Спорт
Со победата над трикратниот европски првак ШК Алкалоид во борба за тронот
Петта победа во низа за шахистите на ШК Алкалоид во петтата рунда од Европскиот клупски куп во шах, кој се одржува на грчкиот остров Родос, но овојпат над актуелниот европски првак Нови Бор од Чешка.
Минатата година македонскиот клуб имаше одличен настап без пораз во седумте кола, при што во два наврати ремизираше, но тоа не беше доволно за првото место. Еден од тие два нерешени меча беше токму со Нови Бор, кој потоа стана европски првак, а ШК Алкалоид го освои второто место. Победата од 4 : 2 извојувана во 5. коло ги отвора вратите за македонскиот клуб повторно да игра за медал и на ова 40. издание на турнирот, на кој ќе се круниса и новиот европски екипен шампион во шах.

– Големото дерби денеска привлече и големо внимание. Сите очекуваа нешто посебно и тоа навистина се случи. Наместо типичен меч на кој се води рововска битка за мала предност и се чекаат грешки, овојпат видовме многу оган на таблите, но и многу неочекувани варијанти и пресврти – вели ВМ Влатко Богдановски, капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.
Арјун Еригаиси (2.773), кој е четврти на светската рејтинг-листа, прв повлече изненадувачка варијанта, со што партијата дојде во зона за решавање уште пред да се изиграат 15 потези. Винсент Кејмер (2.755) се обиде да го зароби противничкиот ловец на полето А8. Германскиот шахист игра во животна форма и беше полн со самодоверба, но Еригаиси направи диверзија: креираше ситуација на спротивната страна на таблата, а кога се расчисти маглата, противникот остана со загрозен крал, па победата за Еригаиси лебдеше во воздух.

Ји Веи (2.754) одигра суперподготвен – затворена руска одбрана и технички ги неутрализираше белите фигури на Сантош Гурјрати Видит (2.716). Иако ремизираа, партијата беше со голема тензија, а во еден момент беа одиграни дваесетина потези во две минути!
На третата и на четвртата табла се повторија дуелите од 2024, но играчите имаа спротивна боја на фигурите. Јангји Ју (2.720) се надигруваше со искусниот Пентала Харикришна (2.697), кој имаше подобрен рејтинг во однос на лани. Играчот на ШК Алкалоид му понуди жртва на фигура, но противникот ја одби. Кога сите контра-шанси на противникот беа соборени, црниот крал страдаше во далечна фаза, што беше втора победа за тимот на првите две-три табли.
Читамбарам Аравинд (2.711) со црни фигури против Давид Навара (2.656) одлучи да контрира со ризична модерна варијанта на сицилијанската одбрана. Притоа, жртвуваше пешак, потоа уште еден, а во завршницата влезе со голем ризик, но активноста му донесе заслужено реми.

