Спорт
Атлетико Мадрид продаден за две милијарди евра
Пиринејскиот Полуостров е на нозе, постигнат е еден од најважните договори во историјата на шпанскиот фудбал.
Локалниот дневен весник „Возпопули“, кој главно се занимава со политички, економски, финансиски прашања и теми од банкарскиот сектор, објави дека Мигел Анхел Хил Марин, генерален менаџер и клучен акционер на Атлетико Мадрид, постигнал договор за продажба на клубот за рекордна сума од над две милијарди евра.
Атлетико Мадрид ќе биде во мнозинска сопственост на американскиот инвестициски фонд „Аполо“, кој минатата година официјално управуваше со средства вредни над 700.000.000.000 долари.
Целиот договор треба да биде официјализиран во јануари следната година, но точниот датум или рамка за затворање на договорот ќе зависи и од другите партнери, пред сè од фондот „Арес Менаџмент“, кој е создаден од луѓе од „Аполо“, како и од фондот „Квантум Пацифик Груп“, кој е поддржан од израелскиот милијардер Идан Офер, инаку газда на кошаркарскиот клуб Хапоел од тел Авив.
Според информациите на споменатиот извор, крајниот рок за завршување на преговорите бил средината на октомври, но по договорот на сите страни, било одлучено да се помести, со оглед на тоа што е постигнат голем напредок. Претставници на американскиот фонд беа во Мадрид претходните денови за да ги договорат сите детали од договорот.
Извори упатени во преговорите тврдат дека Мигел Анхел Хил Марин и Енрике Серезо ќе задржат одреден удел во клубот, а се истакнува дека не е исклучено еден од другите сегашни акционери да го напушти клубот пред договорот да биде официјализиран.
Веќе некое време во фудбалскиот свет се шпекулира за можна продажба на еден од најголемите фудбалски клубови во Шпанија и Европа.
Американскиот „Аполо“ успеа да излезе како победник пред еден арапски инвестициски фонд, кој наводно има добри односи со семејството Хил Марин, бидејќи е главен спонзор на клубот преку учеството на авиокомпанијата „Ријад Ер“, која го дава своето име на стадионот, а логото на оваа компанија е и на дресовите на Атлетико.
Возпопули нагласува дека не е исклучено арапскиот инвестициски фонд да остане тесно поврзан со Атлетико преку проектот Сиудад дел Депорте дел Атлетико Мадрид, или Градот на спортот.
Станува збор за проект предводен од клубот во соработка со градските власти со цел создавање најсовремен спортски, рекреативен и комерцијален центар на над 265.000 квадратни метри земјиште.
Како што е наведено, трансакцијата ќе се изврши преку зголемување на капиталот на Атлетико, што би му дало на клубот клучна финансиска инјекција за понатамошно непречено работење.
Целта на договорот е да се овозможи понатамошен раст и развој на клубот, со дополнително зголемување на амбициите, што значи дека тимот на Диего Симеоне би можел да прерасне во еден од главните играчи на фудбалскиот пазар во наредните години. Односно, да се зголеми сегашната улога, која не е мала.
Мигел Анхел Хил Марин контролира 70,39 проценти од акциите, при што фондот „Арес“ држи околу 33,96 проценти од тој удел, додека израелскиот милијардер Идан Офер држи околу 27,81 процент од клубот. Остатокот го сочинуваат мали акционери.
Нова ера за Атлетико Мадрид доаѓа со почетокот на 2026 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Меси ја мина бројката од 890 голови во кариерата
Лионел Меси, изминатата ноќ, дојде до бројката од 890 гол во кариерата. Во победата на Интер мајами над Нешвил (3:1), Аргентинецот ги постигна 890 и 891-от гол во импресивната кариера.
Со ова достигнување, на 38 години и 122 дена, Меси го престигна својот вечен ривал Кристијано Роналдо како најмлад играч кој достигнал 890 гола. Португалската ѕвезда ја достигна таа бројка на 39 години и 89 дена.
