Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска да каже која одлука за „Комунална хигиена“ не била изгласана од нашите советници
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата реагираше на тврдењата на градоначалничката Данела Арсовска, која утрово на социјалните мрежи напиша дека одговорноста за состојбата со ѓубрето низ Скопје е кај кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во Советот на Градот и управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“.
Од партијата велат дека сите одлуки предложени од Арсовска и поврзани со претпријатието биле усвоени од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, и ја обвинуваат градоначалничката дека „измислува“ криза за политичка корист.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата гласаа за сите одлуки предложени од страна на Арсовска, а кои беа поврзани со ‘Комунална хигиена’. Апелираме да каже која одлука врзана со тековното работење на претпријатието не е изгласана од советниците?“ стои во реакцијата.
Од партијата додаваат дека тезата на Арсовска дека проблемот е намерно создаден е „површна, неточна и нелогична“.
„Зошто ВМРО-ДПМНЕ во сред изборна кампања би го ставило Скопје во ѓубре, ако се знае дека товарот и негативата ќе одат на сметка на ВМРО-ДПМНЕ? Арсовска треба да одговори зошто не се собира ѓубрето и што се прави со парите кои граѓаните уредно ги плаќаат“, наведуваат од партијата.
Тие побараа да се испита и кривичната одговорност на надлежните за хаосот со сметот, оценувајќи дека зад него стои „тајна коалиција која четири години ја поддржуваше Арсовска“.
„Ова го прави некој што сака да наштети на ВМРО-ДПМНЕ во изборна кампања. Ќе дојде крајот на ова и ќе има одговорност“, се вели во реакцијата.
Во објавата претходно, Арсовска обвини дека Советот не презел мерки за нормално работење на претпријатието, ниту ги разрешил управниот и надзорниот одбор на „Комунална хигиена“ кое е составено од кадри на ВМРО-ДПМНЕ и Влен, и надлежно за носењето на сите одлуки поврзани со работата на претпријатието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Владата и стопанските комори против зголемувањето на минималната плата
Изземајќи се од одговорност, Владата цврсто стои на страна на работодавачите и повеќе од година и пол, во услови на енормна инфлација, ја држи минималната плата замрзната, обвини Левица.
Од партијата велат дека Економско социјалниот совет е окупиран од Стопанската комора и Владата и функционира како подружница на олигархијата.
„Со немањето слух за барањата на работниците и синдикатите, „третата економија во Европа“ продолжува да го стимулира иселувањето на младите, коешто се обидува да го надополни преку увоз на „странски работници“. Додека соработниците на Мицкоски носат одлуки за покачување на сметките за струја, вода, парно, комуналии, детски градинки, здравствени услуги и дозволуваат неконтролирана инфлација на основните намирници, сѐ повеќе вработени остануваат на работ на егзистенцијата, а вработување никому не му гарантира бегство од сиромаштија. Третата европска економија остана на дното по износот на минималната плата и остана во категоријата сиромашни држави“, се наведува во соопштението.
Според Левица, со самото тоа што Христијан Мицковски и Владата не дава поддршка за зголемување на минималната плата јасно е дека буџетската каса е празна дури и за тековните обврски кон вработените.
„Отсуството од преговори за минимална плата и префрлање на истите со работодавачите од приватниот сектор е само маска и дефокус од реалната состојба на буџетот кој владеачката ВМРО – ДПМНЕ не само што го испразни, она што остана од претходната власт, туку и продолжи со кредитни задолжувања и еврообврзници. Заради себичните партиски и бизнис интереси на десничарската Влада, егзистенцијата на работниците е доведена во прашање. Левица бара итно и неодложно зголемување на минималната плата согласно барањата на работниците, затоа што тоа е единствената алатка која гарантира егзистенција на обичниот човек“, велат од партијата.
Македонија
Муцунски-Фидан: посебен акцент ставен на зајакнувањето на економската соработка и поефикасното искористување на инвестициските можности
На маргините на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој денеска се одржува во Истанбул, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари билатерална средба со својот турски колега, министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан.
Фокусот на разговорите беше ставен на билатералните односи, економската соработка, инвестициските можности и продлабочувањето на соработката во области од заемен интерес. Во тој контекст, беа потврдени одличните политички односи меѓу двете држави и исклучително успешната соработка во повеќе области.
Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на економската соработка и поефикасното искористување на инвестициските можности, како и на продлабочувањето на соработката во други области од заемен интерес.
Двајцата министри го потврдија и силното сојузништво во рамките на НАТО, како и меѓусебната поддршка во регионалните иницијативи и мултилатералните организации.
Разговорите опфатија и актуелни регионални и геополитички прашања, при што беше нагласена важноста од стабилен и просперитетен регион.
Македонија
Без вода утре делови од скопски Чаир
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( сабота ) поради дефект на четири затварачи од ф – 100 мм на раскрсница меѓу улиците Лазар Танев и Казанџиска, во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Лазар Танев, Казанџиска, Сали Хасим, Кујунџиска, Архиепископ Ангелари, Макарие Фрчковски и Ќурчиска. (Општина Чаир )

