден.
Меѓу тројцата градоначалници кои извојуваа најголема победа во првиот круг на овие избори е и Борче Митевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во Петровец доби петти мандат со освоени 77,43% или 3.493гласа. Во оваа општина се запишани 8.144 избирачи, а на гласање излегоа 4.410.
Убедлива победа има и Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ во Штип со освоени 76,74% од гласовите со што доби втор, последователен мандат.
Со 74% од гласовите победа во прв круг и втор мандат освои и Славе Андонов од ВМРО-ДПМНЕ во Василево.
Со убедлива победа трет мандат на овие избори освои Митко Јанчев кој доби 73,89% од гласовите, следуваат Марко Колев со освоени 73,34% од гласовите во Велес, Тодорче Николовски во Кратово со 73,2%, Киро Нацков во Градско со 71,92% од гласовите, Ристо Манчев во Босилово со 70,12 % од гласовите, а останатите градоначалници добија поддршка помала од 70% од гласовите.
Процентуално најголема поддршка вчера доби кандидатот на Алијанса за Албанците во Врапчиште, Исен Шабани. Тој според податоците од Државната изборна комисија доби 88,13 % од гласовите, но гласањето мора да се повтори поради мал одѕив на изборите На гласање излегле 24,41% од запишаните граѓани со право глас место една третина колку што пропишува Изборниот законик.
Во првиот круг избрани се градоначалници во 43 општини,а во останатите, како и во Град Скопје градоначалник ќе се бира во втор круг, на втори ноември.