Култура
„Поетроника за млади“: поезијата во ритамот на новата генерација
По успешниот пат на уметничкиот проект „Поетроника“, кој со спој на поезија и електронска музика создаде нов сценски израз, авторите Оливер Митковски и Андреја Салпе го претставуваат своето ново, едукативно продолжение – „Поетроника за млади“.
Настанот ќе се одржи на 29.октомври 2025, (вторник), со почеток во 20:00 часот во Јавна соба.
Проектот произлегува од идејата да ги научиме младите да ја сакаат поезијата, не преку книжевни анализи, туку преку живо, современо и инспиративно доживување. Преку музичко-поетски перформанс, поезијата станува блиска, ритмична и разбирлива за генерацијата што расте со звук, екрани и визуелна култура.
Првичната идеја беше во рамките на проектот да се реализира настап со српската поетеса Радмила Петровиќ. Од таа соработка произлезе нешто многу поголемо – нова уметничка фузија и сериозна регионална соработка, која го проширува концептот на „Поетроника за млади“ и отвора нови можности за културна размена меѓу младите уметници во регионот.
Андреја Салпе, еден од водечките електронски продуценти во земјата, создава звучен пејзаж што ја внесува поезијата во современ контекст.
Оливер Митковски, актер со впечатлива сценска енергија, ѝ дава на поезијата живост и човечка топлина.
Радмила Петровиќ, глас на новата генерација балкански поетеси, внесува свеж поетски израз и искрена емоција што ја поврзува публиката со зборот.
„Поетроника е судир на традицијата и електронската култура – продолжение на поезијата во звук, во движење, во живо присуство. Тоа е моќта на зборот што не се плаши да звучи.“ – вели Радмила Петровиќ, во пресрет на настапот во Скопје.
Со „Поетроника за млади“, оваа тројка создава ново поглавје во културната едукација, покажувајќи дека поезијата може да биде современа, заразна и блиска до младите.
Проектот „Поетроника за млади“ е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ.
Влезниците се со симболична цена од 250 денари и се достапни на следниот линк: https://drugastrana.mk/event/poetronika-za-mladi/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

