Македонија
12 лица под истрага по полициските претреси во Скопје: осомничени се за лихварство и перење пари
Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, единиците на МВР денеска, по обезбедени Наредби од Основниот кривичен суд – Скопје, извршија претреси на повеќе локации низ Градот Скопје, поради основано сомневање за сторени кривични дела Лихварство и Перење пари и други приноси од казниво дело, соопшти обвинителството.
Обвинителот, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 12 осомничени лица за кои постои основано сомневање дека деветмина од нив како соизвршители или помагачи ги сториле двете кривични дела, додека тројца се осомничени за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Деветмината осомничени од почетокот на 2022 година до денес се организирале во криминална група што се занимавала со давање на пари со договор, притоа договарајќи несразмерна имотна корист во пари, средства или недвижен имот. Тие искористувајќи ја финансиската состојба на оштетените лица им позајмувале пари со пресметување на камата од 5% или 15% месечно зголемена за секое задоцнување. Од оштетените барале да им ги вратат позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата. Кога оштетените не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените. Наплатата на паричните средства се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка, од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица.
Паричните средства што во несразмерен износ ги враќале оштетените, се внесувале на сметките на осомничените во банка или во сеф, по што ваквата несразмерна имотна корист на различни начини ја внесувале во легалните финансиски текови. Така, постои основано сомневање дека во истиот период, дванаесетмината осомничени и едно осомничено правно лице, како организирана криминална група за перење на пари, се стекнале со противправна имотна корист од 125 033 527 денари прибавена со кривичното дело Лихварство. Дел од прибавените пари кои осомничените во повеќе наврати од повеќе физички лица ги примиле на своите сметки или им биле дадени на рака, со цел да се добие привид дека средствата се легално стекнати ги пуштале и користеле за реализирање на трансакции кон сметки на правни и физички лица, дел ги презеле на сопствени сметки и со нив вршеле плаќање на своите животни потреби, со дел купувале недвижен и движен имот и воделе луксузен живот, а голем дел биле извадени во готовина.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје во текот на утрешниот ден ќе достави соодветни предлози за обезбедување присуство на осомничените, информираат од обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ако ЕУ има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе најде и за нас, пoрача Сиљановска-Давкова во годишното обраќање
Вистинската пречка за нашиот европски пат не се копенхагенските критериуми, ниту реформите, туку прифаќањето решенија и услови што не се врзани со владеењето на правото. Во случајот со македонските евроинтеграции, проблемот не е административен, туку лежи во уставните амандмани, потенцира претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во годишното обраќање.
Ние сме, додава таа, технички усогласен, но политички блокиран кандидат за членство, потсетувајќи на изјавите на бројни експерти и извештаи.
„На вагата на Европската Унија, чинам дека нашите уставните измени како да имаат поголема тежина од суштинските реформи. Независно колку реформски постигнувања додаваме, на крајот, политичкиот услов натежнува и ни се испорачува многу висока политичка сметка“.
Според претседателката, ако уставните промени беа гаранција за европски реформи и хармонизација во духот на европското право, ние, како што додаде таа, одамна ќе бевме во ЕУ.
„Ама сè уште ни преговорите не сме ги започнале, повторно заради новата уставна измена што се бара од нас.
Кому му одговара да бидеме надвор од ЕУ, ако не на третите сили? Кој отвара врата за влијание на трети сили, зарем е можно тоа да биде земја-членка на ЕУ и наш прв сосед? Како Европската Унија претендира да биде геополитичка унија, а притоа да ја држи нашата земја и Западниот Балкан во геополитички вакуум“, праша Сиљановска-Давкова.
Како што оцени, македонските евроинтеграции се школски пример за последиците од занемарување на процедурата како гаранција за демократијата.
„Ако изминативе години и децении некои наши политички и партиски лидери градеа национален консензус дома, тука, во ова Собрание, пред да одат во Брисел, како држава ќе избегневме погрешни чекори и непотребни отстапки и ќе заслужевме почит. Треба да учиме од нашите соседи, кои настапуваат едногласно за она што им е важно и не ги игнорираат декларациите донесени во нивните парламенти. Разногласието за прашања од национален интерес од нас направи слаба држава.
Има ли излез од оваа состојба? Има. Потребна е политичка волја, но не само наша, туку и на Унијата, оти сме предложиле повеќе излезни решенија, а Европската унија треба да избере едно, или да најде свое креативно решение за деблокада на процесот. Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас!
Пораката што ја праќам од ова Собрание е дека без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена, ние ризикуваме од овој процес да излеземе како што старецот на Хемингвеј излезе од морето: со костур од риба, со соголен, изглодан суверенитет и идентитет, национален и културен. Ова прашање бара внимателно одмерување на секој чекор, бидејќи гледаме до каде нè доведоа „храбрите“ одлуки“.
