Свет
Трамп: Не мислам дека Украина ќе победи, ова е најлошиот масакр од Втората светска војна
Претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на заедничката прес-конференција со австралискиот премиер Ентони Албанезе во Белата куќа изјави дека Украина „сè уште може да ја добие војната“, но дека тој лично не верува во таков исход. Тој зборуваше и за нападите на САД врз Иран, кои ги опиша како „една од најголемите воени операции на сите времиња“, и за големиот број војници убиени во војната во Украина.
Кога новинарите го прашаа за неговата претходна изјава дека Украина „може да победи во војната“, Трамп рече:
„Па, тие би можеле. Сè уште би можеле да победат. Не мислам дека ќе победат, но сепак би можеле да победат. Никогаш не реков дека ќе победат, реков дека можат да победат. Сè може да се случи. Знаете, војната е многу чудна работа. Се случуваат многу лоши работи, се случуваат многу добри работи.“
🥴Donald Trump: Ukraine can still win. I don't think they will win, but they still could. I never said they would win. I said they could win. Anything can happen. You know, war is a very strange thing. pic.twitter.com/Ci50dCBbwL
— 🪖MilitaryNewsUA🇺🇦 (@front_ukrainian) October 20, 2025
Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток, тој додаде дека САД немало да можат да го склучат неодамнешниот договор ако не го спровеле нападот врз иранските нуклеарни постројки.
„Ако го погледнете Блискиот Исток, би рекол дека пред толку силно да го погодиме Иран, никогаш не можевме да го склучиме тој договор бидејќи ќе имаше темна сенка врз Блискиот Исток. Кога ги отстранивме нивните нуклеарни капацитети, што беше една од најголемите воени операции на сите времиња, без промашување. Го видовте тоа. Оние величествени Б-2. Тоа беше беспрекорен потег од многу талентирани луѓе, предводени од Пит и сите други и нашите големи генерали, особено генералот Рејзин Кејн. Направивме одлична работа и кога тоа се случи, сè стана поинаку и успеавме да склучиме договор“, рече Трамп.
Кога беше прашан понатаму за руските напади врз цивилните области во Украина, американскиот претседател рече дека разговарал за тоа, но дека повеќето од смртните случаи биле војници од двете страни.
„Да. Да. Но, како што знаете, повеќето од луѓето што умираат се војници. Овие војници што умираат во Русија и Украина, тоа е неверојатно. Пет до седум илјади неделно. Можете ли да верувате? И јас го гледам и велам – тоа е сосема неверојатно. Но, потоа има напади врз Киев и некои други места. Станува збор за човечки животи, но голем број човечки животи се војници кои се убиваат на бојното поле. Пет до седум илјади, понекогаш и повеќе, секоја недела. Тоа е масакр. Најлошиот од Втората светска војна“, рече Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

