Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ако утре би биле парламентарните избори, ние би освоиле над 60 пратеници, а СДС во некои изборни единици би бил трета партија

ВМРО-ДПМНЕ со 550 советници низ Македонија и градот Скопје, како и со над 300.000 гласови, е апсолутен победник на локалните избори. Кога утре би имало парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ по Донтовиот модел, со овие гласови ќе има над 60 пратеници, додека пак СДС во некои ИЕ би била трета партија, велат од партијата преку соопштение.
„Народот го казни СДС и направи да биде на некои места низ државата, како и градот Скопје, трета, четврта, па дури и петта партија по бројот на добиени гласови. Времето на работа, одговорност и резултати – продолжува, благодарност до сите оние кои го направија вистинскиот избор.
На овие избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 12.000 гласа повеќе од 2021 година, додека СДС потона со минус 111.000 гласа. Ова е пораз кој најдобро ја отсликува недовербата на граѓаните во нивните промашени политики, неспособно владеење и неквалитетни кадри.
ВМРО-ДПМНЕ е партијата со најголема поддршка во 59 општини и градот Скопје, а во мнозинството од нив има апсолутно мнозинство во советите. Тоа значи дека народот избра стабилност, развој и чесни луѓе кои знаат што значи работа за интересот на државата, а не за лични привилегии.
Граѓаните избраа пат на раст и развој, а не застој и пропаѓање. Со оваа поддршка, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека е партија на народот, што ги слуша граѓаните и работи за нив.
Сега е време оваа голема победа да се заокружи во вториот круг. Да излеземе масовно и уште еднаш да ја потврдиме волјата на народот, со заокружување на бројот 9, со твојот човек, за твоето место, за твојата иднина! Направете го вистинскиот избор!“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во центарот на Скопје

Утре во 10:00 часот поради одржување на атлетска трка во централното градско подрачје на Скопје, со траса на движење од паркот „Жена борец“ преку Камени мост, ул. „Иљо Војвода“, тротоарот на мостот „Гоце Делчев“ и по кејот на реката Вардар и обратно, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Иљо Војвода“, пешачките површини и делот од кејот по кој ќе се движат учесниците во трката.
Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
(Видео) Лабудовиќ најави 𝟤𝟦/𝟩 обезбедување во сите училишта и градинки во Центар

„Безбедноста на децата мора да биде обврска на општината, а не трошок за родителите“, порача Мирослав Лабудовиќ кандидат на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар. Тој најави дека дел од неговата програма е воведување 24-часовно физичко обезбедување во сите училишта и градинки на територијата на Центар.
„Не може родителите од свој џеб да плаќаат за нешто што е законска обврска на општината. Тоа е недозволиво, но во Центар стана пракса. Јас се обврзувам дека секое училиште и секоја градинка ќе има 24-часовно физичко обезбедување. Безбедноста на децата е наш највисок приоритет“, вели Лабудовиќ.
Покрај оваа мерка, најавена е и иницијатива за воведување безбедни патеки до училиштата и градинките, кои ќе бидат обележани, осветлени и целосно прилагодени за децата. Целта е да се создаде сигурна и уредена средина, во која секое дете ќе биде заштитено и во училницата, и во училишниот двор, и на патот до дома.
„Ќе изградиме систем во кој родителите ќе бидат спокојни, а децата безгрижни и среќни. Безбедно дете значи спокојно семејство, а тоа е темел за модерен и одговорен Центар“, додаде Лабудовиќ.
Новата мерка е дел од поширокиот план за поголема безбедност, ред и грижа за семејствата во Центар, и претставува конкретен пример дека со вистински политики општината може да стане поквалитетно и побезбедно место за живеење и за децата и за возрасните.
Македонија
(Фото) Делегација од општина Илинден положи цвеќе пред споменикот на Васил Стојанов-Аџиларски

По повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, во населеното место Миладиновци се одржа пригоден настан со кој достоинствено беше одбележан овој значаен историски датум. Со положување свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот револуционер Васил Стојанов-Аџаларски, присутните изразија почит кон неговата херојска борба за слободна татковина, извести општина Илинден.
Свежо цвеќе пред споменикот положија делегација од Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, пратеничката Драгана Бојковска, советници, претставници на општинските јавни претпријатија и училиштата, Сојузот на борци, Здружението на пензионери од Општина Илинден, претставници на невладини организации и бројни граѓани.
Васил Стојанов-Аџаларски е роден во 1880 година во селото Аџалари, денешно Миладиновци. Тој бил истакнат војвода и борец за национална слобода, кој предводел чета составена од комити од поширокиот регион на денешна општина Илинден. Аџиларски херојски загинал во 1909 година.
Во рамки на свеченото одбележување, во Домот на културата во Миладиновци се одржа и шаховски турнир организиран од Здружението на пензионери „Илинден“. На турнирот учествуваа 18 шахисти поделени во две групи, а натпреварувањето се одвиваше според ФИДЕ правилата за забрзан шах со темпо од 10 минути по играч.
Покровител на настанот беше градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на крајот на турнирот им додели пригодни награди и плакети на најдобрите учесници, при што истакна дека ваквите активности претставуваат важен дел од заложбата на Општината за активно вклучување на повозрасните генерации во јавниот живот, но и за негување на традицијата и сеќавањето на историските вредности. Првото место го освои Сурловски Душан, второ место го освои Стефановски Христијан, трето место го освои Спасовски Миле и четврто место освои Мицевски Диме, се вели во соопштението на општина Илинден.