Порача дека национален консензус ни е потребен повеќе од кога било порано, бидејќи, како што појасни, живееме во неизвесни времиња.
Македонија
(Видео) Филипче: Струјата поскапе поради катастрофалното менаџирање на ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на Социјалдемокрасткиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во денешната изјава за медиуми во Собранието, посочи дека причината за зголемување на цената на струјата е катастрофалното менаџирање на енергетскиот систем во земјата од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ништо не е постигнато од проекциите и задачите кои што оваа влада си ги дала сама на себе. Треба да се произведат над 5.000 гигават часови струја, не се произведени ниту половина, како половина од хидроенергетскиот потенцијал изминатата година да не работел, ете толку струја недостасува во нашиот енергетски систем. Таа струја е замената со увозна скапа електрична енергија. Наместо да се произведува и наместо РЕК Битова, Осломеј Неготино да работат и да произведуваат струја, која што државата ќе ја чини 80-90 евра мегават час. Ние купуваме струја за 140 евра мегават часови“, рече Филипче.
Тој додаде дека паралелно не е обезбедена доволна количина на реагенси во изминатата година.
„Се постава прашањето, зашто не се планирало добро? Зошто сега се посегнува по државните резерви за мазут, кои што не се ниту примарен материјал кој што се користи за производство на струја? Зашто добро не се менаџира овој систем? Зашто 110 милиони евра е задолжена државната компанија ЕСМ? Тука лежат причините за катастрофалното менаџирање на целокупниот овој систем. И сега ние сме соочени со увозна и многу скапа струја, која знаеме дека во зимскиот период уште повеќе поскапува, и сето тоа ќе го плаќаат за жал, граѓаните“, изјави Филипче.
Тој најави дека СДСМ ќе излезе со конкретни предлози, решенија, за да им се помогне на граѓаните со ваквите ценовни шокови.
„Не очекувам дека ова власт ќе ги подржи, исто како што не ги подржа ни законските решенија за намалувањето на ДДВ, кога беше во фокусот на јавноста цената на потрошувачката кошничка, понатаму минималната плата, субвенциите за компаниите во случај на раст на минималната плата. Сметам дека немаат слух за решенија, кои што им се и тоа како потребни на граѓаните да ја пребродат оваа финансиска криза, која што ја има секое семејство, која за жал во последните месеци уште повеќе ќе се влошува“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Кочани нè доведе до ѕидот на срамот, од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне, или трајно ќе ја изгуби довербата на граѓаните
2025 ќе остане врежана во нашите мисли и срца како година на ужасната трагедија во Кочани. Сите ние до крајот на животот ќе ја носиме траумата од трагедијата во која загинаа 63 наши сограѓани, синови и ќерки, родители и пријатели. Со пожарот во дискотеката во Кочани на површина излезе грдото лице на стихијното одлучување, игнорирањето на процедурите, недостатокот на системска контрола, но и на културата на неказнивост и на двојни стандарди, истакна во годишното обраќање во Собранието, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Но, Кочани не беше само трагедија. Тој настан нè доведе до ѕидот на срамот, а потоа и до можноста за катарза, оти оваа трагедија не беше само чин на несреќа, туку и на системски пропусти. Толерирањето на корупцијата, несанкционирањето на криминалот и институционалната одговорност ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа. Во случајот на Кочани, не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал.
Ја разбирам болката на семејствата на настраданите, го разбирам нивниот оправдан гнев и бес. Нивните барања за вистина, за одговорност и за правда се апсолутно легитимни. Единствениот легален начин како државата може да ги задоволи легитимните барања на семејствата е преку почитување на Уставот и законите. Вонсистемското постапување не може да вроди со системски плод. Затоа, треба да ги оставиме на мир обвинителите да обвинуваат, бранителите да бранат, а судиите да судат. Партиите и политичарите треба да ги прекинат дневнополитичките препукувања на сметка на работата на судот и болката на семејствата.
Нивните најмили не можеме да ги вратиме“, кажа претседателката.
Единственото нешто што можеме да го вратиме, како што рече, е вербата дека правдата е можна во нашата држава.
„Оттука, овој судски процес е тестот врз кој ќе се оценува решеноста и подготвеноста на државата за правосудни реформи, за европско судство, за владеење на правото во реалноста, а не само декларативно, на хартија. Од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне, или трајно ќе ја изгуби довербата на македонските граѓани.
Кочани покажува дека владеењето на правото и искоренувањето на корупцијата не е техничко прашање, туку прашање на живот и смрт“, порача Сиљановска-Давкова во годишното обраќање.