На Аргентинецот му беа потребни 1131 настапи за овој подвиг, додека Роналдо стигна до истиот број голови по 1220 одиграни натпревари.
Messi with the diving header 💥
(via @MLS)pic.twitter.com/faJ9F1BUuv
— B/R Football (@brfootball) October 25, 2025
Голгетската кариера на Меси е распределена во неколку клубови и во националниот тим:
672 гола – Барселона
114 – Аргентина
73 – Интер Мајами
32 – ПСЖ.
Покрај тоа, аргентинскиот волшебник забележа и 399 асистенции, што значи дека бил директно вклучен во 1289 голови во текот на својата кариера.
Пред натпреварот против Нешвил, Меси ја доби наградата „Златна копачка“ во МЛС како најдобар стрелец во регуларната сезона, со 29 постигнати голови во 28 настапи. Со ова, тој продолжи со серијата индивидуални успеси, откако претходно ја освои европската „Златна копачка“ шест пати како најдобар стрелец во националните лиги.
Спорт
Спринтот во Сепанг за Бањаја, браќата Маркез влегоа во историјата
Возачот на Дукати, Франческо Бањаја триумфираше на спринт трката одржана во рамките на Големата награда на Малезија, 20-то коло од овогодинешното првенство во Мото ГП.
Италијанецот, кој не освои ниту еден бод по двојната победа во Јапонија, го постигна својот втор спринт триумф оваа сезона на патеката Сепанг, и тоа убедлив, со повеќе од две секунди предност пред Алекс Маркез од Гресини.
Помладиот Маркез ја обезбеди втората позиција во генералниот пласман, откако во Јапонија неговиот постар брат Маркез ја обезбеди титулата. Марк и Алекс станаа првите браќа што ги освоиле првите две позиции во шампионатот во која било класа.
На третото скалило на подиумот се најде вториот возач на Гресини, Фермин Алдегер, кој беше една секунда зад својот колега.
Со третото место Алдегер ја обезбеди титулата Дебитант на годината.
Постариот Маркез ја завршува сезоната со 545 поени, Алекс го следи со 388, додека Бањаја се врати на третото место со 286, еден повеќе од Бецеки.
Акцијата за Големата награда на Малезија продолжува во недела во 5 часот наутро, а трката од Кралската класа започнува во 8 часот наутро.
Спорт
(Видео) Дончиќ со 49 поени ја декласира Минесота
Лука Дончиќ ја обележа изминатата ноќ во НБА лигата. Ги предводеше Лејкерси до убедливата победа над Минесота Тимбервулвс со 128:110.
Словенецот брилијантно ја започна новата сезона, против Тимбервулвс постигна 49 поени, заедно со 11 скока и 8 асистенции.
Дончиќ стана првиот играч во историјата на НБА лигата кој постигнал повеќе од 40 поени, 10 скока и 5 асистенции во првите два натпревари од сезоната.
Освен Дончиќ, извонредно одигра и Остин Ривс, постигнувајќи 25 поени, со 7 скока и 11 асистенции, додека Руи Хачимура додаде 23 поени. Диандре Ајтон придонесе со 15 поени и 8 скока, со што Лејкерс ја потврдија својата доминација во сите сегменти од играта.
Кај Минесота, која го победи Портланд во првиот натпревар од сезоната, Ентони Едвардс беше најефикасен со 31 поен, додека Џулиус Рендл запиша 26 поени, 9 скока и 5 асистенции.
Резултати:
Торонто – Милвоки 116:122
Орландо – Атланта 107:111
Њујорк – Бостон 105:95
Бруклин – Кливленд 124:131
Хјустон – Детроит 111:115
Мемфис – Мајами 114:146
Њу Орлеанс – Сан Антонио 116:120
Далас – Вашингтон 107:117
ЛА Лејкерс – Минесота 128:110
Сакраменто – Јута 105:104
Портланд – Голден Стејт 139:119
ЛА Клиперс – Феникс 129:102