Со големото водство остварено на повисоките плочи, потребно беше победата да се завери со дополнителен поен на последните табли. Велимир Ивиќ (2.628) се соочи со изненадувачка линија уште од четвртиот потег во дуелот со новиот играч во противничкиот тим, Нилс Гранделиус (2.645). Поради тоа потроши многу време и беше под закана од цајтнот, но остана да игра последен и прокнижи уште едно борбено реми. За разлика од него, Абиманју Пураник (2.615) играше во блага дефанзива со Давид Антон Гихаро (2.631), не западна во временски проблеми и со сигурна игра дојде до реми.
На вториот меч, во кој се сретнаа четвртиот и првиот носител на турнирот, СуперЧес и Бајеган Пендик, романскиот тим, исто така, извојува победа од 4 : 2 над фаворизираниот суперсостав од Турција, па во шестото коло ќе игра директен дуел со ШК Алкалоид, како единствени два тима со 10 бода, односно со стопроцентен успех во досегашниот дел на турнирот. На втората табла ќе играат двата тима кои имаат по 9 бода – Туркиш Ерлајнс и Нагиканижаи.
Фото: Архива на ШК Алкалоид
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Милан спаси бод против Пиза во 93-та минута
Фудбалерите на Милан и Пиза одиграа нерешено 2:2 во првиот натпревар од осмото коло во Серија А.
Росонерите пропуштија одлична шанса да ја задржат лидерската позиција во дуелот со екипа која е во зоната за испаѓање. Вака Милан, со натпревар повече има два бода повеќе од Интер, Наполи и Рома
Дуелот започна според планот на Масимилијано Алегри. Рафаел Леао го доведе Милан во водство по седум минути.
Сепак, аутсајдерот не се предаде. Прво, во 60-та минута, колумбискиот ветеран Хуан Квардадо израмни од пенал, а во 86-та минута Нзола го шокира „Сан Сиро“.
Милан од пораз го спаси дефанзивецот Атекаме, златната резерва на Алегри, со нерезонски удар од 23 метри во 93-та минута.
Foto/ EPA
Спорт
Тежок пораз на Партизан во Белград, Виртус го декласира ПАО
Убедливите победи на Париз над Партизан во Белград, Виртус во дуелот со Панатинаикос и Олимпијакос во Минхен кај Баерн, односно триумфот на Фенербахче во градското дерби против Ефес го обележа вториот ден од шестото коло во Евролигата.
Париз во белградска Арена го растури Партизан со 101:83. Дуелот го обележа перфектниот шут на гостите во второто полувреме и тепачката на трибините на две навивачки фракции на Партизан поврзани со актуелните политички случувања во Србија.
Кај Париз се истакна Надир Хифи со 21 поен, шест скока и три асистенции, Себастијан Херера со 17 поени, Јакуб Оутара и Џастин Робинсон со по 14 и Џереми Морган 11 со поени.
Стерлинг Браун со 25 поени со по два скока и асистенции беше најефикасен кај Партизан. Двејн Вашингтон забележа 16 поени и четири асистенции.
Резултати:
Ефес-Фенербахче 69:79
Виртус-Панатинаикос 92: 75
Баерн-Олимпијакос 71:96
Спорт
Атлетико Мадрид продаден за две милијарди евра
Пиринејскиот Полуостров е на нозе, постигнат е еден од најважните договори во историјата на шпанскиот фудбал.
Локалниот дневен весник „Возпопули“, кој главно се занимава со политички, економски, финансиски прашања и теми од банкарскиот сектор, објави дека Мигел Анхел Хил Марин, генерален менаџер и клучен акционер на Атлетико Мадрид, постигнал договор за продажба на клубот за рекордна сума од над две милијарди евра.
Атлетико Мадрид ќе биде во мнозинска сопственост на американскиот инвестициски фонд „Аполо“, кој минатата година официјално управуваше со средства вредни над 700.000.000.000 долари.
Целиот договор треба да биде официјализиран во јануари следната година, но точниот датум или рамка за затворање на договорот ќе зависи и од другите партнери, пред сè од фондот „Арес Менаџмент“, кој е создаден од луѓе од „Аполо“, како и од фондот „Квантум Пацифик Груп“, кој е поддржан од израелскиот милијардер Идан Офер, инаку газда на кошаркарскиот клуб Хапоел од тел Авив.
Според информациите на споменатиот извор, крајниот рок за завршување на преговорите бил средината на октомври, но по договорот на сите страни, било одлучено да се помести, со оглед на тоа што е постигнат голем напредок. Претставници на американскиот фонд беа во Мадрид претходните денови за да ги договорат сите детали од договорот.
Извори упатени во преговорите тврдат дека Мигел Анхел Хил Марин и Енрике Серезо ќе задржат одреден удел во клубот, а се истакнува дека не е исклучено еден од другите сегашни акционери да го напушти клубот пред договорот да биде официјализиран.
Веќе некое време во фудбалскиот свет се шпекулира за можна продажба на еден од најголемите фудбалски клубови во Шпанија и Европа.
Американскиот „Аполо“ успеа да излезе како победник пред еден арапски инвестициски фонд, кој наводно има добри односи со семејството Хил Марин, бидејќи е главен спонзор на клубот преку учеството на авиокомпанијата „Ријад Ер“, која го дава своето име на стадионот, а логото на оваа компанија е и на дресовите на Атлетико.
Возпопули нагласува дека не е исклучено арапскиот инвестициски фонд да остане тесно поврзан со Атлетико преку проектот Сиудад дел Депорте дел Атлетико Мадрид, или Градот на спортот.
Станува збор за проект предводен од клубот во соработка со градските власти со цел создавање најсовремен спортски, рекреативен и комерцијален центар на над 265.000 квадратни метри земјиште.
Како што е наведено, трансакцијата ќе се изврши преку зголемување на капиталот на Атлетико, што би му дало на клубот клучна финансиска инјекција за понатамошно непречено работење.
Целта на договорот е да се овозможи понатамошен раст и развој на клубот, со дополнително зголемување на амбициите, што значи дека тимот на Диего Симеоне би можел да прерасне во еден од главните играчи на фудбалскиот пазар во наредните години. Односно, да се зголеми сегашната улога, која не е мала.
Мигел Анхел Хил Марин контролира 70,39 проценти од акциите, при што фондот „Арес“ држи околу 33,96 проценти од тој удел, додека израелскиот милијардер Идан Офер држи околу 27,81 процент од клубот. Остатокот го сочинуваат мали акционери.
Нова ера за Атлетико Мадрид доаѓа со почетокот на 2026 година.

