Македонија
Министерството за здравство со итни мерки поради зголемениот ризик за здравјето на луѓето од отпадот во Скопје
Министерството за здравство усвои препораки и мерки во врска со актуелната состојба со отпадот во Скопје.
Препораки до населението:
Да се одржува лична хигиена (користење на ракавици, маска, миење раце, користење дезинфициенс за раце после фрлање на отпад);
Совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.)
Внимателно ракување, селектирање, собирање и фрлање на отпадот:
Затварање на капаците на кантите при фрлање на отпадот;
Да се избегнува физички незаштитен контакт со отпадот;
Да се избегнува стагнирана (застоена) вода и исцедок од отпадот;
Внимание при излегување со домашни миленици да не дојдат во допир со отпадот и исцедок од истиот;
Да не се фрла отпад надвор од одбележаните места за собирање на истиот;
Да не се фрла отпад на нелегални депонии;
Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита).
МЕРКИ
Непосредни, брзи и акутни
Итно и неодложно отстранување на одложениот и расфрлан отпад во и надвор од контејнерите со сите расположиви технички, човечки и финансиски ресурси;
Итна мобилизација за собирање и отстранување на најголемите купишта во населени места со најголема изложеност; приоритет: болници, домови за стари лица, основни и средни училишта, паркови и игралишта;
Итно, вонредно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад и контејнерите;
Каде не е можно ова, да се постават физички времени бариери (мрежи) за да се спречи пристапот на глодари и улични животни;
Дислокација на контејнерите – подалеку од почести патики на движење на луѓето и особено подалеку од детски игралишта, училишта, градински или здравствени институции;
Редовен транспорт и празнење на контејнерите (минимум еднаш дневно во погусто населените делови од градот);
Задолжително затворање на капаците на контејнерите;
Итна набавка на потребната опрема особено соодветен број на контејнери (механизација во континуитет);
Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита) вклучително и задолжителна вакцинација; тренинг за правилно ракување и известување за повреди;
Интензивен надзор за заразни заболувања: засилено пријавување со епидемиолошко истражување (фокус на дијареи, случаи на лептоспироза, хоспитализирани пациенти со зоонози и слично);
Едукација на населението за здравствените ризици поврзани со овој проблем и препознавање на симптомите поврзани со истото;
Јавна комуникација: предупредувања и практични совети до граѓаните (лична и колективна хигиена, како да ја чуваат храната, да избегнуваат стагнирана вода, да избегнуваат физички контакт со отпадот или исцедокот, како да пријавуваат нелегални депонии).
Долгорочни мерки
Интегриран систем за управување со комунален отпад (редовно отстранување, навремена набавка на потребна опрема, контејнери и механизација);
Имплементација на систем за управување со цврст отпад преку смалување, повторна употреба, рециклирање и регенерација;
Постојана едукација на населението за примарна селекција на отпадот, во најмала рака на органски и неоргански отпад и совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.);
Образовни програми за граѓаните и вклучување на локалните заедници во решавање на проблемот (на пример, механизми наградување за селекција/откуп).
Контролни и регулаторни политики – казнување за несовесно одлагање на отпадот, чести локални инспекции, програми за често и редовно чистење на јавните простори и улици (прво механичко отстранување на отпадот со метење, потоа миење).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќва почнува зимското сметање на времето
Ноќва почнува зимското сметање на времето.
Стрелките на часовникот во 3 часот по полноќ ќе се поместат еден час наназад.
Со тоа, времето во 03:00 часот ќе се смета како 02:00 часот.
Македонија
Ѓоргиевски: Тим од експерти и градежна инспекција ќе стават крај на дивоградбите
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски изјави дека како градоначалник на Кисела Вода докажал дека може да се стави ред во урбанизмот, спречувајќи прекумерно градење.
Тој најави формирање експертски урбанистички тим кој ќе работи на растеретување на централното градско подрачје и насочување на развојот кон периферијата.
„Ќе формирам урбанистички тим од врвни експерти кој ќе помогне да се запре прекумерното градење во центарот“, рече Ѓорѓиевски.
Потсети дека како градоначалник на Кисела Вода бил првиот што спровел постапки и против индивидуални и против колективни објекти.
„Законот мора да важи еднакво за сите. Барам Град Скопје да има сопствена градежна инспекција или државата да го преземе тој дел, за да нема поделба на одговорност“, нагласи тој за „Трилинг“.
Ѓорѓиевски додаде дека дел од дивоградбите се објекти во кои живеат граѓани и истите мора да бидат безбедни. Според него, многу од овие објекти постојат веќе 15-20 години, но тоа не ја исклучува потребата за проверка на истите. Ѓорѓиевски додаде дека, кога станува збор за нови дивоградби, би бил уште поригорозен во санкционирањето.
Македонија
Мицкоски: Секој кој ја добил довербата на граѓаните е денешниот современ патриот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од денешниот настан одржан во општина Дојран, во рамки на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември годинава. Мицкоски зборуваше за случувањата за време на изборната кампања и за тоа што следува во наредниот период. Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која легитимитетот го црпи од граѓаните, а како што вели, секој оној кој ја добил довербата од народот и работи чесно и трудољубиво е денешниот современ патриот, илинденец и асномец.
,,Нема да биде лесно, ќе биде тешко, не памтиме ние лесни времиња, во суштина, многу предизвици, затоа сме ние да ги решаваме тие предизвици, не да лелекаме, не да кукаме, затоа е ВМРО-ДПМНЕ, затоа е оваа коалиција која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, да ги решава проблемите“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека довербата која граѓаните ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за овие локални избори, во првиот круг од истите, е од историски размери.
,,На овие локални избори, граѓаните дадоа доверба, а коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ во историски размери, како никогаш до сега. Јас сум убеден дека на овие 33 градоначалници, кои што се избрани во првиот круг, ако се додадат овие нови два, бидејќи противниците се откажаа, веќе се 35 убеден сум, дека на овие 35 ќе се додадат и преостанатите 24 и бројката ќе биде 59“, кажа Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ е партија која легитимитетот го добива од граѓаните, и како што вели Мицкоски, таа доверба нема да се изневери и само ќе се надградува.
,,ВМРО-ДПМНЕ е партија која што својот легитимитет го добива, тој легитимитет извира од граѓаните. И ние со нашето работење нема никогаш да дозволиме таа доверба да ја прокоцкаме, таа ја доверба да ја изневериме, туку напротив ќе се трудиме со нашето работење да покажеме и докажеме дека сме ја заслужиле таа доверба и дека само ќе ја надградуваме“, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи оние, кои според него, работат искрено, чесно и трудољубиво да ја оправдаат довербата кој граѓаните им ја даваат се денешните современи патриоти, асномци и илинденци, а не тие кои се кријат зад црни кампањи и ад хоминем напади.
,,Секој оној, кој што добил можност, ја добил довербата на граѓаните, и кој што работи напорно, чесно, трудољубиво, којшто е вреден, којшто не се однесува надмено, туку напротив, се однесува понизно, кон граѓаните кон народот, кој што го избрал, е денешниот современ патриот, е денешниот гемиџија, е денешниот илинденец, асномец“, рече Мицкоски и додаде:
,,Не оној кој што седи зад статусите и се крие со лажни имиња, кој што навредува кој што лаже, кој што води црни кампањи, кој што напаѓа ад хоминем, со ниски страсти, тие не се патриоти тие се измамници“.

